Мартин Данчев можеби тргнал праволиниски да гради музичка кариера, но попатно открил нови можности. Ако порано требаше некој да ти ја даде довербата, да го препознае твојот талент, да имаш менаџер, продуцент, издавачка куќа, пари за снимачки саати во студио денес веќе тој gatekeeping момент е надминат и талентираните музичари сами ја обликуваат својата иднина.
Мартин го започнал својот претприемачки пат стратешки, вработен во глобална продукциска куќа како дизајнер на звук и истовремено креатор на свои дигитални продукти кои преку својата компанија им ги нуди на музичарите.
Во оваа епизода на New Biz Podcast се раскажува како можностите на музичката уметност се прошируваат со технологијата и создаваат нови бизнис облици. Данчев зборува и за споредбата во работата некаде каде што точно би ги знаел процесите, и работата што треба да се заврши, што се треба да се испродуцира и во кој временски период наспроти тоа претприемништвото – како основач на сопствена компанија.
„Во однос на предносите и недостатоците на едната и на другата страна, има големи разлики. Да се биде дел од компанија и да имаш своја компанија е различен поим. Мислам дека многу луѓе се наоѓаат на мисла: дали да отворат своја компанија или да продолжат таму каде што се. Прво нешто што ми дојде на памет кога сме вработени во друга компанија е многу помали одговорности и постабилни во начинот на живот. И некако многу често, најверојатно, после пет саатот можете да затворите лаптоп и да уживате во денот, додека, пак, во ваша компанијата, најверојатно, не би можеле. Но, нешто што ми е многу битно е што сакам ова да го правам, не затоа што морам, а шансите за успех се „скај ис де лимит“, раскажува Данчев.
Во однос на идејата за основање своја компанија, тој вели дека бизнис моделот воопшто не бил јасен.
„Јас од секогаш знаев дека го имам тој претприемачки дух, и желбата за да имам моја компанија. Сега чекав и да имам погодни услови за тоа да го направам. Малку одев на посигурна варијанта, да речеме. Не сакав да се избрзам и да се фрлам тотално во оган. И со текот на годините, зашто паралелно во мојата едукација многу имам посетувано конференции и секој тип на настани за усовршување на моите способности, не само од музички аспект, како музичар, односно постпродукција, туку и исто така и во однос на бизнис. Би рекол дека главното беше кога отидов во Велс, таа година некако сфатив дека ова навистина го сакам. Дека сакам да отворам нешто што пред се ќе создадам продукција што ќе помогне на другите. Главна алатка што ме натера да размислувам да отворам компанија беше моменталните алатки што ги изработувам. И за околу еден месец од прилика би требало да ги пласираме на маркетот за музичка едукација и продукција. Една година го изработував темплејтот, тоа се миксинг темплејти, и додека траеше тој процес сфатив дека ова е нешто што не само мене лично ми помага за да бидам подобар продуцент, туку мислам дека може да помогне и на многу други. Како што го развивав продуктот, некако ми стануваше јасно како би го пласирал на маркетот, зашто мислам дека ова е тоа што недостига на маркетот, што е уникатно за мојот продукт што го создадав“, објаснува Данчев.
Тој вели дека всушност клучен момент бил кога аплицирал на ХЕМИ програмата, тоа е програма финансирана од Creative Europe, таму ја избрале неговата идеја како продукт прототип, тоа е програма за развиток на идеи до реализација.
„Таа програма траеше 7 месеци и буквално во тие 7 месеци многу научив за бизнис, зашто јас не доаѓам баш од бизнис сферата, и не го разбирам тој свет на бројки. И тука имав ментор што многу ми помогна да ги поврзам точките и научам како тоа функционира и каде сум јас на мапата“, истакна Данчев.
И каде навистина е тој на мапата? Што е специфично за неговиот производ?
„Низ различни фази на размислување поминав додека се развиваше продуктот, и сфатив не смееме да дозволиме да не водат емотивните чувства или еуфоријата. Нормално, треба да сме амбициозни, и да имаме некоја визија. Меѓутоа и треба да сме многу реални. Каков е маркетот, да истестираме дали навистина овој продукт придонесува за доброто на клиентот итн. Моментално, мојот продукт, односно повеќе продукти се што ги развив, мислам дека допрва ќе се редефинира моето прашање каде ќе биде поставена алатката и алатките што ги имам во маркетот, ама најбитно е дека не се плашам, и ако ме изненади нешто ново, тогаш можеби на друга страна треба да се насочам како компанија“, вели Данчев.
Тој вели дека главен таргет му се млади луѓе, што сакаат да учат за музичка продукција, односно што не знаат баш како да продуцираат музика или се на почетокот и лутаат.
„Мојот продукт нуди јасен систем на работа со една поинаква нота каде што им дозволува да си го најдат својот звук. Мојот продукт, за разлика од останатите на маркетот се разликува по тоа што не ги лимитирам да звучат сите исто што ќе го купат мојот продукт. Да речеме десет продуценти да ја миксаат истата песна од иста почетна точка со мојот продукт, нема шанси и они да стигнат до истиот звук. Имаме десет различни песни, и тоа е нешто што го одвојува продуктот. Интересното е што во склопот на продуктот, јас нудам и едукативни видеа, односно околу 40 минути како туторијали, како да максимизираат, односно да имаат најголем ефект од овие алатки за да имаат подобра продукција. На некој начин е микс од едукација на млади продуценти и практична алатка за да биде квалитетот на вашата музика на друго ниво“, објаснува Данчев.
Низ разговорот во поткасот се констатира дека до не така одамна, музичката индустрија била прилично затворен систем. Имало таканаречени чувари на вратата што треба да се поминат во смисла да се најде некој што ќе ти даде студио, термин, продуцент, издавачка куќа, а сега станува многу поедноставно, многу поголеми се можностите за музичарите.
ОД МУЗИЧКО УЧИЛИШТЕ ДО ГЛОБАЛЕН АУДИОПРОДУЦЕНТ – Мартин Данчев во New Biz Podcast
„Ова е многу голем развој, и благодарение на тој развој, ова денес сум тој што сум. Затоа што од почетоците на моето учење за музичката продукција, нема да кријам дека со интернетот го имав тој момент на достапност на секакви мастерклас, учев преку интернет. Меѓутоа, најбитно е дека како одиш по тој пат. И навистина секој може да проба, да направи, да создаде, па дури и со минимални услови. Затоа што, ако видим историски претходно, тој што диктирал кој да биде на топ листите и кој да добие шанса – тоа биле продукциските куќи, затоа што сега со достапност на социјалните мрежи, технологијата и слично можне да се креира музичка трака само со лаптоп и микрофон и ништо друго. Има докази дека и топ хитови се снимени буквално во минимални домашни услови. И не е тоа некоја научна фантастика, дека ние не можеме, туку во денешно време, мислам дека друг е проблемот. Проблемот е што сешто можеме да правиме и сега што да правиме. Како некој начин од премногу информација, бидејќи сме изложени, мислам дека човекот пробува да најде начин како да е ефективен во ова време на толку многу информации, кај што навистина се можете да направите“, додава Данчев.
Целата епизода и слични на оваа се достапни на New Biz Podcast