Потребата финансискиот сектор, кој е еден од основите на секое современо општество, да стане поефикасен одошто е сега, користејќи ја притоа како алатка вештачката интелигенција, натерала група млади луѓе од Македонија да оформи старт-ап, со една многу интересна цел – да го направат овој, за многумина здодевен сектор -секси.
Дали патот до поефикасен и подоверлив финансиски сектор води преку отстранување на човечкиот фактор од процесот на корисничката поддршка, дали иднината на финансии е во автоматизацијата, вештачката интелигенција, како и тоа каде се наоѓа Македонија во овие процеси, на овие теми Наташа Велковска во оваа епизода на New Biz Podcast разговара со Диме Галапчев од FinqUp.
FinqUp е стартап кој се истакнува со својата иновативна мисија да го развие првиот комплетен дигитален front – office (продажба и корисничка поддршка) за осигурителни компании, инвестициски и пензиски фондови, поддржан со вештачка интелигенција. Крајна цел е глобална трансформација преку технологија која е развиена во Македонија.
„Секој човек треба да води грижа за своите три основни финансиски столба: Првиот се штедни влогови-пари на страна, осигурување, тука спаѓа и здравственото и животното, на кола, на куќа, и пензиски вложувања. Склопот на тие три работи не натера пред три години да најпрвин почнеме да гледаме систематски на проблемите кои доаѓаат, како тие да се решат. Беше очигледно дека новите генерации кои доаѓаат, повеќе одат кон биткоин, а помалку инвестираат во некое пензиско, а причината е атрактивноста односно трендирањето. Тој тип на алтернативни инструменти се многу поатрактивни и полесно достапни отколку традиционалните, кои стануваат одбивни, тешко достапни, бараат многу документација и слично“, вели Галапчев.
Тие дошле до заклучок дека потешкотиите произлегуваат од интеракциите со човечкиот фактор вработен во тие компании и согледале дека преку воведување на вештачката интелигенција работата со клиентите во финансиските компании не само што ќе стане значително поефикасна, туку тие ќе бидат задоволни бидејќи интеракцијата ќе биде со некој кој не ги гледа првенствено интересите на компанијата за која работи, ниту пак сопствените лукративни интереси, туку може да биде објективен и непристрасен финансиски советник. „Тој ќе му каже што е за него најдобрата опција за тебе без да гледа интереси на компанијата или личните, едноставно што е најдоброто за тебе без ништо друго да е важно, што е многу тешко да се добие без разлика во кој сектор да си. Човекот по природа е многу пристрасен, секој си има некоја своја агенда“ потенцира Галапчев.
„Секако дека има и во банка луѓе кои можат да ти помогнат, да те советуваат, а тоа што ние го правиме е кога се чувствуваш несигурен со луѓе и немаш доверба во нив, тогаш дозволи ѝ на машината да го заклучи тоа за тебе и да те советува кој е најдобриот пат и како најлесно да стигнеш до него, да ти намали потреба за документација, да ти обезбеди сигурност на податоците“, додава тој.
Заштитата на податоците, исто така, е нешто што се унапредува со примена на алатки со вештачка интелигенција во работата со клиенти. „Еден пример – кога се јавуваш во кол центар во банка, ти се чувстуваш сигурно ама додека ги даваш своите податоци, дали знаеш кој е од другата страна на линијата. Ме прашаа колку се безбедни податоците на нашата апликација, му објаснив дека тие постојат во вашата база но потребна е декрипција која ќе трае многу години за ги растури, додека јас за да ги добијам податоците од вашите клиенти, се што треба е некого од кол центарот да го седнам во кафана и со три пијачки да ми ги каже сите работи што не треба да ми ги каже“, вели Галапчев.
Трансформацијата на финансиските институции во технолошка смисла е постепен процес, кон кој има и многу отпор. „Патот не е лесен, што си поголем тоа си потежок за промена, што си поголем си и постар, што си постар всушност си и поконзервативен. Онаму каде ги ангажирале да го почнат процесот, тие осмислиле целосно нов пристап. „Наместо директно со целосна дигитализација, одиме чекор по чекор, почнуваме од контакт центарот, всушност тоа е група вештачки интелигенции, со кои можеш да разговараш како со човек преку телефон, на 165 јазици, тие се поврзани со системот и се во исто време и советници, можат да ти ја проверат сметката, можат да ти активираат полиса, да ти ја средат администрацијата односно документите, па потоа продолжуваме со остатокот од дигитализациите што вклучуваат голем дел од административни автоматизации, но исто така и грижа за корисници“.
Според неговото искуство од работењето на FinqUp, во Европа се уште има одредена резервираност кон автоматизацијата, со оправдување дека не сакаат да отпуштаат вработени, но затоа пак Европа доцни барем 2-3 години зад Америка. „Прво викаат – не, ние нема да избркаме луѓе,а после две години сакаш-неќеш ќе ја воведеш автоматизацијата. Таа промена е од редот на онаа како од коњи на автомобили, кога сите пропратни дејности морале да се прилагодат. Европа е малку побавна и повеќе одбива такви промени во споредба со САД, Британија, Австралија, Канада“, вели Галапчев.
На прашањето каде е Македонија во поглед на примената на автоматизацијата и примената на напредните технологии во подобрувањето на состојбите во финансискиот сектор, Галапчев со одговор: „Македонија прво треба да си ги заврши основите, да се тргне од Ексел и од Ворд, да ги засили дигиталниот пристап, дигиталното потпишување, дигиталните трансакции…значи пред и да помислиме на следна фаза, нам уште првиот чекор не ни е скроз поминат“.
Целата епизода и слични на оваа се достапни на New Biz Podcast