ПОВЕЌЕ

    ПАРИ АНАЛИЗИРА: Како гостилница Дукат ја претвори добрата храна во шесткратна добивка

    Време зa читање: 4 минути

    На многумина скопјани денот им започнува со чорба – не било каква, туку онаа од Дукат – рибја или телешка чорба послужена во железно котле, како извадена од сцена на „Македонски народни приказни“. Тука, зад густата пареа од топли јадења, традицијата и вкусот се спојуваат со внимателна деловна логика.

    Гостилница Дукат не е само место за ручек – таа е дел од градскиот ритам веќе речиси две децении. И додека на масите се редат галичко мезе, коленици, кисело зелје, макала во позадина се одвива една приказна – на стабилен финансиски раст и прецизно позиционирање на пазарот.

    Порталот Пари во соработка со Бизнис мрежа ги анализира бројките што стојат зад овој бренд – приходи, добивки и расходи, кои покажуваат дека кујната не се мери само со вкусот, туку и со резултатите.

    Приходи од 1,2 до 2,2 милиони евра

    Приходот на Дукат за ланската година изнесувал 2,2 милиони евра, што претставува голем скок за компанијата во однос на 2021 година во времето на Ковид-пандемијата. Ова е зголемување за 100 илјади споредено со 2023 година, кога приходите изнесувале 2,1 милион евра. Иако растот на прв поглед делува умерено, тој следи по залетот од 2022, кога прометот пораснал од 1,7 милиони на 2,1 милион евра – дополнителни 400 илјади евра за една година.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Ако се погледне 2021, кога приходите биле само 1,2 милиони евра, станува јасно дека компанијата ги зголемила приходите за 1 милион евра или 83% за четири години.

    Шест пати повеќе профит за четири години

    Во 2024, Гостилница Дукат остварила добивка од 270,4 илјади евра, што е речиси идентично со 2023 кога биле остварени 280,5 илјади евра. Иако има мало намалување, сепак не го нарушува позитивниот тренд.

    Во споредба, добивката во 2022 изнесувала 110,3 илјади евра, што значи дека за само една година – 2023, таа е повеќе од двојно зголемена. Во 2021, пак, компанијата работела со добивка од само 46.000 евра – симболичен профит што беше вообичаен за секторот по пандемијата.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Растот од 46.000 на 270.000 евра лани значи зголемување од 488%, односно речиси шесткратен раст, што го потврдува успехот на стратегијата за одржлив и профитабилен раст.

    Гостилница со контролирани трошоци

    Вкупните расходи на компанијата во 2024 година изнесувале 1,9 милиони евра, што е 200.000 евра повеќе од 2023, кога биле на ниво од 1,7 милиони евра. Сличен раст бил евидентиран и во 2022 – 1,6 милиони евра, а најниските расходи се забележани во 2021, кога изнесувале 1,1 милион евра.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Иако расходите растат заедно со приходите, процентуално тие се движат во умерен опсег, што укажува на добра внатрешна контрола. На пример, во 2021, расходите биле речиси 92% од приходите, додека во 2024 тој однос се подобрува на околу 86%, што значи дека компанијата станува поефикасна и посилно профитабилна.

    Стабилен број на вработени низ годините

    Во сектор каков што е угостителството, каде флуктуацијата на работната сила е честа појава, Дукат држи стабилен број вработени низ сите 4 години.

    Во 2024 година брои 38 вработени, што е зголемување од 5 лица во однос на претходните три години, кога бројот на вработени бил константен – 33 вработени во 2023, 2022 и 2021.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Просечната месечна плата по вработен достигнува 398 евра лани, додека во 2023 изнесувала 367 евра. Тоа е раст од 8,4%, но според статистичките податоци, платите се околу минималната плата на државно ниво.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Катерина Михајлова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично