На повидок е инвестициски бран од пет до шест милијарди евра. Само половина до една милијарда евра ќе се наменат за локални, регионални и експресни патишта. Тоа нема да го зголеми јавниот долг и да го намали бруто домашниот производ, туку обратно, вели за поткастот „Каде се парите?“, премиерот Христијан Мицкоски, кој по посетата на ОАЕ говори за што се преговара и што ќе добие земјава со инвестициите што се најавени оттаму.
„Во периодот што следи, убеден сум дека успешно ќе испреговараме и ќе заокружиме инвестициски бран помеѓу пет и шест милијарди евра. Откако ова ќе го заокружиме позитивно, сакам да седнам со стопанските комори и отворено да поразговараме дали ние имаме капацитет сето ова да го реализираме. Убеден сум дека ќе имаме, но ни треба добра организација. Многу скоро, во следниве не повеќе од два месеци, сето ова ќе ѝ биде на објавено на јавноста“, вели Мицкоски.
Заложбата е вели и негова и владина, да се реализира овој инвестициски бран.
„Ќе се сложите, ако нашиот БДП е условно кажано некои 16-16,5 милијарди проектиран номинален, ова претставува од 35% до 40% од нашиот бруто домашен производ. Помеѓу половина и една милијарда се средства кои ќе финансираат проекти за изградба на локални, регионални и експресни патишта. Дел од нив ќе бидат модернизирани, односно реконструирани, дел ќе бидат изградени. Затоа велам меѓу половина милијарда и милијарда. Се преговара за условите“, посочува и воедно е дециден дека тоа нема да претставува ново задолжување: „Тоа нема да биде нов долг, бидејќи ќе расте БДП, бидејќи во градежништвото парите три пати се вртат, најмалку, односно номинално ние може да го намалиме долгот“.
Вториот проект, наведува е изградба на клиничкиот центар Штип, на болницата Кичево која ќе се гради на сосема нова локација, реконструкција на клиничката болница во Тетово, брза пруга од Табановце до Гевгелија.
„Болницата во Кичево е проект од 90-те. Кога излеговме на терен со луѓето, констатираа дека е подобро на друга локација да се гради. Поскапо е да се реконструира постојниот објект, кој е оставен 25 години да скапува. Реконструкцијата на клиничката болница Тетово, ги опфаќа операционите сали и други два оддели. Потоа пруга, условно кажано брза, која ќе биде дел од Коридорот 10, по која патничките возови ќе се движат со 160 километри на час, така одлучивме поради цената иако сакавме да биде над 200 километри на час, а карго 110. Овој бран ќе биде помеѓу 2,3 и 2,5 милијарди евра. Значи, половина милијарда до милијарда локлани, ескспресни и регионални патни правци, инвестициите во здравството, клинички центар Штип, болница Кичево и реконструкција на тетовската болница, брза пруга коридот 10 од Табановце до Гевгелија, ова е проект кој ќе натфрли 3 до 3,5 милијарди евра“.
Третиот проект, укажува Мицкоски, произлегува од неодамнешната посета на Обединетите арапски емирати.
„Имав состаноци на супер високо ниво. Се сретнавме со претседателот на Емиратите. Покрај тоа, и со врвната бизнис заедница и врвните компании кои функционираат надвор од Емиратите. Сите тие во мај или јуни, треба да прецизираме, доаѓаат тука. Разговаравме за проекти на постоечки локации веќе изградени во Охрид, односно откуп од сопствениците, две нови локации, но поради ограничувањата од УНЕСКО не можат да го видат својот полн капацитет, мора да го пазиме тоа“, вели премиерот. Притоа објаснува дека Охрид е заштитен од УНЕСКО и како природно и како културно светски богатство, па многу ќе се внимава. Вели од Охрид треба да се направи не само регионален, туку и европски туристички хаб, затоа што има аеродром. Потсети дека од есен Флај Дубаи повторно ќе лета на линијата Скопје-Дубаи. Но, се разговара со други превозници и за линии до Охрид.
Во рамките на овие проекти е и ски-центарот Попова Шапка, потоа локацијата кај касарната, објект кој ќе биде, како што рече, лендмарк не само за Скопје и Македонија, туку и за регионот. Воедно нагласи дека земјиштето на Попова Шапка ниту може да биде отуѓено, ниту за тоа се интересираат инвеститорите, во чиј фокус е единствено бизнисот.
Исто така, опфатени се и Чебрен и Галиште, како и друг тип објекти, како нови соларни и ветерни централи, за што по посетата веќе се разменуваат податоци со нашите институции, а Мицкоски очекува од овој инвестициски бран Македонија да добие меѓу две и три милијарди евра.
Сепак, што може да се направи со слаби и коруптивни институции кои немаат ни технички можности да дадат услуги за големи проекти?
„Овој предизвик е составен од два дела. Првиот е институционалниот ризик, што државата треба да го апсорбира. Дали тоа ќе биде идеално, нема да биде. Дали тоа ќе биде решавање предизвици на дневна основа, да, ќе биде. Но, вториот е економскиот или бизнис ризикот, кој ќе треба да го реши инвеститорот со бизнис заедницата во Македонија. Токму од тие причини ќе седнам со стопанските комори, да видиме како зеднички можеме сето ова да го направиме, за да биде во хармонија, затоа што ценам дека ова е историски момент кога како држава можеме да направиме голем чекор“.
Како што вели – тој чекор сакаме, договорен е и треба да го направиме, без оглед на можните реакции и обвинувања од јавноста – Мицкоски ја продаде Македонија на Арапите.
„Свесен сум дека ниедна работа нема да биде дочекана со раширени раце, но подготвен сум сето ова да го зборувам и да го дебатирам. Што продаде од Македонија? Ски-центарот Попова Шапка каде што ќе дојде пола милијарда инвестиции, кој денес скапува, последната инвестиција е жичарата што јас ја направив како директор на ЕЛЕМ. Чебрен и Галиште, каде што ќе имаме процентуално учество без да ја дадеме мираз Тиквеш, туку ќе се инвестираат 1,2 – 1,3 милијарди евра. Ќе се направат и два нови резервоари. Убеден сум дека во иднина ќе треба вода и битките ќе се водат за вода за пиење. И не само за вода за пиење, за наводнување на Тиквешко поле, 60 илјади хектари имаме таму и илјадници семејства што живеат од земјоделие“, категоричен е Мицкоски.
Воедно, тврди, не доаѓаат инвеститорите тука некому нешто да земат.
„Доаѓаат затоа што им објаснивме дека Македонија има потенцијал од кој и тие ќе профитираат. Сфаќаат дека во еден момент нафтата и нафтените наоѓалишта ќе дојдат до крај и е потребно да го диверзифицираат своето портфолио. Денес емиратот Дубаи повеќе нема нафта, но затоа е финансиски центар за тој дел од светот. Затоа напаѓаат насекаде. АМАР, најголемиот нивен холдинг, гради не само на Балканот. Секој ден пуштаат некој нов лендмарк, дали е тоа Франкфурт, Торонто, Лондон… Спремен сум да ја понесам политичката жртва, само нека се изгради. А, домашната бизнис заедница треба да е партнер во сето ова“, нагласува Мицкоси.