ПОВЕЌЕ

    ЗОШТО ГРАЃАНИТЕ ВО МАРТ СЕ ПОВЛЕКОА ОД БАНКИТЕ и од берзите?

    Време зa читање: 3 минути

    Дали неочекувани трошоци, инфлациски притисоци или страв од иднината ги натераа граѓаните да ја кренат рачната? Податоците велат дека граѓаните повлекле милиони од своите заштеди, инвестициските активности се во пад, а задолженоста пораснала. Пари анализира дали март беше финансиски тежок месец за граѓаните или, пак, само е во прашање песимистичко расположение? Прашањето е каде отидоа овие пари, изразени во милиони евра?

    Само во март граѓаните од своите заштеди повлекоа 312 милиони денари (5 милиони евра). Податоците од Народната банка покажуваат дека за толку се намалени депозитите на населението во банките во споредба со февруари. Ова значи месечен пад од 2% на депозитните пари на населението и од 2,2% на депозитите орочени на 2 години.

    Вкупните депозити на домаќинствата во банките и штедилниците во март изнесуваат околу 6,5 милијарди денари, што е месечно намалување од 0,1%. Објаснувањето на НБРМ е дека промената, пред сѐ, се должи на падот на депозитните пари, при помал пад и на долгорочните депозити во странска валута, додека краткорочните депозити во денари и во странска валута и долгорочните депозити во денари забележаа раст. Во исто време, задолженоста со кредити бележи месечен раст од 1,1%, додека кај минусните салда на платежните сметки има месечен раст од 5,1%.

    Кредитите на домаќинствата изнесуваат 4,14 милијарди евра заклучно со март, при што во најголем дел граѓаните се задолжуваат во домашна валута. Со минусни салда на платежните сметки граѓаните во март им должеа на банките 108,3 милиони евра. Но, граѓаните и понатму не ги сакаат картичките за задолжување, така што на месечно ниво нивната задолженост по овој основ е намалена за 0,8%, а на годишно ниво за 9%.

    Помалку пари се вложувале и на Македонската берза, каде што класичното тргување со акции бележи месечен пад од дури 19,55%. Кај тргувањето со блок-трансакции има месечен пад од дури 85,05%. Со класичното тргување во февруари на Берзата бил остварен вкупен промет од 524,2 милиони денари, а во март од 421,8 милиони денари. Вкупниот берзански промет е намален за 33,57%.

    Помало било расположението и за вложување пари на странските берзи на хартии од вредност. Месечниот извештај на Комисијата за хартии од вредност покажува пад на тргувањето од дури 46,86%. Вкупно во март на странските берзи е реализиран промет од 7,3 милиони евра од страна на македонски инвеститори.

    Во март има негативен тренд и кај приливите во отворените инвестициски фондови, за сметка на зголемените одливи споредено со претходниот месец. Според податоците на Комисијата за хартии од вредност, мартовскиот прилив на средства во отворените инвестициски фондови изнесува 32,8 милиони евра, а во февруари бил 38,1 милион евра. Ова покажува намалување од 13,8%. Од друга страна, одливите на средства се повисоки за 25,19%. Во март изнесуваат 27,8 милиони евра, а во февруари биле 22,2 милиони евра.

    Севкупно, финансиските движења во март покажуваат дека граѓаните се повнимателни со своите пари, повлекуваат заштеди, намалуваат инвестирање и сѐ повеќе се задолжуваат!

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично