ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ I МЕРИ ЦАКИЌ: Капиталните инфраструктурни проекти го менуваат животот на луѓето, но мора да се следат стандардите

    Време зa читање: 10 минути

    Со шлем и заштитна облека на градежни работници, Мери Цакиќ, како експертка за животна средина, безбедност и здравје и социјални аспекти, често е на терен во Кратовско, каде што се гради пругата кон Бугарија. Таму врши надзор над примената на стандардите коишто ги бара инвеститорот на овој капитален инфраструктурен проект.

    Мери Цакиќ е дипломирана професорка по руски јазик, но животот ја одвел во градежништво, каде, како што признава, воопшто немала намера да оди. Железницата ја познава како својот џеб, со години живее на релација Скопје – Североисточна Македонија, каде што досега работела на изградба на железнички делници финансирани од ЕБОР, но и на многу други инфраструктурни проекти во земјава и во странство.

    Чувството за важност на социјалниот дијалог, но и посветеноста на еколошките стандарди, кои сега ѝ се професија, ѝ е, вели, од родителскиот дом, каде израснала со татко синдикалец.

    Теренската работа не била лесна за оваа жена којашто е и самохрана мајка, но паралелно со работните обврски ја продолжила и својата академска кариера на европските студии, а успеала и да докторира на тема „Улогата на социјалниот дијалог во подигнувањето на нивото на социјалната кохезија во Европската унија“ и да биде активна во граѓанскиот сектор, поточно во Европското движење, кое со децении работи на планот на македонскиот евроинтегративен процес.

    Порталот Пари во Месецот на жената направи серија интервјуа со успешни и професионално реализирани жени.

    ПАРИ: Како се најдовте во градежништвото, на изградба на железничка пруга иако по струка не сте инженер?

    Цакиќ: Работам на изведба на капитален градежен инфраструктурен проект за турската компанија Gülermak Ağır Sanayi İnşaat ve Taahhüt A.Ş, која ја гради железничката делница од Коридор 8. Во 2006 година ја напуштив работата со војската на КФОР и работев во ЈП МЖ до 2013 година, прво како шеф на кабинет, па потоа во секторот за инвестиции, каде што имав можност да се запознам со процедурите што се бараат при изведба на проектите финансирани од меѓународните финансиски институции. Почнав да работам во надзорот на градежниот проект Куманово ‒ Табановце, финансиран од кредит од ЕБОР. И тука почнав да навлегувам во проблематиката.

    Кога фирмата што го доби тендерот за изградба на пругата Куманово ‒ Бељаковце ми понуди работа, без многу размислување се одлучив да ја напуштам државната работа и да преминам во приватниот сектор.

    На новата работна позиција го водев делот за безбедност, екологија и социјални аспекти, кој е како пакет од процедури за сите проекти коишто ги финансираат меѓународни финансиски институции – ЕБОР, Европска банка за обнова и развој, Светска банка, KfW итн.

    Во меѓувреме работев и на други проекти во улога на консултант, на проектот за обнова на регионални патишта на Косово, каде бев дел од тимот консултанти за поддршка на Единицата за координација на проектот. Подоцна работев како консултант за социјални аспекти и животна средина во подготовка на тендерот за проектот за Енергетска ефикасност во студентските домови, кој неодамна почна да се работи.

    ПАРИ: Колку се важни овие стандарди и процедури за кои зборувате за еден голем инфраструктурен проект?

    Цакиќ: Кредиторите наметнуваат стриктни правила што мора да се почитуваат. Затоа мојата работа претставува тесна координација меѓу канцелариска подготовка на планови и процедури за нивно спроведување и теренско набљудување. Постојаниот мониторинг на теренските активности ни дава реална слика како се реализираат плановите и како се следат процедурите за безбедност на вработените, за заштита на животната средина и за социјалните аспекти, односно интеракцијата со локалното население.

    Денес, на пример, бев на увид на терен каде што се увиде дека за да се пристапи до трасата за теренски активности треба да се помине по шумски пат, кој се испостави дека е приватна сопственост. Сопственикот реагираше и денес почнавме преговори. Вакви ситуации се дел од секојдневието на вакви големи градежни потфати.

    ПАРИ: Обврска на Вашиот тим е и запазување на еколошките и безбедносните стандарди при градење…

    Цакиќ: Во рамките на секој градежен проект потребно е усогласување на барањата од важечката национална законска регулатива, условите ФИДИК, техничките спецификации и добрите градежни практики. На пример, постапувањето со подземни води при ископување темели, нивното третирање и враќање во водотекот, дозвола за работа во речно корито итн. Во рамките на еколошкото набљудување спаѓа мониторинг на загадувањето на водите, евентуално сечење дрва долж експроприраната траса на пругата, контрола и управување со отпад, биодиверзитет итн. Сето ова се прави со цел градежните работи да се завршат со минимално негативно влијание врз природата, биодиверзитетот и животот на локалното население.

    Покрај редовниот мониторинг на терен имам обемна работа и во канцеларија, каде ја подготвувам потребната документација и бројни извештаи.

    Безбедноста на работното место е една од најважните задачи кога станува збор за човечкиот фактор во градежништвото. Работам со екипа што работи на примена на мерките за заштита при работа на работниците, кои честопати работат и на големи височини. Работниците и операторите работат на висина, но и во ископи. Нашата задача е да се следи исполнување на стандардите за безбедно работење преку обуки на вработените, како и будно да го следиме нивното работење и да ги коригираме неправилностите избегнувајќи фатални последици. За реализацијата на сите овие активности потребна е квалитетна тимска работа. Задоволна сум што имам среќа да работам со оваа прекрасна екипа на луѓе коишто се посветени на својата работа.

