ПОВЕЌЕ

    ЗА БАНКАРИТЕ ПРОФИТ ОД 282,8 МИЛИОНИ, за државата данок од 38,8 милиони евра – Банкарскиот сектор во 2024 година

    Време зa читање: 5 минути

    Банките во Македонија минатата година одработиле и заработиле 282,8 милиони евра. Износот ја претставува вкупната добивка остварена во банкарскиот сектор, во чиј состав, заедно со државната Развојна, се 13 банки. Резултатот е за 21,7 проценти подобар од профитот што ја одбележа претходната 2023 година. Креиран е во „услови на сериозни предизвици и неизвесности, проследени со неповолни движења“, посочуваат банките во своите извештаи. И, повторно потврдија дека се отпорни на надворешните и на внатрешните случувања и влијанија.

    Во системот има пет големи, три средни и пет мали банки. Од нивното успешно функционирање, во ќар е и државата. Од нив наплатила 38,8 милиони евра на име данок на добивка. За 60,33 насто повеќе во однос на 2023 година, кога била инкасирана сума од 24,2 милиони евра. Пред да се намират давачките кон државата, вкупниот износ на профитот за 2024 година е 321,6 милиони евра, се гледа од податоците и показателите за банкарскиот систем што ги објави Народната банка, кои ги анализира порталот Пари.

    Од аспект на групите банки, забележани се следните постигнувања: големите банки имаат профит од 284,7 милиони евра бруто и 249,69 милиони евра нето; средните – 27,07 милиони евра бруто и 24,32 милиони евра нето; малите банки 9,77 милиони евра во бруто и 282,76 милиони евра во нето-износ. Остварувањата се засновани, во најголем дел, врз зголемената кредитна активност, но и врз растот кај депозитната база.

    Во сето ова, најголем е придонесот на трите најголеми – Комерцијална банка, Стопанска банка и НЛБ банка. Доминантната тројка на домашниот банкарски пазар лани оствари заедничка добивка од 191,2 милиони евра.

    Пресметаните и наплатени камати на банките им обезбедиле приливи од вкупно 459,1 милион евра. Станува збор за нето-износ, кој споредено со нивото од претходната 2023 година, е повисок за 12,3 проценти. Подетално, само од каматите банките приходувале 576 милиони евра. Но, по таа основа имаат и трошоци, односно на клиентите им исплатиле 116,8 милиони евра. Од кои, на домаќинствата и на физичките лица – 104,5 милиони евра.

    Во рамките на приходната страна, кај големи банки лани се слеале 471,3 милиони евра, кај средните 67,8 милиони евра, а кај малите 36,8 милиони евра. Најмногу пари доаѓаат од домаќинствата (234,4 милиони евра) и од физичките лица (232,8 милиони евра).

    Осум проценти повеќе се регистрирани и кај приходите од провизии. За извршените услуги во текот на минатата година банките наплатиле 115,1 милион евра, додека во 2023 – 106,6 милиони евра. Најмногу од провизиите заработиле НЛБ банка (25,2 милиони евра) и Комерцијална банка (19,4 милиони евра). Клиентите со години наназад реагираат за висината на износите, а во банкарските тарифници повремено се внесуваат корекции по нагорна линија. За да се зголеми конкуренцијата меѓу банките, што ќе биде своевиден притисок за намалување на провизиите, НБРСМ на својата веб-страница ги стави на увид банкарските ценовници, но прашање е колку граѓаните ја користат оваа алатка.

    Единствениот пад е запишан во ставката курсни разлики. Разликата помеѓу остварувањата во 2024 и 2023 година е изразена со 1,05 проценти. Станува збор за суми од 28,2 милиони евра, односно 28,5 милиони евра.

    Солидни се и приливите од останатите приходи од дејноста, кои на субјектите од македонската банкарска сцена им донеле 49,4 милиони евра. Во овој сегмент е воочлив и најголемиот раст во однос на 2023 година, за 41,6 насто.

    Што се однесува до трошоците, некаде се зголемени, некаде намалени. За 21,33 отсто се пониски резервациите за лошите кредити. Исправката на вредноста минатат година ги чинела банките 59 милиони евра. Тоа, пак, е поповолна состојба споредено со 2023, кога во тој дел биле заведени 75 милиони евра.

    За една година трошоците за вработените се зголемиле за нешто повеќе од 10 проценти. Од 109,3 милиони евра во 2023, на 120 милиони евра лани. А, останатите расходи од дејноста имаат раст од 9,26 насто и достигнале износ од 130,9 милиони евра, наспроти прекланските 119,8 милиони евра.

    Сите овие бројки упатуваат на тоа дека банкарскиот сектор продолжува да се стабилизира и да расте. Во прилог им оди зголемената потреба за пари и побарувачката на кредити, што е тесно поврзано со проширувањето на депозитната база. Оттаму и очекувањата дека јакнењето на нивните позиции ќе има соодветна рефлексија во националната економија.

    Маја Анастасова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично