На научниот собир „Ден на денарот“, директорката на УЈП ја истакна трансформацијата на институцијата и важноста на стабилната национална валута.
Управата за јавни приходи (УЈП) денес не е институција што предизвикува страв, туку партнер и сервис на граѓаните и бизнисите – ова беше централната порака од обраќањето на директорката на УЈП, м-р Елена Петрова, на научниот собир „Ден на денарот“, организиран од Катедрата за финансии при Економскиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Настанот се одржа по повод одбележувањето на монетарното осамостојување и прогласувањето на денарот како национална валута. Говорниците ја потенцираа стабилноста на денарот како симбол на економскиот суверенитет и довербата во институциите, а посебен акцент беше ставен на улогата на јавните финансии во изградбата на праведно и одржливо општество.
„УЈП се трансформираше – од администрација за контрола, во современа институција ориентирана кон поддршка, информирање и дигитализација. Даночната евазија секогаш ќе постои, но денес контролните механизми се паметни, таргетирани и базирани на анализа на ризици. Нашата визија е изградба на модерна и европска Управа за јавни приходи“, истакна Петрова пред студентите и академската јавност.
Во рамки на настанот, беше потпишан и Меморандум за соработка помеѓу УЈП и Универзитетот „Гоце Делчев“, со кој се воспоставува долгорочно партнерство во насока на едукација, заеднички проекти и поддршка на млади кадри во областа на јавните финансии и даночната политика.
Раководителот на Катедрата за финансии, проф. д-р Стеван Габер, го нагласи значењето на финансиската едукација и институционалната стабилност во зачувување на вредноста на денарот. „Националната валута не се одржува само преку политики – таа бара знаење, свест и млади кадри со визија“, рече Габер.
Со овој тип соработки, УЈП продолжува да инвестира во иднината – преку партнерства со универзитети, практична едукација и градење генерации на етички и стручни професионалци кои ќе бидат носители на јавниот сектор и економскиот развој на земјата.