ПОВЕЌЕ

    „ГЛОБАЛНА НЕДЕЛА НА ПАРИ 2025“: Како познавањето на финансиите ја обликува иднината на младите

    Време зa читање: 3 минути

    Во рамки на иницијативата на Универзитетското студентско собрание, а по повод „Глобалната недела на пари 2025“ во Скопје беше одржана панел дискусија со работен наслов „Како познавањето на финансиите ја обликува твојата иднина“.

    Ели Дракуловска, претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) на панел дискусијата организирана од студентите на скопскиот државен универзитет „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) истакна дека секој млад човек, започнувајќи ја кариерата, потребно е да размислува во насока на обезбедување на својата финансиска сигурност во иднина.

    „Полисата за осигурување на живот е одлична прилика за осигурување од немили настани и за штедење. Преку оваа форма на штедење младите активно придонесуваат за својата лична и семејна финансиска стабилност во иднина. Воедно преку таа интеракција активно придонесуваат и за зголемување на финансиската писменост и финансиска инклузија кај населението“, посочи таа.

    На настанот покрај Дракуловска учествуваа и Анита Ангеловска – Бежоска, гувернер на Народната банка, Гордана Димитриевска – Кочоска, министер за финансии, професор Кирил Јовановски, комисионер на Комисијата за хартии од вредност и Дарко Саздов, член на Советот на експерти на МАПАС (супервизор на пазарот за капитално финансирано пензиско осигурување).

    Во своето обраќање пред студентите за значењето на осигурувањето на живот врз долгорочната финансиска стабилност за секоја личност и нејзиното семејство,  Дракуловска додаде дека со оглед на промените на светот во кој живееме, исклучително е важно уште од најраните фази во кариерата на секој млад човек да свесно ја препознае потребата, поточно реалноста, дека е одговорен кон себе за обезбедување на својата финансиска сигурност, како и сигурноста на своето семејство.

    „Во моментите кога ја започнуваме кариерата, мудро е да се мисли и на иднината, односно дел од заработката да се вложи во обезбедување на стабилност на животниот стандард и во подоцнежниот период од животот. За млад човек можеби и не е едноставно на почетокот на кариерата да размислува на „далечната“ иднина, меѓутоа напоменуваме дека никогаш не е доволно рано да се почне со вложување во финансиска сигурност“, нагласи Дракуловска.

    Претставниците на финансиските регулатори се осврнаа и на значењето на финансиската писменост, за потребата од проактивност особено на младото население  како и на мерките и активностите кои овие институции ги преземаат за унапредување на свесноста за потребата од финансиска едукација.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично