ПОВЕЌЕ

    TOW: Црвено копче

    Време зa читање: 5 минути

    „Црвено Копче” значи дека на вашиот вработен му е дојдено преку глава или дека нешто „гори” во фирмата. Тоа значи дека овој концепт може да се разгледува од 2 перспективи:

    1. Од аспект на вработен (индивидуална перспектива) – тоа значи дека некој од вработените не е задоволен од нешто/некој итн. и тоа многу му пречи во реализација на задачите и влијае на неговата продуктивност и мотивација.

    2. Од аспект на компанија (тимска, компаниска перспектива) – нешто не е добро од аспект на тимот во целост (или дел) и/или дека некоја активност што се презема, од страна на повисокиот менаџмент, оди во погрешна насока и важно е да биде информиран.

    Овој неделен совет се однесува највеќе за газди, директори, менаџери и сите оние кои преземале одговорност за она што ќе/се случува следно. За оние кои не се на оваа листа, може да им предложите на вашите менаџери да воведат ваков модел (алатка) во вашата компанија. Иако, да не се правам паметен и ние кај нас го немаме официјално воведено (но сметам дека неофицијално постои и се негува како правило во фирмата), но еве од сега ќе може и да го официјализираме.

    Кога се користи „црвеното копче”!? Секако нема да биде убаво за која било компанија, ако менаџерите се занимаваат со „скршениот нокот на колешката”. Затоа, потребно е да има некој кодекс и критериуми според кој ќе може да се искористи правото на „црвено копче”:

    1. Оптовареност со работа – ако сте моментално пребукирани со обврски и со задачи, а знаете дека тоа е поради некој проект што мора да се заврши брзо, тогаш нема потреба од паника. Но, ако тоа е во континуитет и постојано, тогаш треба да се реагира кај менаџерот да се релаксирате од обврските или, пак, да ви дадат дополнителна помош.

    2. „Психолошки игри” од колеги или мобинг – ова значи дека имате психичко малтретирање на работното место. Тука е вклучено, деградација, повреда на човекови права, наштетување на психичкото и физичкото здравје, како и сексуални манипулации и злоупотреби. Веднаш треба да го известите вашиот линиски менаџер или, ако треба одете и повисоко.

    3. Рамнодушност – ако некој од вработените почувствува рамнодушност кон работата, фирмата, колегите, тоа значи дека веќе е откажан. Тоа може да биде многу неповолно и за вработениот и за компанијата. Затоа, веднаш е потребно да се реагира кај надредените. Можеби во оваа ситуација е веќе и доцна за „црвеното копче”.

    4. Групно незадоволство – можеби дел или целиот тим не е задоволен од некоја одлука или активност на менаџерите. Убаво е да се ислушаат вработените и да се најде начин како тоа да се преброди. Кај нас, кога ќе дојде Кики со некој предлог, а што се однесува за доброто на сите, знаеме дека веќе синдикатот се собрал и дискутирал за проблемот, и праќаат претставник кај нас.

    5. Незадоволство од страна на клиент – ја знаете математиката!? Ако еден клиент се жали кај менаџментот, тоа значи дека 24 други, исто , сакаат да се пожалат, ама не се жалат. Секое губење (или незадоволство) на клиент мора внимателно да се анализира, испита и увиди што може да се направи за да се врати и да се задржи или барем во иднина да не се повтори истата ситуација.

    6. Нелегална активност – ако некој ве тера да преземете нелегални или криминални активност, што е спротивно на вашиот кодекс на работење, притиснете го „црвеното копче”.

    Секако дека постојат и други моменти кога може да се искористи правото на „црвено копче”, но секако тоа зависи и од типот на компанијата и предефинираните правила/кодекс на однесување и работење на компанијата.

    Инаку, правилото за решавање на некој проблем кај нас во фирма е низ 3 нивоа:

    НИВО 1: Реши го проблемот сам!
    НИВО 2: Побарај помош од колега!
    НИВО 3: Барај го претпоставениот! Или, притисни го ЦРВЕНОТО КОПЧЕ!

    Јас не велам дека сега треба да се прави драма околу секоја ситуација но, дека убаво е да се слушне мислењето на секој од вработените, без оглед дали станува збор за индивидуален проблем или од аспект на работењето на компанијата во целост. Бидејќи, ако постои незадоволство од страна на вработените и тоа трае подолго време, губат сите, и вработените и компанијата.

    „Tip of the Week“ се авторски текстови што се објавуваат на www.pari.com.mk во соработка со www.tipoftheweek.co обработуваат теми од секојдневниот живот коишто помогат да го подобрите вашето лично и професионално работење. Како сублимат на првите 100 совети издадени се единствените прирачници за личен и професионален развој:

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично