Пред самиот старт на летната сезона, за домашните туристи кои планираат одмор во Грција сега е време да се информираат за цените на сместувањето, но и на намирниците, лежалките, во кафулињата и рестораните.
Она што е новина годинава е што отсега, во калкулациите колку ќе ве чини летувањето во оваа соседна земја, треба да додадете и нова ставка – имено, од 1 јануари 2025 година Грција воведе „еколошки данок“, познат и како „такса за отпорност на климатските промени“.
ЕКОЛОШКАТА ТАКСА – ДОПОЛНИТЕЛЕН ТОВАР ЗА ЦЕНИТЕ НА СМЕСТУВАЊЕТО
Овој данок го заменува сегашниот данок на престој и е дел од поширокиот план на грчката влада за одржлив туризам и борба против последиците од климатските промени, па би требало да го вклучите го новиот данок во вашиот буџет за годишен одмор.
Износот на данокот зависи од видот на сместување и времето од годината. Во текот на главната туристичка сезона (април – октомври), данокот се наплаќа по ноќевање и изнесува: хотели со 1-2 ѕвезди: 2 евра, хотели со 3 ѕвезди: 5 евра, хотели со 4 ѕвездички: 10 евра, хотели со 5 ѕвездички: 15 евра. За апартмани, соби, апартмани (вклучувајќи Airbnb): 8 евра. За престој во куќи и вили поголеми од 80 м² се наплатува по 10 евра дневно.
Вон сезона (ноември – март), овие износи се значително пониски и за хотели се движат од 0,50 евра до 4 евра дневно, во апартмани и соби по пола евро, додека за куќи и вили таксата е 4 евра на ден
Данокот се наплаќа по соба или сместувачка единица, а не по лице, што значи дека семејствата и поголемите групи можат да се снајдат подобро.
Воведени се и посебни такси за патниците што пристигнуваат со крузер: Нас популарните Санторини и Миконос: 20 евра по лице, на ден, а за други острови и Атина износот е 5 евра по лице, на ден.
Еколошката такса се плаќа директно во сместувачкиот објект, при пријавување или одјавување. Сопствениците се должни да издадат потврда за плаќање, а износот не е вклучен во ДДВ.
Пред да резервирате сместување, препорачливо е да проверите дали данокот е вклучен во вкупната цена.
ПОСКАПА ХРАНА
Како и во другите европски земји, оваа година цените во Грција се малку повисоки од претходните години. Традиционалната грчка брза храна – гиро може да се најде од три до 4,5 евра, исто толку чини и сувлаки пита, додека оброк во поевтини ресторани чини од 15 до 20 евра, додека пијалок чини од 2,5 до шест евра.
Еве некои карактеристични примери: лигњи на скара 15, пржени тиквички 6 – 7, пржени компири 5,5 – 6, салати 5 – 8, цезар салата со пилешко 10 – 11 евра за порција, пица – 6-12 евра.
Некои туристички информатори објавија и цени на храната на пазарите во северна Грција. „Грчка инфо“ сподели листа на најчесто купувани производи, со актуелни цени: мали јајца – 0,27 евра по парче, поголеми јајца – 0,35 евра, марула – од 0,50 до 1,30 евра, килограм грав – 7,50 евра, китка млад кромид – 0,30 евра, домати – 1,25 евра/кг, грашок – 3 евра/кг, круши – 1,50 евра/кг, канче јагоди – 2,50 евра, килограм тиквички – 0,50 евра, зелена пиперка – 2,50 евра/кг, компири – 1 евро/кг.
За килограм риби барбуни, потребно е да платите 4 евра за килограм, за ципура околу 5 евра, за „сина“ риба треба да дадете 8 евра, додека ракчињата се околу 10 евра за килограм. За орада, потребно е да се издвојат 9,50 евра. Октоподот се движи помеѓу 10 и 12 евра.