ПОВЕЌЕ

    Финансискиот сектор имун на црни лебеди

    Време зa читање: 4 минути

    Терминот Црн Лебед во економската литература беше популаризиран од страна на професорот по финансии Насим Николас Талеб, кој во 2007 година ја изнесе идејата за појавата на Црн Лебед. Според него Црните Лебеди се настани кои е невозможно да се предвидат поради нивната екстремна реткост, имаат катастрофални последици и можат да се објаснат само во ретроспектива. Црните Лебеди во голема мера ја имаат обликувана историјата на технологијата, науката и бизнисот, а како што поврзаноста на светот се зголемува, така црните лебеди стануваат се позачестени. Од друга страна нивната појава многу малку се инкорпорирала во елиминирањето на човечките слабости, особено при користењето на стандардните статистички алатки. Имено, антиципирањето на иднината во голема мера се ослонува на статистичките податоци од минатото, а во нив се елиминираат црните лебеди. Професорот Талеб во својата книга Црниот Лебед дискутира за потребата за тоа секогаш појавите на Црн Лебед да се сметаат како веројатен настан и секогаш во идните планови да бидат значаен ризик фактор.

    Ретроспективно најбитните Црни Лебеди кои го променија финансискиот свет се следните:
    – 1997 Азиската финансиска криза
    – 2000 Пукање на технолошкиот балон или Dot-Com кризата
    – 2008 Глобалната финансиска криза
    – 2009 Европската должничка криза
    – 2015 Црн понеделник во Кина
    – 2016 BREXIT
    – 2020 COVID-19

    Од оваа гледна точка, кога сеуште се справуваме со последиците од здравствената криза, која премина и во финансиска криза со значајни последици врз бизнисот прашањето е што треба да се направи со цел да се намали факторот на изненадување од појавата на Црните Лебеди и кои менаџерски активности треба да се инкорпорираат во работењето. Две активности се клучни во предвидување на непредвидливото:

    1. Менаџирање на ризикот – доколку имаше негатори на инсталирањето на служби за менаџирање со ризик, оваа криза ги сруши и последните поборници. Дури и помалите компании треба да најдат средства и човечки кадар кој ќе може да го имплементира ризик менаџментот низ целокупниот процес на работа. Преку анализирање на стратегиските, оперативните и финансиските ризични категории се дава поткрепа на опстанокот и зачувување на пласманите на акционерите.

    2. Стрес тестови – овој тип на анализа преку серија од стрес тестови не може да ги предвиди Црните Лебеди, ниту да го елиминира менаџирањето со ризикот. Напротив, стрес тестовите треба да бидат комплементарни и да го надополнуваат ризик факторот. Преку оценка за негативниот импакт од екстремни настани може во голема мера да се хеџира потенцијалниот ризик.

    Како националниот финансиски систем одговори на последниот Црн Лебед? Одговорот најверојатно лежи некаде помеѓу изненадувачки одлично и беспрекорно.

    Од аспект на финансискиот сектор, банките дадоа најголем придонес во справувањето со кризата соочени со наплив на голем број на клиенти и апсорпција на стечајна постапка врз банка која водеше до префрлање на трансакциски сметки, депозити и кредити. Покрај тоа, следуваше и исплата на субвенции и различна помош за најранливите категории, надградба на системите за електронско банкарство и поддршка во вид на кредитирање на компаниите и физичките лица, како и одлагање на редовните отплати. Сето тоа се водеше во ситуација кога имаше намален број на вработени и различни рестрикции за управување со човечките капацитети. Од страна на осигурителните компании продолжи трендот на креирање адекватни решенија за новонастанатата ситуација и голем дел од нив го имплементираа ризик факторот Covid-19 во нивните полиси. НБРСМ, иако критикувана за одлуката за спроведување стечај врз Еуростандард банка, сепак на вистински пат ја водеше монетарната политика и можеби го даде најдобриот пример за управување со ризични ситуации. Тука, секако треба да се напомене и поддршката на Развојната банка, финансиските институции за микро кредитирање, Македонската берза и Стопанската комора кои со своето делување придонесоа за подобро амортизирање на шоковите и изнаоѓање алтернативни решенија.

    Финансискиот сектор уште еднаш докажа дека има капацитети да се справи со доста деликатни состојби но и дека има адекватна стабилност и може да биде потпора за иден раст на земјата. Покрај тоа, справувањето со оваа криза од страна на финансиските институции може да биде буквар за сите останати бизниси, а нивното искуство да биде водилка кон современ, аналитичен и конструктивен ризик пристап.

    Д.С.Б

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично