Во светот на бизнисот, каде сè се мери во бројки, дури и најосновната човечка потреба – лебот – станува показател за економска сила, ефикасност и конкурентност. Зад секоја векна на полиците стојат сериозни производствени системи, логистика, човечки капитал и финансиска дисциплина. Пекарската индустрија во Македонија одамна не е само занает – таа е индустрија вредна десетици милиони евра годишно.
Кој произведува најмногу, но и најпрофитабилно? Дали најголемите приходи значат и најголема добивка? Колку се вреднува трудот на вработените и каде платите растат најбрзо? Порталот Пари во соработка со БизнисМрежа ги анализираше податоците за шесте најголеми пекарски компании во земјава и открива значајни разлики помеѓу обемот на работа и ефективноста на управувањето. Во текстот што следува, бројките зборуваат гласно и покажуваат кој на пазарот меси приходи, а кој профит.
Шесте најголеми пекари во Македонија во 2024 година оствариле вкупен приход од над 51 милион евра, додека нивната вкупна добивка изнесувала над 2,5 милиони евра.
„Жито лукс Скопје“ води на пазарот
Според приходите во 2024 година, една од најстарите и и најпрепознатливи пекарски компании во Македонија, која од мала скопска фурна прераснува во индустриски гигант, се издвојува како апсолутен лидер. Тоа е „Жито лукс Скопје“ со приход од 20,5 милиони евра, што е повеќе од двојно повисок приход од второпласираниот „Жито леб Охрид“, кој пријавил 8,7 милиони евра и е со седиште во срцето на туристичкиот град. Третата позиција ја држи „Специјал“ со 7,5 милиони евра, која започнала како мала приватна пекарница, но со текот на годините израснува во силен играч во скопската пекарска индустрија. Додека, пак, останатите три компании – „Диме“ (5,5 милиони), „Жито Клас Силбо“ (4,9 милиони) и „Жито Скопје Силбо“ (4,07 милиони) – имаат слични, но значително пониски приходи.
„Жито лукс“ е далеку пред конкуренцијата, но ако се спореди растот, „Специјал“ покажува најдинамичен пораст (од 4,2 милиони во 2021 на 7,5 милиони во 2024 – раст од 78%). „Жито Скопје Силбо“ исто така бележи стабилен раст, со двојно зголемување за четири години.
Кој работи најпрофитабилно
„Жито Клас Силбо“ успева да оствари највисока добивка во однос на приходите, неговата заработка за 2024 година е 1,2 милиони евра.
Иако „Жито лукс“ има најголем приход, по добивка се наоѓа на второто место со 500,4 илјади евра, и има раст за 50% во споредба со 2023 година, кога остварил добивка од 330,6 илјади евра. Тој работел со загуба претходните години, при што нето-резултатот во 2021 изнесувал -286,1 илјади евра, додека во 2022 загубата се намали на -133,6 илјади евра. Овој тренд укажува на постепена стабилизација односно целосен пресврт од минус кон плус.
Третото место го зазема „Специјал“ со добивка од 221,5 илјади евра. Тоа означува голем раст на компанијата, бидејќи за 4 години заработил 3,4 пати повеќе од 2021 година, кога добивката изнесувала 64,1 илјада евра.
Најмала добивка има фурната „Диме“ и иако задржува позитивна добивка од 132,7 илјади евра во 2024, тоа претставува драматичен пад од 66,6% во однос на претходната година, кога добивката изнесувала речиси 397,4 илјади евра. А, пак, во 2022 година добивката изнесувала неверојатни 714,6 илјади, и според податоците, „Диме“ заедно со „Жито клас Силбо“ биле лидери по добивка во пекарската индустрија.
Пекарската индустрија во Македонија останува стабилен, но динамичен сегмент на економијата, во кој се преплетуваат традицијата и модерниот менаџмент. Во еден сектор што се базира на најосновниот производ – лебот – компаниите мора постојано да го редефинираат својот пристап за да останат конкурентни. Бројките покажуваат дека успехот не се мери само во тони тесто, туку и во визија, ефикасност и вреднување на трудот зад секоја векна.
Катерина Михајлова