Градење култура ориентирана кон луѓето, креирање патеки за вработените, како да се балансираат потребите на компанијата и работниот кадар во IT индустрија – за искуството како стручњак за човечки ресурси во поткастот New Biz зборува Ивана Глигоровска, Deputy VP People & Culture во Nion. Со пристап насочен кон луѓето, поддршка на талентот и создавање средина каде што вработените сакаат да останат.
Иако од неодамна е на позиција Deputy VP People & Culture, Ивана наведува дека во оваа дејност почнала како HR генералист и низ годините се занимавала со регрутација на кадри, организација на тим билдинзи, правни аспекти и човечки права.
„HR бизнис партнер ми е претпоследната титула, но работата покрива многу слични работи, само на различен начин. Повторно работата е со луѓе, со процесите во компанијата, балансот помеѓу бизнисот и задоволството на вработените. Меѓутоа има мали разлики. На пример, HR менаџерот е на некој начин пооперативен, додека HR бизнис партнерот е постратешки. Тука повеќе се придава значење како да се даде совет на дел од бизнисот, дали е во насока на раст или во продажбата. Значи, што се случува врз основа на податоците што ги има за целата компанија. Мали се разликите во помали компании. Практично, слични или исти функции се покриваат или делумно се работат и двете работи“, вели Глигоровска.
Почетоците на кариерата и се во продажба во осигурителна компанија, но кога почувствувала дека не го искористува целосно својот потенцијал, решила да направи промена. Се насочила кон постдипломските студии во Сараево, фокусирани на човековите права.
„Се вратив од студиите решена да не се вратам во осигурувањето и продажбата. Тогаш случајно почнав да работам со мајка ми, која имаше HR консалтинг фирма. Тука почна мојата вистинска приказна со човечките ресурси“, наведува таа и додава дека откако почнала активно да работи не се откажала од аплицирањето за работни позиции во други фирми, со што и ја добила можноста да гради кариера како HR професионалец во ИТ индустријата.
A, тоа е вели, малку поинаков свет, од аспект на профилите на вработените, брзината на развојот и буџетите, кои создаваат сосема поинаква динамика.
„Кога првпат гледаш CV од девелопер, ти изгледа како кинески јазик – технологии, кратенки, тулови… Но, најголемиот предизвик е што мораш да разбираш луѓе чие секојдневие ти е непознато, и да најдеш начин да ги поврзеш со вредностите на компанијата“, вели Глигоровска, која пред тоа работела регрутација за најразлични професии – за банки, медиуми, на работници во фабрики за одредени машини…
Втората дистинкција меѓу ИТ и другите индустрии е во буџетите:
„Долго време сите што работеа во HR во ИТ, во софтверските компании, имавме многу средства кои ни беа давани за да можеме да ја работиме работата. Тоа е разликата од другите индустрии, каде што буџетите беа порестриктирани. До пред две години, кога малку се сменија работите, имаше многу отворени буџети за да можеме да бидеме иновативни во својата работа“.
Во последниве години, буџетите за HR се намалени, а ИТ секторот почна да се соочува со предизвици, вклучително и отпуштања. „Се враќаме во некаква нормала. Но сепак, HR треба да остане иновативен и фокусиран на тоа што е навистина важно – луѓето“, истакнува Глигоровска.
За тоа кои се најчестите грешки што ги прават кандидатите кога пишуваат CV, таа издвојува: „Кога подготвувате CV, не ставајте само работни задачи, туку резултати. А на интервју – бидете искрени. HR не е непријател, туку некој што се обидува да го најде најдоброто решение за сите страни“.
Глигоровска верува дека најуспешните компании се оние што инвестираат во културата и растот на луѓето, не само во технологијата. „Кога луѓето ќе почувствуваат дека се важни, тогаш добиваш тим кој останува, расте и создава неверојатни нешта“.