Се заострува трговската битка помеѓу Соединетите Американски Држави и Европската Унија. ЕУ го заострува тонот и подготвува пакет одмазднички мерки вредни 72 милијарди евра, како реакција на најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за нови царини од 30% на европскиот увоз, кои треба да стапат на сила од 1 август.
Иако двете страни преговараат со месеци во обид да избегнат трансатлантска трговска војна, најновата ескалација укажува дека компромисот е сѐ потежок. Европската комисија, која ја води трговската политика на блокот, веќе има подготвен список на стоки од САД што би се соочиле со нови царини – од авиони и автомобили, до бурбон и земјоделски производи. Листата опфаќа американски извоз во вредност од 72 милијарди евра.
Според најавите од Вашингтон, универзалната царина од 30% ќе се однесува на поголемиот дел од извозот на ЕУ во САД. Се воведува дополнителна царина од 25% за автомобилите и нивните делови, како и двојно зголемување на царините за челик и алуминиум. Трамп во изминатите денови испрати писма до 23 трговски партнери, вклучувајќи ги Канада, Јапонија и Бразил, во кои се најавуваат стапки меѓу 20 и 50%, како и специфична царина од 50% на увозот на бакар.
И покрај подготвените контрамерки, претставниците на ЕУ нагласуваат дека преферираниот исход останува договор. Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија, уште во април понуди модел за нула-царини за индустриски стоки, вклучително и автомобили, но Трамп го отфрли предлогот, тврдејќи дека не ги решава трговските дисбаланси.
Комесарот за трговија на ЕУ, Марош Шефчовиќ, изјави дека, ако не се постигне договор до 1 август, ќе биде „скоро невозможно да се продолжи со трговијата како што сме навикнати“. Тој додаде дека ЕУ ќе мора да ја заштити својата економија и дека „мора да бидеме подготвени да ги искористиме сите алатки“.
Земјите-членки веќе дискутираат за употреба на инструментот против принуда (ACI) – најсилниот трговски механизам на ЕУ, со кој би можеле да се воведат мерки како нови даноци за американските технолошки компании, ограничувања на американски инвестиции и пристап до европскиот пазар.
Во 2024 година, трговијата со стоки меѓу САД и ЕУ достигна речиси 1 трилион долари. САД купиле за 235,6 милијарди долари повеќе стоки од ЕУ отколку што извезле, што е еден од главните аргументи на Трамп за воведување нови царини. САД најмногу увезуваат европски фармацевтски производи, автомобили и машини, додека нивниот извоз кон ЕУ се состои од горива, авиони и машини.
Но потенцијалната трговска војна има сериозни економски последици. Според „Барклис“, царините од 35% од страна на САД и од 10% од ЕУ би можеле да го намалат растот во еврозоната за 0,7 процентни поени. „Оксфорд економикс“ проценува дека стапката од 30% може да ја турне ЕУ на работ на рецесија, додека Институтот IW од Келн пресметува дека Германија може да изгуби над 200 милијарди евра до 2028 година.
Во САД, контрамерките на ЕУ би ги погодиле чувствителни сектори – земјоделство, автомобилска индустрија и авиоиндустрија. Европа е меѓу најважните пазари за американските земјоделски производи, што значи дека царините би имале политичка тежина, особено во сојузни држави важни за реизборната кампања на Трамп.
Претставниците на ЕУ треба да се состанат уште оваа недела за да усогласат ставови и да го подготват теренот за евентуални контрамерки. Преговорите со САД продолжуваат, но времето истекува. Како што рече данскиот министер за надворешни работи, Ларс Локе Расмусен: „Ако сакате мир, мора да се подготвите за војна. И мислам дека тука сме.“