ПОВЕЌЕ

    КАКВО Е ДЕЈСТВОТО НА ВЛАДИНИТЕ КОШНИЧКИ? Ефектите краткотрајни, цехот го плаќаат граѓаните

    Време зa читање: 6 минути

    Се подготвува новогодишната потрошувачка кошничка со околу 500 производи. Граѓаните треба да ја очекуваат наредниот месец. Од Министерството за економија и труд истакнаа дека се направени поопсежни консултации и земени се предвид повеќе фактори кои влијаат врз крајната цена на производите, битна за потрошувачите. Оттаму велат дека за граѓаните е најважно што ќе бидат опфатени најзастапените производи на новогодишната трпеза, како и за празниците околу Нова година.

    Но, прашањето е – колкави резултати даде есенската кошничка? Дали со претстојната новогодишна и со сите предвидени кошнички ќе се сопре трендот на зголемување на цените на основните прехранбени производи? И, секако, што носи меѓупросторот, од есенската до новогодишната, како и потоа до пролетната кошничка, кога трговците ќе имаат одврзани раце слободно да ги формираат цените? Дали носи бран на зголемување на цените, бидејќи минималната кошница за ноември (кога заврши есенската кошничка) во споредба со октомври беше зголемена за 772 денари. За оваа проблематика порталот Пари разговараше со неколку релевантни соговорници, кои ни дадоа одговори на овие прашања и искажаа свои размислувања.

    Според податоците од Сојузот на синдикатите на Македонија, есенската кошничка придонесе минималните трошоци на едно семејство, во рамките на таканаречената синдикална кошничка, во октомври да се намалат за 57 денари.

    „Вредноста на синдикалната минимална кошница за ноември 2024 година изнесува 62.021 денари. Со изнајмен стан од 60 квадрати за ноември изнесува 77.396 денари. Споредено со вредноста на синдикалната минимална кошница за октомври 2024 година, која изнесува 61.249 денари, е зголемена за 772 денари“ – информираат од Сојузот на синдикати на Македонија.

    Притоа, појаснуваат: „Од податоците на вредноста на синдикалната минимална кошница евидентно е дека некој се богати на грбот на граѓаните и работниците, а не ги почитува мерките на Владата кои се креираат за да се помогне на граѓаните со ниски примања. Трговците покажуваат дека немаат општествена одговорност, ако имаме предвид дека вредноста на минималната кошница во делот за храна и пијалаци, ден по завршување на мерката на Владата повторно е зголемен за 609 денари, а вкупната синдикална минимална кошница за 772 денари“.

    Од ССМ велат дека разговараат со Министерството за економија и труд во однос на креирањето на идните мерки, но потребно е трговците или да покажат општествена одговорност или Владата при креирањето на новите мерки да биде ригорозна во постапувањето кон ваквите нефер трговски практики и да казнува.

    Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии истакна дека отсекогаш бил критичен кон ваквите краткотрајни замрзнувања, и кога претходната Влада ги применувала.

    – Постојано кажував дека тие не можат да ги решат проблемите, дека можеби ќе им помогнат на луѓето да преживеат месец-два, ама дека после тоа, сè ќе падне во вода.

    Сепак, сметам дека по она што го видовме со есенската кошничка, мора да се престане со праксава. Со есенската кошничка се покажа дека меркава нема ни краткорочен ефект, туку напротив, е и контрапродуктивна, затоа што им дава повод на фирмите да ги кренат цените. Откако ќе истече мерката, фирмите ја злоупотребуваат ситуацијата и ги креваат цените повеќе од што биле претходно. Крајниот исход е дека граѓаните можеби добиваат минимално пониски цени додека мерката е на сила, ама после тоа цените скокаат многу повеќе, и граѓаните севкупно се во загуба – укажува Јовановиќ.

    Според него, Владата треба да се фокусира на покачување на примањата на граѓаните. И поради тоа што инфлацијата е веќе стабилизирана на околу три проценти, но и затоа што зголемувањето на примањата е трајна мерка.

    Како што вели за порталот Пари, Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организација на работодавачи на Македонија, воведувањето на овие „празнични“ потрошувачки кошнички се обид на државата да се ограничи зголемувањето на цените на некои најкупувани производи во текот на празниците. Тој додава дека ова претставува некој вид на „преодно решение“ помеѓу замрзнување на цените и слободно „пазарно” формирање на цените на производите, особено на прехранбените, кои учествуваат со најголем удел во трошоците на живот на граѓаните.

    – Проблемот е што ефектите од овие потрошувачки кошнички е мал, затоа што се случуваат во краток период во кој трговците продаваат стоки кои ги набавиле од порано и потешко се прави контрола на нив. Од друга страна, целосното замрзнување на цените на долг рок ќе доведе до нарушување на снабдувањето на пазарот со некој вид на производи, намалување на грамажата или, пак, на квалитетот на производите и до нивен недостиг. Ова, затоа што трговците не сакаат да остваруваат загуби на некои производи кои ќе ги покриваат со добивките остварени од производите на кои не им е ограничена цената или маржата – објаснува Димитров.

    Тој вели дека некои експерти препорачуваат наместо ограничување на цените, да се зголемат дотациите до семејствата со најнизок доход и на тој начин да им се олесни, бидејќи со ограничување на цените добиваат и оние семејства кои имаат високи приходи и на кои не им е потребна помош.

    – Една од негативностите на оваа мерка е тоа што по престанокот на важењето на ваков вид ограничување на цените, трговците ќе побрзаат да ги вратат повисоките цени, особено ако има зголемена побарувачка од страна на купувачите – посочува Димитров.

    Според него, сите се соочени со предизвикот – како да се подигне стандардот на населението преку повисоки плати, пензии и други примања, а во исто време да не се зголемуваат цените и да не се предизвика зголемување на инфлацијата.

    – Теоретски гледано, ова е можно само доколку приходите на населението се зголемуваат онолку колку што се зголемуваат производството и услугите, т.е. остварената додадена вредност во стопанството. Но, желбите да се подигне стандардот на граѓаните повеќе отколку што изнесува зголемувањето на продуктивноста, доведува до ваква ситуација за трка помеѓу цените и платите. Од друга страна, Македонија е мала земја која е принудена на голема либерализација во однос на увозот и извозот, што значи, за да ја задржиме макроекономската стабилност мораме да ја одржуваме нашата инфлација на нивото на инфлацијата во Европа – потенцира Димитров.

    Катерина Михајлова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично