ПОВЕЌЕ

    ДАЛИ Е ОВА СОН ИЛИ ЈАВЕ? – Граѓаните пливаат во пари, фирмите во кредити

    Време зa читање: 4 минути

    Во Македонија само граѓаните имаат свои пари, а државата и компаниите живеат на кредити. Ако треба да се даде генерална финансиска слика на македонското општество, излегува дека државата и компаниите живеат на грбот на граѓаните. Граѓаните штедат и го финансираат остатокот од економијата. Бројките на Народната банка велат дека „домаќинствата и секторот странство се нето-кредитори и ги финансираат останатите сектори во националната економија (нефинансиските друштва и државата), коишто се нето-должници“.

    Оваа финансиска состојба е дополнително влошена во 2024 година. Извештајот на НБРМ вели дека „динамички гледано, на годишна и квартална основа, продлабочувањето на негативната нето финансиска вредност како % од БДП произлегува од влошената позиција на сите сектори, со исклучок на домаќинставата коишто имаат подобрена нето-позиција“.

    Негативната нето-финансиска позиција на домашната економија на крајот од 2024 година изнесува 618,6 милијарди денари, што претставува продлабочување за 85,9 милијарди денари во однос на претходната година. Оваа негатива зафаќа 65,2% од БДП и е влошена за 5,9 процентни поени на годишно ниво.

    Што значи ова? Граѓаните имаат повеќе заштеди, а помалку долгови, што не е случај со компаниите и државата. На крајот од минатата година, македонската економија била во црвено. Имала вкупни средства во износ од 4.288 милијарди денари, кои во однос на 2023 година пораснале за 431 милијарда денари (11,2%) благодарение најмногу на средствата на финансиските друштва и на домаќинствата. Но, обврските изнесуваат 4.906 милијарди денари и за една година пораснале за 516,9 милијарди денари (11,8%), најмногу кај финансиските друштва и кај компаниите.

    Како стојат работите по одделни сегменти на економијата, односно кој е најзаглавен во долгови, а кој плива во пари? Компаниите се во негатива од дури 1.142 милијарди денари, што претставува влошување за една година од 10,6% и покрај тоа што вредноста на финансиските средства со кои располагаат ја зголемиле за 78 милијарди денари. Но, повеќе ги зголемиле обврфските, за 187,4 милијарди денари. Негативата на бизнисот изнесува 120% од БДП. По основ на кредити и должнички хартии од вредност, компаниите имаат вкупен долг од 621,6 милијарди денари, при што најмногу им должат на банките и на странски субјекти.

    За разлика од компаниите, граѓаните го зголемиле богатството. За една година нето финансиската вредност на домаќинствата пораснала за 126,5 милијарди денари, односно за 17,4% и покрај сите инфлаторни притисоци и економски турбуленции. Граѓаните на крајот од 2024 година располагале со вкупни средства од 854,9 милијарди денари, а нивниот долг бил 267 милијарди денари.

    За една година нивните финансиски средства се повисоки за 150,7 милијарди денари, а нивните обврски за само 24,3 милијарди денари (9,2%). Граѓаните најмногу располагат со капитал (77,6 милијарди денари), а потоа со готови пари и депозити (53,3 милијарди денари) и со побарувања од пензиски шеми и осигурување (16,4 милијарди денари). Кога станува збор за нивните долгови, во 2024 година најмногу пари позајмиле од банките (21,6 милијарди денари), така што 94% од нивниот вкупен долг отпаѓа на кредити. Вкупниот долг на домаќинствата учествува со 28,1% во БДП.

    Државата не е како граѓаните и има негативна нето финансиска вредност од 247,2 милијарди денари, со влошување од 11,6% во однос на 2023. Негативната позиција во најголем дел е резултат на „централната власт“, додека локалната власт има позитивна нето финансиска позиција. За една година, вкупните финансиски средства на државата пораснале за 45,3 милијарди денари, а вкупните обврски за 71 милијарда денари.

    И финансиската вредност на финансиските друштва е во негатива од 84,2 милијарди денари, но со мал удел во БДП од само 8,9%. Централната банка вели дека „влошената нето финансиска позиција на финансиските друштва е во целост резултат на нето финансиската позиција на банките“. Во однос на 2023 година, вкупните средства на финансиските друштва се повисоки за 156,9 милијарди денари, но и обврските за 234,2 милијарди денари.

    На крајот од 2024 година, нето-позицијата на секторот „странство“ е позитивна и изнесува 618,6 милијарди денари и на годишно ниво е остварен раст од 149,8 милијарди денари (14,3%).

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично