Читајте квалитетна содржина на порталот ПАРИ – таму каде што информацијата вреди
Градежниците од делот изградба на станбени и нестанбени згради, со заеднички сили минатата година изградиле секторска добивка од точно 6.566.075.592 денари. Износот изразен во евра е поголем од 106,7 милиони евра. А тоа е дело на 8.738 лица, колку што лани биле ангажирани во овој сегмент.
За изградба на станови и други згради лани е потрошена речиси една милијарда евра!
Учинокот, пак, на петте најпрофитабилни компании меѓу нив е 17,32 проценти. За тие градежни друштва работи и остварува 9,26 отсто од вкупната работна сила.
Пари направи анализа токму на петте градежни фирми кои се издвојуваат по добивката остварена во 2024 година. Опфатени се и бројот на вработените, како и платите што им се исплатуваат. Податоците се обезбедени во соработка со Бизнис Мрежа. Воедно, уште еднаш се потврди дека не секогаш високите приходи се гаранција за исто таков профит.
Заедничката добивка на овие пет компании – две од Скопје, две од Струмица и една од Куманово е 18,5 милиони евра. Во споредба со 2023 година, има напредок од шест проценти.
И МАЛИТЕ ФИРМИ СЕ ВИСОКО ПРОФИТАБИЛНИ
Минатогодишното најголемо остварување го има друштвото за производство, трговија, услуги и градежништво, кое не фигурира на топ 10 листата најдоходовни градежници. Станува збор за Адора Инженеринг. Компанијата на Ванчо Чифлиганец во 2024 година изброила профит од над 4,6 милиони евра. Ова претставува раст од 37,3 насто во однос на 2023 година, кога добивката изнесувала 3,41 милиони евра. Компанијата е препознатлива по изградбата на станбени комплекси од повисока категорија. Границите на земјава се тесни за нивните градежни амбиции, па потписот на Адора се испишува во Србија, Грција, Словенија… И покрај тоа, кај приходната страна е забележан годишен пад од 40,41 отсто. Од 11,6 милиони во 2023 на ланските 6,9 милиони евра.
Во 2023 година бил на чело на колоната, а лани заостанал и е на втората позиција. Крмзов – МР и натаму високо котира, иако со значително намалена, односно повеќе од преполовена добивка. Воедно, тоа е и единствениот минус што се појавува на топ пет листата. Преклани се зборувало за 9,28 милиони, а лани за 4,11 милиони евра. Падот е измерен со 55,7 проценти. Наспроти тоа, Крмзов – МР е прв по приходите од 62,7 милиони евра. Сепак, не може да се занемари фактот дека сопственикот на струмичката градежна компанија, заедно со 22 свои сограѓани, е под сомнение за затајување и перење пари.
Извор: Бизнис Мрежа
Другата струмичка градежна фирма – Жикол, пријавила за повеќе од 34 насто повисок профит. Сумата е 3,33 милиони евра. Добивката се зголемила, а приходот опаднал. Додуша, за нецели четири отсто и изнесува 27,7 милиони евра. Тоа, пак, не ја менува сликата за компанија со цврста позиција, со способност за адаптација во секакви, па и во турбулентни услови.
Меѓу овие пет градежни друштва, по процентот на раст на добивката се истакнува А Плус Инженеринг. Фирма, која во однос на оваа конкуренција сѐ уште е „дете“, со оглед на тоа што постои од 2020 година. Меѓутоа, доволно за зголемување на профитот со високи 236,7 проценти. Во 2023 година износот бил под прагот на еден милион евра, а една година подоцна во таа ставка е внесена сума од 3,3 милиони евра. За неколку процентни поени е понизок растот на приходите (+236,33%) кои лани биле 5,4 милиони евра. Оттаму, малата фирма или го зголемила обемот на работа, или се завртела кон поефикасни оперативни практики.
Последна по сумата, а втора според процентуалното зголемување на профитот е Рапид Билд од Куманово. Растот е за 136,3 насто, а апсолутниот износ 3,06 милиони евра. Овој градежник е заведен и на листата 10 најдобри по приход. Со своите 23,5 милиони евра го зазема седмото место. Фирмата е присутна на сите градежни полиња. Гради станбени, деловни, индустриски објекти, гасоводи, патишта.
ПЕТ ДРУШТВА – 809 ВРАБОТЕНИ
Повеќедецениската практика, од осамостојувањето наваму, потврдува дека за да се овиваат работите, на градежните фирми им се потребни работници, но не и вработени. Во таа област бројни се човек-фирмите кои зад себе имаат високи достигнувања и добиени тендери.
Петте најпрофитни, во своите редови лани имале вкупно 809 работно ангажирани лица. Споредено со 2023 година, нивната работна сила е намалена за 53 вработени или за нешто повеќе од шест проценти.
Најголемиот работодавач е Жикол. Во таа компанија лебот го заработуваат 376 лица. Бројноста, веројатно, се рефлектира врз платите. Минатогодишниот просек е 34.345 денари со раст од 9,05 проценти. Износот е на претпоследното место меѓу петте градежници што остваруваат најголеми профити.
Извор: Бизнис Мрежа
Иако со намален број вработени, тимот на Рапид Билд е втор по големина. Во кумановската фирма лани работеле 298 лица, за 16,5 отсто помалку од преклани. Со помалку ангажирани (-4,76%) се изведувале работните задачи и во рамките на Крмзов – МР.
Шест вработувања во 2024 година се реализирани во Адора Инженеринг, за која работеле 30 лица. Зголемена е и екипата на А Плус Инженеринг. Во 2023 биле тројца, а лани петмина. Ним им е исплатувана највисоката просечна плата од 134.817 денари или 2.200 евра. Предничат и со процентуалното зголемување од безмалку 75 насто.
Во Адора минатата година просечната плата изнесувала 56.475, а во Рапид Билд – 48.767 денари.
Со сумата 23.867 денари, најнизок е просекот во Крмзов – МР. За 23,7 проценти е подобар од прекланскиот, кога просечната плата изнесувала 19.293 денари.
Извор: Бизнис Мрежа
Според овие примери, платите во градежништвото многу отстапуваат од нивото на профитабилност на дејноста. Како пример – добивката од целата дејност (106,7 милиони евра) се распредели на 8.738 вработени, во просек, на секој работник од нив му „припаѓаат“ околу 12.220 евра. Или, кај петте најпрофитабилни компании со 18,5 милиони евра добивка и 809 вработени, просечната добивка по работник е околу 22.870 евра. Оттаму и прашањето – дали градежните работници добиваат соодветен дел од вредноста што ја создаваат?
Маја Анастасова
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
За изградба на станови и други згради лани е потрошена речиси една милијарда евра!