ПОВЕЌЕ

    3 милијарди евра европски пари за Македонија

    Време зa читање: 3 минути

    Македонија може да смета на речиси 3 милијарди евра директна европска помош од тазе усвоениот седумгодишен буџет на ЕУ. Минатата недела беше потпишана првата транша од 160 милиони евра, кои ни беа одобрени во мај, како директна помош за справување со последиците од глобалната епидемија. Лидерите на земјите членки на ЕУ, по четиридневни тешки преговори и пазарења, успеаја да го договорат повеќегодишниот заеднички буџет и Фонд за закрепнување. Вкупниот износ на пакетот e 1.824 милијарди евра, од кои 1.074 милијарди се во рамките на заедничкиот буџет за периодот од 2021 до 2027 година. Фондот за закрепнување на ЕУ изнесува 750 милијарди евра, а се состои од 390 милијарди неповратна помош и 360 милијарди заеми. Овој фонд ќе биде финансиран со заедничко задолжување на ЕУ на светските пазари на капитал, а рокот за отплата на заемот е крајот на 2058 година.

    Ова е историски договор, бидејќи ЕУ за првпат гарантира на светските пазари како целина. Многу важно за нас е што во рамките на Фондот за Соседството и свет е и Инструментот за претпристапна помош (ИПА) за земјите кои се во процес на евроинтеграција, за што во наредните седум години се наменети 12,5 милијарди евра. Во претходниот буџетски период за ИПА фондовите беа издвоени 11,7 милијарди евра. Многу е важно што европските институции побрзо реагираат и ни излегуваат во пресрет – изјави за “Слободен печат”, Калинка Габер, државна секретарка во Секретаријатот за европски прашања.

    Инаку, минатата недела веќе се потпиша првата транша од европската помош во висина од 160 милиони евра, што значи дека 80 милиони евра ќе се слеат директно во Буџетот како буџетска поддршка за справување со последиците од пандемијата.

    На Самитот на ЕУ во мај, на земјава ѝ беше доделена европска помош од 3,3 милијарди евра, кои дел веќе се користат во разни форми – набавки медицинска опрема, заеми со нула камата за микро, мали и средни претпријатија, како комерцијални кредити или за активните мерки за вработување, додава Габер.

    Според договореното, најголема финaнсиска помош ќе добијат оние држави кои најмногу настрадаа од коронавирусот. За Шпанија и Италија се наменети по 140 милијарди евра, како земји со големи жртви во борбата со епидемијата. Од нашето соседство, Грција добива поддршка 70 милијарди евра, Хрватска 22, а Словенија 10 милијарди евра.

    – Ова е одлична вест за нас, бидејќи средствата ќе се користат од 2021 година. Трите милијарди евра се голема поддршка, а ќе се користат за зрели и крупни проекти. Ова се неповратни грантови, а за дел од нив ќе се бара кофинансирање од државата, или пак ќе треба да бараме други донатори. Колку повеќе средства искористиме, тоа ќе биде подобро за нас – изјави м-р Бојан Маричиќ, главен технички преговарач и Шеф на техничкиот преговарачки тим со ЕУ за Канал 5.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично