ПОВЕЌЕ

    КРЕДИТИ, КАМАТИ и ПРОФИТИ: Граѓаните и фирмите должат, банките заработуваат

    Време зa читање: 5 минути

    Повеќе од осум милијарди евра е долгот што кон банките го имаат граѓаните, компаниите, државата…. Во речникот на банкарите тоа е сведено под поимот побарување, или уште подобро звучи – кредитна поддршка. Која има своја цена. Наплатата на таа цена ги обезбедува главните банкарски приходи, кои се основа и за крајниот резултат – добивката.

    Од вкупните кредити одобрени од банките, речиси четири милијарди евра користат субјектите од нефинансискиот сектор, а со над четири милијарди евра се задолжени домаќинствата. Попрецизно, во декември лани тоталниот износ беше 8,03 милијарди евра, распоредени – 4,05 милијарди евра кај граѓаните и 3,94 милијарди евра кај компаниите.

    Потребата од пари ја стимулира побарувачката на кредити, која во декември лани, споредено со декември 2023 година, го зголемила кредитирањето за 11,2 проценти. Според податоците на Народната банка за минатата година, најголемиот дел од 6,66 милијарди евра, се средства дадени како кредитна поддршка од петте банки класифицирани во групата големи: Комерцијална банка, Стопанска банка Скопје, НЛБ банка, Халк банка и Шпаркасе банка. Од тој износ, повеќе од половината, или 4,28 милијарди евра, се кредити што го носат печатот на банките од големата тројка – Комерцијална, Стопанска Скопје и НЛБ.

    Забележливо е дека скопската Стопанска банка и НЛБ банка се поориентирани кон кредитирањето на граѓаните. Додека останатите три банки расположливите средства во поголем дел ги пласираат во компаниите.

    Според одобрените кредити од 1,63 милијарди евра, лидер на оваа петорка е Стопанска банка Скопје. Во однос на 2023 година, лани кредитната активност е зголемена за 100 милиони евра. Раст има кај сите банки, но предничи Комерцијална банка со 200 милиони евра. Следува Халк банка со 170 милиони евра, па НЛБ со 160 милиони евра. Шпаркасе банка во текот на 2024 го зголемила кредитирањето за 85 милиони евра.

    Кон овие пет банки граѓаните имаат долг од 3,37 милијарди евра. Во ситуации кога нема друго финансиско решение, од банките се бараат потрошувачки кредити, кои на ниво на банкарскиот систем достигнуваат две милијарди евра.

    Во групата големи се банките со актива поголема од 55,55 милијарди денари, односно над 900 милиони евра. Активата од 2,9 милијарди евра позицијата најголема и ја обезбедува на Комерцијална банка. Стопанска банка Скопје има актива од 2,3 милијарди евра, НЛБ банка од 2,1 милијарда, Халк банка – 1,8 милијарди и Шпаркасе банка – 1,7 милијарди евра.

    Од кредитниот колач, средните банки по големина, односно со актива од 13,8 милијарди до 55,55 милијарди денари (над 220 до над 900 милиони евра), имаат парче од 863,2 милиони евра. Во овој ред се Прокредит банка, УНИ банка и Развојна банка.

    Развојната банка е основана од државата и целосно е во нејзина сопственост. Преку неа се реализираат кредитните линии наменети исклучиво за претпријатијата – микро, мали и средни. Лани се работело за износ од вкупно 3,13 милиони евра. Оваа банка има актива од 18.648 милиони денари, односно над 303 милиони евра.

    И Прокредит банка е повеќе насочена кон кредитирање на фирмите. Со состојба од крајот на минатата година, кај нив има пласирано 443,60 милиони евра. За речиси 19 милиони евра повеќе отколку во 2023 година.

    Уни банка, поголемиот дел од средствата ги канализира кон населението. На крајот од 2024 година им имала одобрено вкупно 219,78 милиони евра.

    Од двете средни банки, УНИ и Прекредит, граѓаните како заем повлекле и користат 326,85 милиони евра.

    Мали банки се оние со актива помала од 13,8 милијарди денари: Централна Кооперативна банка, ТТК банка, Стопанска банка Битола, Силк Роуд банка и Капитал банка. Меѓу нив, најголем бруто-износ на исплатени кредити од 125,34 милиони евра, има ЦКБ, а најнизок Капитал банка – 36,48 милиони евра.

    Од вкупниот износ на одобрени кредити на ниво на банкарскиот систем, овие пет банки партиципираат со близу 415 милиони евра. Нивните клиенти кредитокорисници во добар дел се граѓаните со 305,2 милиони евра.

    Од пресметаните и наплатените камати, минатата година овие банки оствариле нето-приходи во износ од 459,1 милион евра. Тоа е разликата од приливите и од исплатите по линијата на каматите. Средства се слеваат и од провизиите, од курсните разлики…, но каматите се најдоходовни.

    На последниот ден од минатата година, според податоците на Народната банка, на име камати банките во Македонија побарувале вкупно 4.347 милиони денари. Во евра – 70,68 милиони. Од износот, 60,95 милиони евра се за наплата од големите банки, 6,55 милиони евра средните и 3,15 милиони евра малите банки. Секако, не се тоа побарувања само од кредитите, туку и по други основи. Износот од три ставки: побарувања врз основа на камати од кредити и пласмани во денари, од кредити и пласмани во странска валута и од кредити и пласмани во денари со валутна клаузула е 35,31 милион евра.

    Парите од клиентите ги користат клиентите. Банките умешно располагаат со доверените средства. Минатата година остварија заедничка добивка од безмалку 283 милиони евра.

    Mаја Aнастасова

    (Фото: Report.az)

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично