Може ли денес некој да поверува дека некогаш и во нешто Скопје заостанува(ло) зад светот само 17 години? Од актуелната перспектива, таа временска разлика се чини невозможна. Сепак, некогашно Скопје успевало да држи чекор со случувањата на глобалната сцена, и тоа во време кога немало ниту телевизија, ниту средства за брза комуникација. Првата јавна кинопроекција во светот, организирана од браќата Лимиер, се случила во Париз во 1895 година, пред крајот на деветнаесеттиот век. Седумнаесет години подоцна, на почетокот од втората деценија на дваесеттиот век, Скопје го добило првото кино на просторот каде што се наоѓа Домот на армијата. Имало 500 седишта и име Вардар.
Нема информација за тоа колку жители имало тогаш во Скопје, но како некој ориентир може да послужи податокот дека во 1921 година во градот живееле 40.666 жители. Киното, сместено во барака специјално изградена за таа намена, според истражувањата на филмологот Илинденка Петрушева, работело до 1927 година, кога целосно изгорело во пожар.
Во меѓувреме, во 1925 година, на самиот плоштад, градот го добил и првото модерно кино ‒ Аполо. Скопјани бил седнати на нумерирани седишта и на отворањето го гледале филмот „Лукреција Борџија“.
Меѓутоа, во записите на хроничарите е забележано дека и пред таа, 1912 година имало филмски проекции во хотелот Англетер. Ги организирал Милан Голубовски со мал проектор набавен во Виена. Но, повторно пресудил пожарот (1909 година), предизвикан од запалива филмска лента.
Традицијата и културата на одење на кино и проследување на кинопроекциите не замирале ниту во воените периоди. По Втората Светска војна, со возобновувањето и изградбата на државата, се градат и киносали. Веќе во 70-тите години на минатиот век главниот град со своите нешто над 300 илјади жители имал 12 киносали и 4 одредишта каде што во текот на летото се прикажувале филмови. Скопје било нарекувано кинометропола.
Култура, Вардар, Напредок, Карпош, Парк, Братство, детското Бамби, кино џабе… Големото платно било предизвик за луѓето. За црно-белите, а подоцна и за филмовите во боја, интересот бил огромен, а кината преполни.
Денес, на социјалните мрежи се запишани многу сведоштва од стари скопјани. Владимир Андоновиќ напишал: „Киното во предземјотресно Скопје беше најпопуларен облик на разонода за сите генерации, особено за младите. Во централното градско подрачје имаше повеќе киносали: Култура, Балкан и Балкан бавча, Вардар 1 и 2, Младина, Дом на градежниците ‒ сала и тераса, Официрски (повремено), а малку подалеку Напредок и Братство, но и летна позорница во градскиот парк, како и, едно време, кинотека во салата на Женска гимназија. Некои кина работеа и претпладне (кино утро) што беше особено згодно за средношколци избегани од часови“.
Од тој период се и термините „шиткач“ и „тапкарош“. Почетоците на таа „професија“ – препродажба на карти, се некаде во 60-тите години. „Претприемачите“ меѓу првите доаѓале пред билетарниците и купувале повеќе билети. Инвестицијата им била исплатлива – кинобилетите ги препродавале по повисоки цени. Скопјани не штеделе на добар филм, а тие што долго паметат денес раскажуваат дека некои од шиткачите живееле само од тоа.
Ги паметат и филмовите: „Продавачката на темјанушки“, „Бал на вода“, „Американец во Париз, „Празник во Рим“, „Однесено од виорот“, „Доктор Живаго“, „Леси се враќа дома“… Со воздишки ги споменуваат омилените глумци и глумици убави како нацртани: Ава Гарднер, Мерлин Монро, Грејс Кели, Одри Хепберн, Естер Вилијамс, Елизабет Тејлор, Рудолф Валентино, Грегори Пек, Џон Вејн, Гари Купер, Кирк Даглас, Рок Хадсон, Марлон Брандо...
„Се разбира, ‘прогласувањето’ на најпопуларен филм зависеше од возраста на публиката. Помладите сакаа акциони и каубојски филмови, постарите ‒ љубовни… Сепак, привлечноста на филмот ја диктираа главните глумци – младичот и женската. За такви филмови се чекаше за билет, а често се купуваше и од шиткачите“ – пишува во фејсбук-статусот на Андоновиќ, кој дополнува – „добар филм се гледаше и по неколку пати“.
Не била секогаш потребна карта за да се гледа филм. Еве што кажува најпознатиот хроничар на Скопје, Данило Коцевски:
„Како функционираше кино џабе? Навистина многу необично. Проекторот беше сместен во една просторија во приземјето на Офицерскиот дом, а ‘платното’ се наоѓаше на ѕидот од куќата отспротива, со приземје и два ката. Тоа и не беше филмско платно туку бело бојосан ѕид во вид на квадрат, урамен со црна боја. На тој бел квадрат се проектираа филмовите. Во квечерините, со паѓањето на првиот мрак, започнуваше големата претстава. По големите дневни горештини, Скопје го заплиснуваше првата мала вечерна свежина, за што придонесуваше близината на реката Вардар. Срамежливо се вклучуваа првите светилки, започнуваше вревата на скопското корзо, се слушаше џагорење на младите и децата, од сите страни се појавуваа скопските шетачи. Градот имаше препознатливи мириси и бои, атмосфера што понекогаш потсетуваше на филмовите од Фелини.
Тогаш, публиката си ги заземаше своите места на тротоарот и коцката на киното џабе. Постарите, кои живееја во близината, си носеа столчиња од дома, и така седнати, го чекаа почетокот на проекцијата…“.
Според Коцевски, проекциите на кино џабе биле усогласени со училишниот распуст – од 10 јуни до 5 септември.
На почетокот филмовите биле цензурирани, т.е. биле исечени еротските сцени. Тоа било забележливо, па машкиот дел од публиката редовно реагирал „уааа шнајдери!“.
„Во Скопје започна да се прикажува еротскиот филм, кој направи вистинска сензација, не само кај нас туку и во светот. Тоа беше филмот ’И Господ ја создаде жената’ со Французинката Брижит Бардо, која во филмот се појавува гола, како од мајка родена. Нема веќе сечење кадри, нема цензура“, забележал Коцевски.
Денес, можеби има цензура, но не филмска. Се може да се види веднаш, на прва. Но, повеќе ја нема традицијата за одење во кино. Ја нема ниту возбудата пред влезот во кино-салата и при гасењето на светилките. Што е најтажно, Скопје од град со двесеттина сали и места за кино-проекции, со кино во секоја населба, се сведе на тесен избор – Синеплекс, Кинотека, „Фросина“ во МКЦ. „Милениум“ во ГТЦ не работи.
Денес, можеби има цензура, но не филмска. Сѐ може да се види веднаш, на прва. Но, повеќе ја нема традицијата за одење на кино. Ја нема ниту возбудата пред влезот во киносалата и при гасењето на светилките, а, што е најтажно, од град со дваесетина сали и места за кинопроекции, со кино во секоја населба, Скопје се сведе на тесен избор – Синеплекс, Кинотека, Фросина во МКЦ, а Милениум во ГТЦ не работи.
„Ве известуваме дека заради технички причини, Кино Милениум нема да прикажува проекции во следниот период. Штом имаме повеќе информации за повторно активирање на нашата редовна програма, веднаш ќе објавиме…“.
Да се надеваме.
Пишува: Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
(Фото: Wikimedia Commons)
(Продолжува: Секоја населба со свое кино)