Директните ефекти од воведувањето на американските царини не се големи, министерот за надворешни работи е во постојана комуникација со САД и доколку е потребно, царините можат да бидат и нула проценти затоа што целиот извоз на таа релација бил нешто над сто милиони евра. Информирајќи дека се во подготовка измени во Законот за царинските постапки, ова го соопшти министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.
„Подготвуваме измени во Законот за царинските стапки со кои можеме да одиме на нивно намалување дури и до нула, зашто ефектот нема воопшто да биде голем. Целиот извоз лани бил нешто над 100 милиони евра, што е многу малку во споредба со размената со останатиот дел од светот. Било каква промена на царинските стапки нема да има никакво влијание на Буџетот“, нагласи министерката како одговор на новинарско прашање, додавајќи дека во овој момент „тоа може да им го понудиме на САД“.
Таа го потврди претходно изнесениот став на премиерот Христијан Мицкоски дека во случајот на Македонија, царинската стапка од 33 проценти е грешка.
„Станува збор за грешка, бидејќи и по поединечни тарифи кога ќе се погледнат, во Република Македонија не постои царинска тарифа од 65 проценти“, истакна Димитриеска-Кочоска.
Според неа, за државата претставува отежнувачка околност тоа што со САД нема договор за слободна трговија, но изрази уверување дека Министерството за надворешни работи ќе го издејствува тоа.
„Верувам дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ќе успее да потпише таков договор, со чие потпишување ќе имаме промени и на царинските тарифи. Доколку не успееме да потпишеме таков договор, ќе видиме што ќе правиме понатаму. Од наша страна првично ќе понудиме намалување на царинските тарифи“, наведе министерката за финансии.
Директни ефекти од зголемените царински стапки наметнати од САД, ќе нема. Невозможно е, смета министерката, во кус временски период да се почувствуваат и индиректните негативни ефекти.
„Иако ги зголемија царините и за европските држави, не постои замена во САД за некој преку ноќ да го зголеми производството и да може да кажат – ќе купуваме од домашните производители. Да оставиме времето да покаже какво ќе биде однесувањето, но да не заборавиме дека приватниот сектор во Европа, а и европските држави ќе имаат билатерални разговори со САД“.
За можноста од преселба на капиталот, нагласи дека зборува како економист:
„Префрлањето на капиталот е многу тешка задача и одлука. Треба време за тоа. Многу е тешко да се преместуваат машини од едно на друго место и да се отворат капацитети. Ќе треба време за да видиме што ќе се случи, но негативни ефекти преку ноќ нема да се случат“, уверува Димитриеска-Кочоска, препорачувајќи да не се крева паника дека проблемите во Европа ќе значат отпуштање на вработените во земјава.
Исто така, посочи дека очекува европските држави да се договорат со САД, притоа признавајќи дека во моментот државата има проблем со една компанија.
„Во државава имаме проблем само во една ситуација, со една компанија која директно зависи од извозот во САД и сега тој проблем го решаваме. Но, ни тие нема да ги отпуштат работниците преку ноќ“, тврди министерката.