Часовникот одамна не е само средство за мерење време – тој е симбол на статус, стил и вредност. Накитот, пак, продолжува да е еден од најинтимните облици на самоизразување. И токму во овие симболи на луксузот, македонските граѓани секоја година оставаат милиони евра. Во 2024 година, само трите најголеми компании што се занимаваат со продажба на часовници и накит – „Мај Тајм“ (ВОЧ ИД), „Божиновски“ (Бисера Комерц) и Б-ВОЧ – инкасирале над 11 милиони евра. Тоа значи дека секој ден граѓаните трошеле, просечно, околу 32.000 евра во овие продавници.
Но, што се крие зад овие бројки? Кој најмногу заработува, кој губи здив, а кој тивко го зацврстува својот темел? Порталот Пари во оваа анализа користејќи ги податоците на БизнисМрежа ги споредува тројцата најголеми играчи на македонскиот пазар според нивниот вкупен приход, профитабилност, вработени и платна политика – со една цел: да откриеме кој го држи златниот часовник во своите раце.
„Мај тајм“ ја престигна конкуренцијата „Божиновски“
Со импресивни 5,8 милиони евра приходи во 2024, „Мај Тајм“ (спаѓа под дејноста трговија на мало со часовници и накит во специјализирани продавници) не само што ја престигнува конкуренцијата, туку и покажува јасна траекторија на стабилен раст – од 3,3 милиони евра во 2021, што претставува речиси 75 проценти раст во четири години.
Бисера Комерц, односно познатиот синџир продавници „Божиновски“ (од дејноста трговија на мало со часовници и накит), имала највисок приход во 2023 година од 5,9 милиони евра. Но, веќе во 2024 година бележи пад на 5,1 милиони евра. „Божиновски“ и во 2022 и во 2021 година го заземал првото место во однос на прометот, 4,9 милиони евра и 4,5 милиони евра, соодветно. Иако има знаци на забавување, „Божиновски“ останува сериозен конкурент на „Мај тајм“.
Од друга страна, Б-ВОЧ ДОО Скопје – дејноста е трговија на големо со часовници и накит останува најмалата по приход, со 723 илјади евра во 2024 година, но бележи благ раст во однос на 2023 година од 5,08 отсто. Компанијата во 2021 година остварила промет од 792,4 илјади евра.
„Мај тајм“ со најздрав профит
Кога станува збор за профитот, лани „Мај тајм“ остварил нето добивка од 960.300 евра — највисока меѓу сите три компании, и тоа со континуиран пораст низ годините. Во 2021 година нивната добивка била 510.000 евра, што значи дека добивката речиси се удвоила за четири години. Растот на добивката е пропорционален со растот на приходот. Компанијата води ефикасно управување – се зголемуваат и приходот и добивката, што значи дека растат без непотребно зголемување на трошоците.
Во однос на добивката, „Божиновски“ има загрижувачки тренд, заработката паднала за 76,88 отсто во однос на 2023 година – од 651,4 илјади евра преклани на 150,6 илјади лани.
Во однос на приход и добивка, споредено со ланската година и со 2021 година, можеме да заклучиме дека компанијата успеала да генерира повеќе продажби за овие четири години, што е позитивен сигнал. Но, добивката се намалила повеќе од четири пати, што значи дека трошоците растеле побрзо од приходите. Во 2021, за секое едно евро приход, компанијата остварувала 13,5 центи профит, а во 2024 година, од секое евро заработила само по 2,9 центи.
За Б-ВОЧ е карактеристично што работи со мали, но постојано растечки добивки. Од само 2.900 евра во 2021, добивката се искачила на 18.900 евра во 2024. Иако ова се мали суми, постојаниот раст може да биде знак на реструктурирање, намалување на трошоци и фокус на одржливост.
(продолжува)
Катерина Михајлова