ПОВЕЌЕ

    ГО ИЗГУБИВМЕ ПРИМАТОТ ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА СОНЧОГЛЕД, АФИОН, ПАМУК… Дали субвенциите може да помогнат за враќање на овие култури?

    Време зa читање: 3 минути

    Македонија го изгуби приматот што некогаш го имала во производството на афион, сончоглед, шеќерна репка, памук, маслодајна репка, свила и жито. Некои од овие индустриски култури се комплетно исчезнати од македонските ниви, некои сѐ помалку се сеат, а површните со некои од нив континуирано се намалуваат или стагнираат.

    Од друга страна, Македонија троши милиони евра за увоз на финалните производи од овие култури, и покрај тоа што има услови за домашно производство. Тоа е само уште една потврда за важноста на домашното производство, во спротивно стануваме држава што е лесен плен и на политички и на економски план.

    Според упатените во земјоделскиот сектор има повеќе фактори што придонеле за некои од индустриските култури тотално да исчезнат од нивите или, пак, површините да се намалат – тоа се ниски приноси, ниски откупни цени, слободен увоз на суровини.

    „Намалувањето на површините со сончоглед може да се припише на дејствувањето на повеќе фактори. Главно тоа се надворешни фактори, и тоа движењата на цените на светскиот пазар на семе од маслодајни култури и цените на суровото масло. Потоа, застарена и недоволна механизација, користење нископриносни сорти, доцнење со плаќањето од страна на преработувачите и во одредени години ниската откупна цена“, вели Љупче Станковски, претседател на здружението на земјоделци „Агрофаланга“.

    Земјоделците периодов во Овчеполскиот регион ги подготвуваат површините за сончоглед, а причина за тоа е зголеменото субвенционирање, како и усовршената агротехника, смета универзитетскиот професор на Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, Љупчо Михајлов.

    Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), најголемиот рекорд на засеани површини под сончоглед имало во 1989 година, кога под оваа култура биле покриени 46.000 хектари. Земјоделците низ годините се откажаа од сончогледот, бидејќи немаа вода за наводнување, односно се соочува со рестрикциии и со уништени системи за наводнување.

    „Конкретно за сончогледот е важно уште во почетокот на март да се насее, за да го развие кореновиот систем на поголема длабочина, во почетните фази од развојот. Понатаму и да настапат пролетни суши, да не страда за вода. Значи да се обезбеди моќност на растението со продлабочениот коренов систем, за од поголема длабочина на почвата да ја црпе водата“, вели Михајлов.

    Тој потенцира дека како идеја за останатите маслодајни култури, кои со успех можат да се одгледуваат во Овчеполскиот регион е пред сè ленот. Михајлов посочува дека ленот може да се одгледува на поголеми површини, а исто така и маслодајната репка.

    Но, сепак, вели тој колку и да се зголемат површините, многу тешко дека ќе може да се задоволат потреби на Македонците, сепак добро е тоа што се најде слух од страна на државата, да се зголемат субвенциите.

    „Како држава немаме план и стратегија, и далековидост за сите реперкусии од влегувањето во Светската трговска организација и од глобализацијата, и тоа мора да се промени. Потребно е повторно одгледување на сите овие култури, обезбедување субвенции и наедно ќе се обезбеди вработување на многу земјоделци, транспортери. Сепак, нашето стабилно производство на стратегиските продукти, како што се маслото, шеќерот, брашното, сметам дека е приоритет“, нагласува Станковски.

    K.M.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично