Во Република Македонија постојат исклучително грди стереотипи врзани за адвокатската професија кои се провлекуваат со децении. Тоа е така првенствено поради спецификата на самата професија. Судски постапки подразбираат најмалку две страни, од кои едната секако ќе изгуби, а судските трошоци за адвокат, вештак, судски такси итн, не се нималку наивни. И како по правило, тоа е бидејќи „судијата е купен”, или бидејки адвокатот е „шемаџија”. Тоа секако не важи за страната која го добила спорот и која, за разлика од спротивната, нема да биде оптоварена со трошоци.
Адвокатскиот тарифник во плурална Македонија беше донесен во 1996 година како лична заслуга и борба на колегата Јован Дескоски, последниот вистински претседател на Адвокатска Комора. Во 2016-та година имаше измени на адвокатската тарифа со зголемување на износите. Ова нормално беше начекано на нож од пошироката јавност, базирана на истите предрасуди, притоа заборавајќи дека тарифникот беше непроменет дваесет години, а за истото време животните трошоци енормно пораснаа.
Конкретно, адвокатската тарифа на Адвокатската комора на Македонија е НАЈНИСКА во регионот. Тоа никогаш нема да го прочитате од зли јазици. И тоа говориме за оваа тарифа од 2016 -та година, а претходната беше на срамно ниво компарирано со земјите од Балканот. Внимавајте, говориме за Балкан, а камоли за високоразвиените земји со кои секако не би можеле да се споредуваме.
Адвокатскиот тарифник предвидува МИНИМУМ награда за адвокатот, под кој тој не смее да работи, во спротивно чини потешка повреда на Кодексот на адвокатска етика, за кој е предвидена дисциплинска постапка. Над предвидените износи може да се наплаќа, но строго ако е така обострано договорено со писмен договор како слободно изразена волја на двете страни.
Споредено со Србија, Бугарија и Босна и Херцеговина адвокатската тарифа на нашата Комора е во одредени сегменти и двојно помала од српската на пример. На мое изненадување, во еден дел тарифникот на Комората на БиХ, е и неколкукратно повисок од нашиот. Но, да не одиме во компарации, веројатно аргументот на некои луѓе би бил дека тарифникот е превисок за домицилни услови со просечна плата од четиристотини евра. Primus, адвокатура е професија која што покрај формално образование, кое трае осум до десет години, бара константно надградување и вложување во себе и нормално е да е високоплатена професија. Secundus, во јавноста се пласираат износи на заработка на адвокати на годишно ниво од триста или четиристотини илјади евра.
Овие износи ги гледаат десетина, максимум петнаесет адвокати, добар дел од нив владини деца и се мисловна именка за најголемиот дел од три илјади македонски адвокaти. На пример никогаш нема да прочитате во јавност дека од три илјади адвокати, четиристотини и педесет се со блокирани сметки, односно не можат да ги намират ни основните трошоци.
А тие не се мали. Ако сте млад адвокат, штотуку лиценциран на 25-6 години и немате свој деловен простор, минималните месечни трошоци ќе бидат најмалку триесет илјади денари, што е сериозен товар за адвокат-почетник кој е непознат во јавноста, имајќи предвид дека кај нас рекламирањето е забрането (и треба да биде), па странки доаѓаат најчесто по препорака. Ова сметам дека е важно да се истакне бидејќи константно се шират предрасуди дека отворате адвокатска канцеларија и пари врнат, што е светлоносни години далеку од вистината.
Она што е важно да се напомене, и што не е баш познато кај пошироката популација е дека адвокат не смее да одбие давање на правна помош на сиромашна странка. Тоа е така бидејќи тоа е чесна и традиционална задача на адвокатурата и никој не смее да остане без правна помош поради недостиг на средства. За жал многу мал дел од луѓето го знаат ова, а уште помал дел од нив го користат ова право. Затоа ги потикнувам сите граѓани кои се сиромашни, а имаат потреба од правна помош, слободно да се обратат до било која адвокатска канцеларија, а доколку бидат одбиени веднаш да го пријават во Адвокатска Комора.
Автор на текстот: Адвокат м-р Јанаки Митровски