„За одржлив и инклузивен раст на земјите од Западен Балкан е потребна заедничка соработка, а не изолација”. Ова беше главната порака на гувернерката на Народната банка, д-р Анита Ангеловска-Бежоска, во своето обраќање на Балканскиот самит на поранешни студенти на тема „Градење посилни партнерства за економски раст”, организиран од Македонско-американската алумни асоцијација, на кој присуствуваа и претседателот на Собранието, Африм Гаши, како и заменик-амбасадорката на САД, Никол Варнс.
Гувернерката истакна дека и по три децении на транзиција, доходот во регионот сѐ уште е помалку од половината од просекот во ЕУ, упатувајќи на потребата од зајакнување на потенцијалот за раст, што може да се постигне преку поголема регионална економска интеграција. Потенцијалниот раст во регионот е преполовен од 5% пред светската финансиска криза на 2,5% по неа, додека кај нашата економија забавувањето е уште посилно. „Слабите остварувања во регионот не се резултат само на надворешните шокови, туку и на подлабоки структурни предизвици како што се застојот во продуктивноста, одливот на работна сила и релативно ниските инвестиции”, нагласи гувернерката. Таа рече дека продуктивноста е приближно половина од нивото во ЕУ, дека секој петти граѓанин е иселен од регионот (според ОЕЦД) и дека инвестициите се на ниско ниво, како во износот, така и во квалитетот. Во однос на трговијата во рамките на регионот, таа сè уште е ниска, при што во 2024 година таа учествува со само 11% во вкупната трговска размена на земјите од Западен Балкан.
Во тој контекст, гувернерката нагласи дека регионалната соработка може да биде ефикасен инструмент за надминување на овие слабости, и тоа преку порастот на трговијата, поттикнувањето на странските директни инвестиции, преносот на знаења и технологии и растот на продуктивноста. Како пример го посочи позитивниот ефект од договорот за слободна трговија ЦЕФТА, чиешто спроведување се одрази со пораст на трговијата меѓу членките од околу 74%. Гувернерката го истакна и значењето на иницијативите како Заедничкиот регионален пазар на земјите од Западен Балкан и членството на нашата земја во Единствената област за плаќања во евра − СЕПА, како конкретни чекори кон поголема економска поврзаност. На крајот, таа посочи дека за успешно остварување на овие иницијативи од особена важност е подобрувањето на квалитетот на институциите, со оглед на нивната значајна улога во спроведувањето на реформите, како и користењето на достапната финансиска помош од ЕУ преку Планот за раст.