    Големите градежни потфати неминовно влијаат и врз локалното население. Поради зголемената фреквенција на движење за потребите на проектот се зголемува нивото на прашина, бучава итн. Вршиме мониторинг на нивото на прашина и бучава, се координираат чекори за нивно намалување. Има случаи на оштетувања на поседите коишто се граничат со трасата. Наше е да излеземе на терен и да ја утврдиме вистинската состојба, ако е направена штета да се изнајде начин како да се надомести.

    Често сум на терен во комуникација со локалното население и по потреба постапувам по нивните поплаки. Некои не се задоволни и сакаат да ги сопрат градежните работи на парцелите што веќе одамна се експроприрани. Ова се решава со објаснување дека веќе не го поседуваат земјиштето и дека не можат и не смеат да ги стопираат градежните работи, туку да се обратат кон соодветните институции. Ова се дел од моите дневни активности. Работата е многу динамична и во никој случај не е здодевна.

    ПАРИ: Канцеларијата Ви е во работничкиот камп во Кратово, каде што живеат работниците што работат на изградба на пругата. Се навикнавте ли да работите во доминантно машко опкружување?

    Цакиќ: Речиси целиот мој работен век го поминав во доминантно машко опкружување. Се навикнав и не ми пречи, се почитуваме со колегите. Впрочем, атмосферата, редот и дисциплината не се многу поразлични од оние што ги имаше додека работев за КФОР, каде што поминав седум години. Кампот навистина и физички потсетува на Бондстил, има бараки за канцеларии и за сместување, менза, пералница, простор за слободни активности…

    ПАРИ: Како дојде до тоа дипломиран професор по руски јазик и литература да се вработи во американска воена база на Косово?

    Цакиќ: На почетокот од 90-тите студирав руски јазик во Скопје и како студент работев во казино. Излезе можност за работа во казино во Русија. Транзицијата во Русија, исто како и кај нас, донесе многу прозападни трендови. Еден од нив беше и коцкањето. Потребата за обучени кадри во новите казина ме однесе мене и група мои колеги во Русија и Белорусија, каде што живеев од 1993 до 1998 година. По враќањето во Македонија за кратко време ги завршив студиите бидејќи јазикот веќе активно го зборував. Во меѓувреме се појави конкурс за преведувачи за руски јазик за потребите на американската војска на Косово. Потребни им беа луѓе што го познаваат јазикот за комуникација со руските трупи што беа присутни во Косово во тоа време. Работев за КФОР на повеќе локации од 1999 до 2006 година. Работејќи со војската во тој период бев ангажирана во подготовка на локалното население за демократски избори. За време на обуките новоформираните политички партии и нивното членство детално и сеопфатно се подготвуваа за организирање политички кампањи.

    Во текот на овој период научив многу за политиката, за нејзиното влијание врз избирачите, како и за организирањето на една сеопфатна изборна кампања. По некоја случајност наскоро во Скопје се најдов вклучена во работата на изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ во Кисела Вода, каде што ми дадоа шанса да го споделам со нив сето тоа што го научив во текот на работењето на обуките за изборни кампањи коишто ги поминав додека бев на Косово.

    ПАРИ: Патот, сепак, потоа Ве однесе во Македонски железници…

    Цакиќ: Непланирано, неочекувано влетав во Македонска железница во период кога таа се реформираше. Единствен контакт со железница дотогаш ми беше возењето во воз. Ништо не знаев за неа, но сѐ се учи, нели? Две-три години работев и учев сѐ од почеток, од законска регулатива, процедури, структура, проблеми, сѐ. А, сето тоа беше во фаза на промени. Мојата прва средба со работа на проект од меѓународна финансиска институција беше проектот од Светска банка за реформа на железници, каде што бев координатор на социјалната компонента. Железницата се реформираше, а јас продолжив да работам во ЈП за железничка инфраструктура во Секторот за инвестиции, односно во делот што во тоа време вршеше надзор на активен проект со кредит од ЕБОР. Работата имаше посебна динамика. Благодарение на одличната соработка со колегите, кои беа врвни инженери, работата ми беше интересна и ми претставуваше задоволство, а истовремено многу се надградив на професионален план.

    ПАРИ: Малку е невообичаен патот, некој што нема инженерска заднина да навлезе во една толку специфична дејност каква што е градежништвото…

    Цакиќ: Никогаш немав намера да одам во градежниот сектор, но некогаш животот поинаку ги сложува коцките од тоа што си го планирал. Градењето капитални инфраструктурни објекти не е само физичка изведба на објекти, туку и синхронизирана соработка на меѓународните финансиски институции, националните институции на централно и локално ниво и приватниот сектор. Во овој дел од работата се пронајдов себеси. Јас не сум градежник, туку некој што ги имплементира и ги балансира на хартија и на терен процедурите на меѓународните финансиски институции и националните институции.

    Секогаш сум била еколошки свесна, така што ми дојде природно да работам на зачувување на животната средина и да го имплементирам мониторингот на еколошкиот дел. Израснав со татко синдикалец, така што грижата за спроведување на безбедноста на работниците и имплементацијата на социјалните аспекти на проектите ги сфаќам и прифаќам како наследство.

    Југослава Дуковска

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично