Трговската војна што ја почна американскиот претседател Доналд Трамп на остатокот од светот со воведувањето на царини, сега чука и на домашните порти. „Фајненшл тајмс“ (FT) во неделата објави дека ескалацијата на трговските тензии меѓу САД и Кина сега влијае на пошироката американска економија, при што операторите на контејнерски пристаништа и менаџерите за воздушен товар известуваат за голем пад на стоките што се транспортираат од Кина.
Најновите царини на Трамп врз Кина, со кои се воведе царина од 145% за кинескиот увоз, доведоа до значителни нарушувања на глобалните трговски патишта.
Логистичките компании известуваат дека резервациите на контејнери од Кина до САД се намалија откако стапија на сила царините.
Пристаништето во Лос Анџелес, примарна влезна точка за кинески стоки, очекува планираните пристигнувања на почетокот на мај да бидат за една третина пониски од претходната година. Слично на тоа, операторите на воздушен товар забележаа значителен пад на обемот на резервации.
ПРИСТАНИШТАТА СЕ ПОПРАЗНИ
До средината на април, резервациите на контејнери од 20 стапки од Кина до САД се намалиле за 45%, според „Вижн“, услуга за следење контејнери.
Генералниот секретар на Меѓународната стопанска комора (ICC), Џон Дентон, рече дека трговците ги одложија одлуките поради неизвесноста околу царинските разговори меѓу САД и Кина. Глобалното истражување на ICC покажа дека многумина очекуваат трајни влијанија, а Дентон предупредува дека пристапот до американскиот пазар сега е најскап од 1930-тите, со основна царина од 10% што стана норма.
Според FT, превозните компании веќе реагираат. Hapag-Lloyd, една од најголемите контејнерски линии во светот, објави дека кинеските клиенти откажале околу 30% од резервациите.
Тајванската превозна фирма TS Lines, исто така, суспендирала една од своите услуги од Азија до Западниот брег на САД, наведувајќи недостаток на побарувачка. Дополнително, аналитичарите за превоз во Sea-Intelligence открија нагло зголемување на откажувањата на контејнерски превоз, или „празни пловидби“.
Помеѓу 5 мај и почетокот на јуни, речиси 400.000 контејнери помалку се резервирани на рутите Азија-Северна Америка, што е пад од 25% во однос на планираните количини на почетокот на март. Само пристаништето во Лос Анџелес очекува 20 празни пловидби во мај, во споредба со само шест во април, што претставува загуба од над 250.000 контејнери.
НА УДАР И ВОЗДУШНИОТ ТОВАРЕН СООБРАЌАЈ
Сепак, падот на воздушниот товар од Кина до САД е подеднакво сериозен. Според Здружението на шпедитери, обемот на воздушниот товар од Кина се намалил за околу 30%. „Многу членови едноставно престанаа да примаат нарачки од Кина“, рече Брендон Фрид, извршен директор на здружението, истакнувајќи ги нестабилните цени додека трговците реагираат на промената на политиките на Белата куќа, според FT.
Хонгконшката компанија „Катај Пацифик“, која заработува околу една четвртина од своите приходи од воздушниот товар, предвидува понатамошно слабеење на побарувачката поради царините и промените во правилото „de minimis“ на САД, кое ќе го прекине увозот без царина за стоки во вредност под 800 долари почнувајќи од 2 мај.
Извештајот истакнува дека како што се шири економското влијание на трговската војна, американските компании ги прилагодуваат своите синџири на снабдување. Увозниците ги одложуваат пратките, ги користат складираните залихи или ги пренасочуваат стоките кон царински складишта и блиските земји како Канада.
Извештајот тврди дека довербата на потрошувачите слабее, при што зголемувањето на цените и опаѓањето на побарувачката стануваат поочигледни. Џон Ши, извршен директор на „Моментум Комерс“, предупреди на ефект на „двоен удар“ бидејќи купувачите ја намалуваат побарувачката, а трошоците растат.