ПОВЕЌЕ

    Трговците менуваат цени, инспекторите на терен, граѓаните да ги пријавуваат неправилности

    Време зa читање: 4 минути

    Трговците и денес се усогласуваат со владините одлуки. Менуваат цени и ги означуваат производите опфатени од мерките со задолжителното „помалку трошоци, повеќе за тебе“. Ознаката од вчера ја има на голем број артикли, а граѓаните велат – забележлива е, уште да се почувствува и во џебот. Затоа што, одредени разлики можат да се воочат, но минимални кај лебот, видови млечни производи, кај средствата за хигиена…

    Се работи за голем број производи класифицирани во 102 групи, од Владата рекоа над илјада, а трговците тврдат дека се работи за три до четири илјади. Освен потрошувачите кои редовно се присутни во маркетите и ја знаа цената на чинење, на терен се и инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, кои проверуваат дали и како се спроведуваат мерките. А, имаат овластување на самото место да изрекуваат казни во распон од 500 до десет илјади евра, кои произлегуваат од законите за трговија и за заштита на потрошувачите. Воедно, на помош ги повикуваат и граѓаните, секоја неправилност да ја пријават на бројот 191 или на www.dpi.gov.mk.

    Рокот на двете одлуки – за посебни услови за трговијата на одделни стоки и обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед, како за утврување на највисоките цени за одделни производи во трговијата на големо и трговија на мало – е до 30 април. Во тој период се и рамазанските и велигденските празници, па се смета дека на овој начин граѓаните ќе бидат барем делумно ценовно растоварени. Од Владата често посочуваат дека со мерките се штити животниот стандард, при што очекуваат цените да паднат, во просек, за десет отсто.

    Замрзнати на нивото од први февруари се цените на осум групи основни прехранбени намирници – млеко, леб, брашно тип 400 и тип 500, јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко. Маржата за нив е пет проценти. На 10 проценти е лимитирана бруто профитната маржа на 55 артикли, во кои се месото и месните преработки, шеќерот, млечни производи, маргарин, путер, конзервиран зеленчук и овошје, грав, ориз, тестенини. А, со максимум 15 проценти маржа се 39 производи: свежо овошје и зеленчук, детергенти, бебешка храна, пелени, сапун, тоалетна хартија…

    Трговците, кои укажуваат дека им е отворена голема работа, сепак засега дејствуваат со засилено темпо, иако сѐ уште тврдат дека нивните предлози се подобри и би биле поефикасни.

    „Владата и Министерството за економија и труд со оваа и слични мерки го штитат стандардот на граѓаните. Бизнис секторот имаше многу можности да ја покажат нивната општествена одговорност и грижа за граѓаните, но сите анализи покажуваат дека профитните маржи растат неконтролирано, па за одредени производи дури ги помине сите фази (производство, увоз, диструбуција, добавувач, трговец…) од почетната цена до нејзината финална цена на рафт во маркет каде је купуваат граѓаните, за одредени производи достигнува и од 50 до 70 проценти“, изјави најекспонираниот владин претставник по ова прашање, заменикот министер за економија, Марјан Ристески, кој за мерките посочува дека не само што се заштитува стандардот на граѓаните, туку не нанесуваат штета на македонското производство и стопанство.

    Спротивно е мислењето на Трајан Ангеловски од Сојузот на стопанските комори, кој изјави дека секое ограничување ќе има одредени реперкусии во одредена сфера.

    И министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, не е за овој тип решенија, а тоа го нагласи уште кога овој владин состав почна со примената на кошниците – ученичка, па есенска…

    Треба да бараме решение на долг рок, а не овие ад хок мерки за замрзнување на цените. Долгиот рок е нова стратегија како треба да функционира македонската економија и таа почнува од начинот на субвенционирање на земјоделството, поттикнување на поголемо производство на храна“, вели министерката.

    Дел од економистите, кои замрзнувањето на цените го сметаат за најефикасно, укажуваа и пред воведувањето на мерките дека ограничувањето на маржите трговците лесно можат да го пресретнат. И дека меѓу себе се договараат, односно без оглед што се ривали на пазарот, се здружуваат околу заедничкиот интрес. На тоа упатува и ненадејната контрола направена од Комисијата за заштита на конкуренцијата. Како што информираа, откриено е можно незаконско договарање помеѓу неколку синџири на маркети, спротивно на член 7 од Законот за заштита на конкуренцијата. Односно пронајдени се докази дека донеле незаконска одлука, договарајќи се да делуваат усогласено, при што нема да набавуваат стоки од добавувачи кои ќе достават нови ценовници за нивните производи. За ова е поведена прекршочна постапка, бидејќи претставува сериозно нарушување на пазарната конкуренција.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично