Од почетокот на пандемијата и нејзините први ефекти кон глобалната економија, се прават претпоставки околу тоа кога ќе започне да се стабилизира економската ситуацијата, со каков интензитет ќе се одвива опоравувањето и кои мерки треба да се превземат за таквиот тек да биде што по безболен за сите. Откако стагнацијата и рецесијата се веќе евидентирани и може нумерички да се изведат нивните влијанија врз целокупното економско движење, сега се поставува прашањето дали враќањето во нормала ќе се одвива според траекторија на латинските букви L,V или W, или пак ќе завземе форма на буквата К? Можеби буквата К е најсоодветниот пристап за сликовито објаснување на пост кризниот период од аспект на микроекономија, додека макроекономистите секогаш ќе бидат во насока на комплетирање на бизнис циклусот и формирање на V или W опоравување.
Од досега расположливите податоци и перцепцијата за функционирање на одредени бизнис сегменти, како и генерираниот обем на работа во последниот квартал од 2020 и првиот квартал од 2021 година забележливи се движења според структурата на буквата К. Односно, после падот на глобалното бизнис опкружување, сега следи период во кој има две дијаметрално спротивни патеки. Една патека значи стабилизација и пораст на бизнисот, додека другата патека означува побавно враќање во нормала кое дури може да генерира дополнителен пад на активноста.
Раздвоено во неколку сегменти, опоравувањето во формa на буквата К ќе значи следно:
- Секторска диференцијација – Одредени сектори како фармацефтско производство и дигитална технологија веќе евидентираат огромен пораст во работењето и приходите и веќе се насочени кон дополнителни инвестиции. Од друга страна има сектори како туризам и услуги каде никако не се гледа крајот на стрмната надолна страна од буквата.
- Диференцијација во дистрибуцијата на приходот – Евидентно е дека обликот на буквата К ќе има одраз и кај индивидуалните приходи. Односно, богатите ќе имаат многу побрзо опоравување, додека сиромашните слоеви ќе се соочат со продолжено дејство на кризата.
- Ефектот на монетарната и фискалната политика – Анализирано од аспект на поставеност на економска политика, властите се одлучуваат за одредени потези со цел да опфатат што поголем процент од критичната маса. Ако се добро поставени политиките ефектот ќе биде позитивен за поголемиот дел од засегнатите, но за останатите сегменти позиционираноста на политиките негативно ќе се одрази врз севкупното работење. Тука зборуваме за поставеноста на даночната политика, монетарните олеснувања од страна на централните банки, таргетираното ниво на инфлација и сл. И во овој случај доаѓаме до раздвојување во облик на буквата К.
Без разлика дали ваквиот период го дочекувате од страна на сопственик на бизнис кој со бори да се врати на стари патеки или индивидуалец кој не успева да најде работа или се соочува со намалени примања, малата искра која буди позитивни елемнти е тоа што сеуште има време да се фати нишката од буквата К која води нагоре. Не дека нешто ќе се смени преку ноќ и ќе се најдете на посакувата патека, туку напротив излезот од оваа ситуација треба да се бара во реалноста, а таа често е сурова. Да, нема да може да се вратиме во нормала доколку не промениме ништо кај себе и чекаме помош од државата или да се надеваме дека ново одобрен грејс период на отплата на обврски или нов кредит ќе ја подобрат ситуацијата. Напротив, само ќе се влошува. Она што е потребно да се направи е промена во начинот на размислување, преструктуирање на силните страни кон новите пазари кои се во подем, правење на хируршки резови во досегашните навики и активности, користење на ниските каматни стапки за започнување нови бизниси или дообразување/преквалификување, ставање во функција на се она што било акумулирано како пасивен имот и со мали чекори напред да се остваруваат големите планови.
Познатиот економист Јозеф Шумпетер студирајќи ги големите рецесии го создал концептот на креативна деструкција – процес на индустриска мутација која ја уништува старата економска структура, а притоа непрестајно создавајќи нова.
Редакција Пари