ПОВЕЌЕ

    ЕНГЕЛСОВ КОЕФИЦИЕНТ – ИНДИКАТОР ЗА НИВО НА СИРОМАШТИЈА

    Време зa читање: 4 минути

    Автор: Стручен соработник на Пари
    Извор на фотографија: Wikipedia

    Доста чест израз во македонската статистика е износот на потрошувачка кошница. Колку тоа и да звучи ограничувачки, смешно или недостижно, сепак поентата е дека секогаш вредноста на платите се става во корелација со задоволувањето на основните потреби, а од друга страна го покажува и нивото на зголемување или намалување на цените на добрата. Во блиски односи со индексот на потрошувачка кошница е и Енгелсовото правило или закон, чии основни постулати се однесуваат на фамилијарниот буџет и неговата пропорција со вкупните приходи. Преку него, уште во 1857 година познатиот статистичар Ернест Енгел ја прикажал меѓузависноста помеѓу тие две варијабли, а неговите законитости сеуште се неоспорени.

    Истражувањата на Енгел покажаа дека при зголемување на вкупните приходи не се зголемува процентуалното трошење на истите за задоволување на основните потреби. Односно, доколку платата порасне за 200 ЕУР, не се зголемува за ист износ трошокот на основни потреби. Можеби очекувано е тој да порасне, но процентуално нема да биде колку што пораснале приходите. Од таму, заклучокот е дека задоволувањето на основните потреби на сиромашните зафаќа многу поголем процент од вкупните приходи, во однос на побогатите. Таа нееднаквост е причината за неговите истражувања кои може да се сублимираат во следните постулати:

    • Како што се зголемува фамилијарниот буџет, процентот на потрошени приходи за основни потреби се намалува, иако вкупниот износ се зголемува.
    • Процентот на потрошен приход за облека, рента и енергенси останува непроменет за секое ниво на приход.
    • Процентот на потрошен приход за образование, здравство и забава се зголемува со секое зголемување на приходите.
    • Сиромашните многу тешко ќе можат да си дозволат да потрошат дел од својот приход за образование, здравство или забава поради тоа што најголемиот дел од приходот го користат за задоволување на основните потреби.
    • Бидејќи сиромашните трошат најголем од своите приходи за основни потреби, секое зголемување на цените или даноците ќе има поголем одраз врз нив, него врз богатите.

    Тука се поставува прашањето дали носењето на економските одлуки на владите, пред се фискалните, треба да го имаат во предвид Енгелсовото правило? Одговорот треба да биде ДА. Било која држава која се залага за еднаквост на сите, каде намалувањето на социјалните разлики помеѓу луѓето се приоритет во дневната агенда и каде што владеат начелата на демократија, ова правило треба да биде основен патоказ. Во последните 30 години се изнаслушавме за најразлични фискални и монетарни политики, но не може да се најде податок за висината на Енгелсовиот коефициент – кој е пропорција од парите потрошени за основни потреби во вкупните трошоци. Истиот е индикатор за стандардот на живеење на нацијата и се зголемува како што луѓето стануваат посиромашни, а се намалува кога стануваат побогати.

    Можеби попаметно ќе биде наместо да се занимаваме со дневна политика и остварување на нашите аспирации за европска интеграција, нашите заложби да бидат насочени кон намалување на овој коефициент, секако откако еднаш ќе го измериме. Во таа насока опортунитетниот трошок од оваа релација ќе може многу полесно да се измери само доколку има некој кој ќе ги брани интересите на сиромашните. За жал, нивниот број во нашата држава не е мал и истите претставуваат група која не може сама да се носи со предизвиците кои ги пратат. Овој текст е повик до сите носители на економските политики да посветат дел од својата анализа врз оваа општествена група кога се носат одлуки за зголемување на одредени цени на енергенси, суровини за производство, поставување на царини, одредување на директните и индиректните даноци, одлуки поврзани со основните каматни стапки, одредување на таргетираното ниво на инфлација и уште ред други битни економско-социјални одлуки. Оваа грапа на луѓе не по своја воља го има сегашниот статус во општеството и не мора да значи дека тој статус ќе ги следи во текот на нивниот живот. Сепак, без разлика на нивните идни аспирации и можности, тие заслужуваат и нивно загарантирано право е да може да се информираат за импликациите од сите овие наведени политики врз нивниот сегментиран Енгелсов коефициент.

    Автор: Стручен соработник на Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично