Дигитализацијата веќе не е избор, туку реалност која го менува финансискиот сектор, од инстант плаќања и QR-кодови, до персонализирани услуги базирани на вештачка интелигенција. Финтек решенијата не само што носат поголема брзина и удобност за клиентите, туку стануваат двигател на економскиот раст преку поевтини услуги, нови инвестиции и отворање работни места. За тоа како изгледа иднината на финансиите и зошто довербата и транспарентноста се најважни, порталот Пари разговараше со Биљана Мишиќ, извршен директор на Иуте Македонија.
Интервјуто е дел од серијата разговори во рамки на конференцијата „Бизнис Лидер“, која ги поврзува највлијателните лидери во Македонија со цел размена на идеи, визии и вредности за иднината на бизнисот.
ПАРИ: Денес сè почесто слушаме дека иднината на финансиите е дигитална. Во која насока треба да се движи развојот на финансискиот сектор во Македонија?
МИШИЌ: Финансискиот сектор веќе оди во таа насока, забрзана дигитализација со акцент на корисничко искуство, брзина и едноставност. Инстант плаќањата, QR-кодовите и електронските пари стануваат дел од нашето секојдневие. А кога ќе ја додадеме вештачката интелигенција и машинското учење, добиваме динамичност, персонализирана услуга и подлабока анализа на податоци. Тоа значи поголема безбедност, подобро управување со ризиците и превенирање на измамите. На крајот од денот, целта е јасна: клиентот да добие услуга која е брза, сигурна и скроена по неговите потреби.
Кај нас во Иуте, автоматизираното донесување на одлуки се заснова на минимална човечка интервенција, поткрепена со вештачка интелигенција и машинско учење. Но, најважно е што системите се градат врз принципи на транспарентност, одговорно финансирање, заштита на приватноста и фер однос кон клиентите.
ПАРИ: Се зборува дека финтекот е „револуција“. Дали навистина може да го забрза економскиот раст?
МИШИЌ: Без дилеми – да. Според истражувањата на McKinsey, во развиените европски земји како Естонија на пример, финтекот придонесува со 10% во бруто домашниот производ. Кај нас тој процент е под 0,5%. Автоматизацијата и дигитализацијата ги намалуваат оперативните трошоци, па услугите стануваат поевтини и подостапни. Брзите и евтини трансакции, дури и оние преку граници, го стимулираат меѓународниот бизнис. Потоа, платформите за краудфандинг и дигитални инвестиции им отвораат врата на старт-апите и малите компании за пристап до капитал, што пак носи нови бизниси и нови работни места кои бараат многу поголема експертиза за обработка на големи и комплексни податоци. Сè ова создава еден позитивен круг, финтекот станува вистински двигател на економскиот раст.
ПАРИ: Како ја оценувате постоечката регулатива за финтек индустријата кај нас?
МИШИЌ: Македонија веќе прави крупни чекори во таа насока. Бевме прва земја во регионот која уште во 2019 година го усвои Законот за електронски документи и електронска идентификација, со што се создаде почва за дигитална трансформација на бизнисите, но и институционалните услуги. Понатаму, во 2022 година, Народната Банка во соработка со ЕФСЕ ја изготви Националната финтек стратегија која има цел да го зајакне системот и да го приближи до европските стандарди. Новата регулатива за платежни услуги и платни системи воведена во 2023 година и која е усогласена со европското законодавство, отвора врата за иновативни сервиси, подобра поврзаност меѓу различни системи и целосна дигитализација. Интеграцијата со СЕПА ќе значи поедноставени и поевтини плаќања во странство. Тоа значи дека не зборуваме за далечна иднина, тоа е нешто што веќе почнува да се случува.
ПАРИ: „Купи сега – плати подоцна“ станува сè популарен модел. Како функционира ова кај нас?
МИШИЌ: Овој модел е одличен пример за интегриран финтек. Клиентот купува онлајн и веднаш може да избере да плати на рати без да излезе од дома. Сè се завршува преку мобилна апликација, од информација, преку аплицирање, до одобрување за само неколку минути.
Податоците за кредитната способност се обработуваат автоматски преку алгоритми и машинско учење, што го прави процесот неверојатно брз. Нашата 360’ платформа обединува огромни бази на податоци и ги поврзува сите канали – мобилна апликација, филијала, контакт-центар, Македонско кредитно биро во поглед на финансиски обврски и платформа за интероперабилност за приходи и вработување, Евротраст шема за дигитална верификација на идентитет и останати модели за овозможување на персонализирано искуство за клиентот.
Но, колку и да е технологијата моќна, човечкиот фактор останува важен за советување, , поддршка и проактивно дејствување. Довербата и транспарентноста се нешта што технологијата не може да ги замени.
ПАРИ: И за крај, како ја замислувате иднината на финтекот?
МИШИЌ: Иднината е во таканаречениот embedded модел на финтек услуги кои ќе станат „невидливи“ и дел од нашето секојдневие. Плаќањата, кредитирањето или осигурувањето ќе се случуваат во позадина на корисничките апликации кои ги користиме за купување на добра или услуги, без да мораме да одиме во банка или осигурителна компанија. Тоа ќе значи огромна удобност и подлабок однос меѓу клиентот и финтек-компанијата.
Но, со тоа расте и одговорноста, колку повеќе услугите стануваат невидливи, толку повеќе компаниите мора да гарантираат транспарентност, фер услови и целосна заштита на податоците. Клучот е довербата, без неа, ништо од ова нема смисла.
Ние не автоматизираме и иновираме само заради брзина, туку затоа што веруваме дека иднината на финансиите е персонализирана, паметна и достапна за сите.
Катерина Михајлова