ПОВЕЌЕ

    УНГАРСКИТЕ ПАРИ ВТОР МЕСЕЦ ГИ ЗГОЛЕМУВААТ ДЕВИЗНИТЕ РЕЗЕРВИ – 4,92 милијарди евра на крајот од ноември  

    Време зa читање: 2 минути

    Официјалните девизни резерви со кои располага државата изнесуваат 4.920 милиони евра. Состојбата е забележана на крајот од ноември. За еден месец има намалување од 55,6 милиони евра (на последниот ден од октомври беа 4.975,6 милиони евра).

    Сепак, ова е втор месец со износ што се доближува до прагот од пет милијарди евра. Причината е заемот од Унгарија. Нивото на девизните резерви го кренаа 500-те милиони евра од унгарскиот кредит, кои сѐ уште не се распределени за користење меѓу бизнисите и општините. За потсетување, во септември централната банка информираше за 4,4 милијарди евра.

    Најголем дел од девизните резерви, според последната информација од Народната банка, се пласирани во хартии од вредност – 68,2 проценти. Потоа, 20,4 отсто во валути и депозити, 11,4 проценти се чуваат во монетарно злато.

    Дефиницијата за девизните резерви вели – тоа се средства веднаш достапни и расположливи за монетарната власт, во чија надлежност е и контролата врз нив. Служат за финансирање на платниот биланс преку интервенција на девизниот пазар. Пред сѐ, за да се влијае врз девизниот курс, како и за други цели. Во суштина, основната функција им е да ја заштитат економијата од негативни надворешни шокови, за редовно сервисирање на надворешниот јавен долг и интервенции на девизниот пазар.

    Девизна ликвидност, пак, ги опфаќа средствата расположливи веднаш на монетарната власт и на централната влада за задоволување на побарувачката за девизи, како и краткорочните обврски и вонбилансни активности, преку планираните и потенцијални нето-одливи на девизи.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично