ПОВЕЌЕ

    Власта „игра“ со 280 милиони евра и 10.000 работни места – законот за игри на среќа ризичен за индустријата

    Време зa читање: 5 минути

    Повеќе од десет илјади луѓе ќе останат без работа, индиректно на 50 илјади лица ќе им биде загрозено работното место, државниот буџет ќе остане покус за повеќе од 280 милиони евра. Со предложеното законско решение Владата ќе им отвори простор на дивите коцкарници, а за малолетниците ќе нема никаква заштита. На тој начин целосно ќе се дерегулира засега најрегулираната дејност.

    Предлог-законот за игри на среќа и забавни игри, усвоен од Владата, предизвика бурни реакции од Асоцијацијата на спортски обложувалници. По начинот на кој се предлага, според АСОМ, овој владин состав не се разликува од претходниот. Велат, решението кое предвидува затворање на обложувалниците во близина на училишта, зголемени давачки и државен монопол на интернет-игрите, кое преку ноќ може да го урнеа легалниот сектор – не ги консултира засегнатите, нема јавна расправа, туку треба да се донесе во скратена постапка. Тоа е „повторување на катастрофалниот пристап кој го имаше и претходната влада“, сметаат од АСОМ, од каде што обвинуваат дека ова се предизборни калкулации за евтини политички поени.

    „Владејачката коалиција предизборно калкулира и за евтини политички поени во своите математики ја вклучи и индустријата за игри на среќа, која е најрегулираната гранка во државата. Со овој предлог-закон се загрозуваат над 10.000 директни работни места и повеќе од 50.000 индиректни во индустрии поврзани со игрите на среќа, а државниот буџет ќе изгуби повеќе од 280 милиони евра годишно. Ова ќе значи уништување на целата легална индустрија заради краткорочни политички поени пред избори“, децидни се од АСОМ.

    И предупредуваатограничувањата кои ги предвиде и претходната владејачка гарнитура – обложувалниците да се на 500 метри растојание од училиштата, нема ја помогнат борбата против малолетничка зависност. Едноставно, индустријата ќе ја префрлат на „диви“ канали и на нелегален пазар. Од АСOМ се уверени дека затворањето на легалните пунктови ќе предизвика бран нелегални казина и обложувалници, кои ќе ја избегнуваат даночно-стопанската регулатива и ќе шират криминал. Истовремено, ја критикува Владата за монополизирање на интернет-игрите преку исклучиво државно право за приредување.

    „Државата јасно и недвосмислено воспоставува монопол врз приредувањето на интернет игрите на среќа, целосно исклучувајќи ги лиценцираните приредувачи, кои нема да можат да добијат право да приредуваат посебни игри на среќа преку интернет. Покрај крајно монополистичките тенденции на Владата, оваа одредба е спротивна на наводните заложби дека интернет обложувањето ќе биде целосно спречено. Тоа не се спречува, туку сега ќе си го контролира само Владата и нивните претставници, на сметка на приватниот сектор“.

    На веб-страницата на АСОМ, каде што се препорачува – „Играј одговорно“, наведени се интересни податоци. На пример, 75 отсто од лицата што се обложуваат, во игрите на среќа вложуваат до 200 денари. Понатаму, 79 проценти од играчите мотивот за обложување го наоѓаат во забавата и дружењето. А, за 74 проценти ова е начин за активно следење на случувањата во спортот.

    Воедно, видливо е и предупредувањето до играчите дека обложувањетo има потенцијални ризици. „Факт е дека освен што добиваат, луѓето и губат кога се обложуваат. Затоа вие, вашето семејство и вашите пријатели треба да знаете како да се заштитите и да ги препознете кога обложувањето станува проблем“.

    Притоа, даваат и седум совети: обложувајте се со пари кои можете да си дозволите да ги изгубите; не се обидувајте да ја надоместите загубата; поставете си граница за пари; поставете си временски рок; немојте да се обложувате кога сте депресивни или вознемирени; направете баланс помеѓу обложување и други активности; обложувањето и алкохолот се лоша комбинација.

    Исто така, велат „создаваме можности за работа и кариера, го стимулираме бизнисот, поддржуваме проекти од областа на образованието и спортот и им помагаме на оние на кои помошта им е најпотребна“. Во прилог на ова, прикачени се низа информации кои упатуваат на нивната општествена одговорност – помош за настраданите во Кочани, донирани медицински апарати во повеќе болници низ државата, организација на крводарителни акции, инвестиции во спортска инфраструктура…

    За правилата, минатиот месец, во интервју за Пари зборуваше генералниот менаџер на спортските обложувалници „Евротип“ од Битола, Илија Илиевски. Меѓу другото, подвлече дека индустријата за игри на среќа нема потреба да се оправдува, туку да се трансформира, а затоа е потребна поголема комуникација со институциите на системот.

    „Сакам да потенцирам дека имаме една од најдобрите регулативи. Имаме ресурси, знаење и влијание, но дали ќе ги користиме за моментален профит или за долгорочна вредност, зависи од нас. Би посочил дека е потребна поголема комуникација со институциите на системот, посебно со законодавачот и со сите останати инволвирани во игрите на среќа… Игрите на среќа да ги подигнеме на ниво на забава, а не на поттикнување на општествени проблеми и оштетени семејства.

    Мојата порака е јасна: Одговорноста не ја спречува играта. Ја прави одржлива на долг рок“, нагласи Илијевски.

    Во рамките на АСОМ се „Моцарт“, „Спорт лајв“, „Златна копачка“, „Евротип“, „Марбет“ и „Максбет“. Како што велат, тие ги обединуваат законодавството, институциите, играчите и поддржувачите, индустријата на игрите на среќа во обложувалница и бизнис заедницата.

    Оттаму и прашањата што преку соопштението и ги упатија на власта:

    „За крај прашуваме јавно: Дали целта е да се отвори пат за нелегалниот бизнис од кој страдаше државата во минатото? Дали целта е да се монополизира индустријата од страна на поединци во Владата на сметка на приватниот сектор, со што ќе страдаат илјадници вработени? Дали Владата знае и е свесна дека законот во оваа форма нема да ги заштити граѓаните, туку ги става во ризик? За крај, прашањето е кој има интерес од ваквиот закон, кој еднаш беше отфрлен како штетен и погубен, и зошто се повторуваат рестриктивните практики кои никаде во светот не се покажале како успешни?“.

    Затоа, од АСОМ бараат да се повлече најавениот закон, односно да не влезе во собраниска процедура, а во меѓувреме да се овозможи отворена расправа која ќе резултира со закон по европски стандарди. Доколку тоа не се случи, можни се масовни протести.

    ИНТЕРВЈУ I ИЛИЈА ИЛИЈЕВСКИ: Одговорноста не ја спречува играта на среќа, ја прави одржлива

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично