ПОВЕЌЕ

    (Де)стимулација да се биде кредитобарател со висок кредитен рејтинг

    Време зa читање: 4 минути

    Кога станува збор за одобрување на кредити, банките се трудат да ги идентификуваат кредитобарателите кои не би успеале навремено да го сервисираат својот долг. Притоа, за да ја остварат оваа цел, банките користат најразлични методи и системи за анализа на кредитни апликации. Оценката за степенот на сигурност на кредитобарателот се донесува врз основа на неколку критериуми. Овие критериуми може да се стават во неколку основни групи и тоа:

    • Место на работење;
    • Висина на приходи;
    • Степен на задолженост;
    • Вредност на колатерал;
    • Историја на отплаќање на рати за кредити;
    • Дали кредитобарателот е жирант.

    Собраните податоци за критериумите кои припаѓаат во некоја од наведените групи, се заведуваат во системот за евалуација на банките. Следствено, системот дава општа оценка за тоа дали кредит за кој е аплицирано е соодветен и/или дали треба да се одобри бараниот кредит на апликантот. Треба да се напомене дека крајното одбрување не е целосно засновано на оценката на системот. Одлуката за одобрување зависи и од анализата на фактори кои не се квантифицирани. Оценката за квалитативните фактори ги дава вработениот во банката, или кредитниот одбор доколку станува збор за поголем износ на кредит.

    Треба да се напомене дека системите за евалуација на степен на ризичност (кредитниот рејтинг) на кредитобарателите имплементирани во банките во земјите во развој и развиените земји, се слични.

    Меѓутоа, постои една голема разлика кога станува збор за одобрување на заеми на клиенти со различен кредитен рејтинг. Разликата е во тоа што во развиените земји кредитите се одобруваат со различни услови за кредитобаратели со различен кредитен рејтинг. Имено, на кредитобарател со висок кредитен рејтинг би му се одобрил кредитот со подобри услови, споредено со клиент со низок кредитен рејтинг. Различните услови може да стимулираат одговорно однесување на клиентите со цел во иднина да бидат во можност да добијат подобри услови за кредит.

    Како што беше напоменато, слични практики за евалуација на клиентите се применуваат од страна на банките во различни земји. Па така, во Република Македонија, на пример, банките ги категоризираат своите клиенти според институцијата во која работат, односно дали се вработени во јавни претпријатија или државни институции, во акционерско друштво или во компании од приватниот сектор. Преку оваа категоризација банките се во состојба да го видат нивото на стабилност на приходите. Исто така, банките ја гледаат историјата на клиентот, односно дали редовно ги подмирувал своите кредитни обврски.

    Додека методот за евалуација на кредитниот рејтинг во Република Македонија се базира на слични критериуми, условите кои ги нудат банките се различни. Во Република Македонија банките може да нудат подобри услови согласно категоријата на кредитобарателот. На пример, вработен во државна институција можеби би плаќал малку пониска каматна стапка споредено со вработен во приватниот сектор. Но, доколку се земат предвид клиенти кои се во иста категорија, тогаш не постои разлика во висината на каматната стапка. Мала разлика може да се појави во однос на тоа дали клиентот прима плата преку банката во која аплицира за кредит или не.

    Кога станува збор за условите под кои се одобрува кредит на високо ризична категорија на клиент и клиент со низок степен на ризик, разлики може да се појават во нивото на колатерал кое би го побарала банката.

    Додека банките се заштитуваат од кредитниот ризик кога одобруваат кредит на клиент со низок кредитен рејтинг преку зголемено ниво на колатерал, каматната стапка која ја наплаќаат, не се разликува.

    Слободно може да се каже дека за два клиента кои работат во иста институција, се наплаќа иста каматна стапка. Независно од тоа што едниот кредитобарател можеби навремено ги сервисирал своите обврски, додека другиот кредитобарател покажува несоодветна историја на подмирување на кредитните обврски.

    За разлика од банките во Република Македонија, банките во развиените земји наплаќаат различни каматни стапки за клиенти со различен кредитен рејтинг. На овој начин ги стимулираат постоечките и новите клиенти да покажат дисциплина во однос на управувањето со нивните финансии.

    Автор: Вон.Проф. д-р Зоран Темелков

    Повеќе текстови од авторот, [ тука ]

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично