ПАРИ АНАЛИЗА|Од сите страни стигнуваат песимистички најави за инфлацијата во наредните месеци, со посмирувачки тонови за нареднaта година, иако и за тогаш се сменија прогнозите во нагорна линија. Домашните преработувачи го запалија алармот укажувајќи дека цените на некои прехранбени производи може да се зголемат и до 50 проценти, а дека од поскапување нема да се спаси ништо – ниту лебот, ниту месото, ниту млечните производи.
Цените веќе одамна не се она што беа. Како што знае често да каже народот, сега со илјадарка не може ништо да се купи. За една година цената на зејтинот се зголеми за 40-тина проценти, цената на 500-грамски домашен леб „скокна“ од 28 на 38 денари, цените на јогурти се зголемија за 10-тина проценти, поскапеа и другите млечни производи-од урдата до овчото сирање, а и цената на бурекот, традиционалниот „уличен“ појадок, се зголеми во голем дел од пекарите.
– Се сеќавам на времето кога купував една четвртина бурек за 30 денари, а сега стана 50 денари. Практично, сега речиси за истите пари, место четвртина, купувам осмина бурек. Од друга страна во овие години,откако бурекот беше 30 денари, мојата плата не се зголеми за повеќе од 50 проценти – команетира наша сограѓанка.
Незaдоволни се и купувачите и продавачите на зелените пазари. Продавачите велат дека со климатските промени , земјоделскиотот производство станува се потешко, а дека цените годинава се едвај малку поголеми од лани и дека тие не можат да ги покријат производните трошоци. Купувачите, пак, се во паника од трошоците за зимница.
– На вреќа ги продаваат пиперките по 40 денари, а за една тегла ајвар треба неколку кила пиперки. Поситните и поубави корнишоните еве ги на пазаров по 70 денари за килограм. Годинава, нема да можам да направам зимница како порано – загрижено вели една госпоѓа која ја сретнавме на Зелениот пазар.
Порталот „Пари“ ги анализираше официјалните податоци – што тие кажуваат за инфлацијата. Сојузот на синдикати, секој месец пресметува „синдикална минимална кошница“. Како што информира ССМ, во кошницата се влезени сите потреби на едно четиричелно семејство, кое нема трошоци за автомобил, затоа што и нема сопствено возило и кое ги користи основните прехранбени производи и евтини средства за хигиена. Во кошницата се влезени и комуналните трошоци, трошоците за домување, за здравство и основни трошоци за култура што подразбира еднаш месечно одење во кино и редовно купување на еден неделен и еден дневен весник, а не се влезени трошоците за рекреација, образование, хотели и ресторани и семејни прослави. Првата „синдикална кошница“ е пресметана во декември 2010 година и таа „тежела“ 29.199 денари. Последната кошница е пресметана за август и таа чини 34.342 денари, односно е за 5.143 денари поскапа.
Податоците на Државниот завод за статистика, пак, покажуваат дека во декември 2010 година просечната нето-плата била 21.454 денари, а според последните расположливи податоци, таа во јули изнесувала 28.540, или имало раст на платите од 7.086 денари. Релано, растот на платите бил поголем од растот на инфлацијата. Но, реално, ако се изземе инфлацијата, односно поскапената синдикална кошница за 5.143 денари, просечната нето плата не се зголемила за 7.086 денари, туку за 1.943 денари.
Податоците на Народната бнака за инфлацијата од 2010 година (просек, на кумулативна основа) покажуваат дека високи инфлации, над 3 проценти, сме имале во 2011 година (3,9%) и во 2012 година (3,3%). Дефлација имало во 2014,во 2015 и во 2016 година, но како што е познато во економската наука, и падот на цените не е добар- односно дестимулирачки влијае врз економскиот раст.
Последните расположливи статистички податоци за годинава се за август и тие покажуваат дека трошоците на живот во август биле за 3,6 проценти поголеми од оние во август 2020 година.
Минимална синдикална кошница, инфлација и нето-просечна плата низ годините
година | Синдикална минимална кошница за декември (во денари) | Просечна кумулативна инфлација во однос на претходната година | Нето – просечна плата (во декември) |
---|---|---|---|
2010 | 29.199 | +1.6% | 21.454 |
2011 | 30.348 | +3,9 % | 21.415 |
2012 | 32.015 | +3,3% | 21.496 |
2013 | 32.216 | +2,8% | 21.500 |
2014 | 32.238 | -0,5% | 22.407 |
2015 | 32.233 | -0,4% | 22.715 |
2016 | 32.104 | -0,2% | 23.457 |
2017 | 32.475 | +1,4% | 23.850 |
2018 | 32.671 | +1,5% | 25.784 |
2019 | 32.732 | +0,8% | 26.839 |
2020 | 33.697 | +2,3% | 28.198 |
Редакција Пари