ПОВЕЌЕ

    ЌЕ ИМА ЛИ ДОГОВОР ЗА УНГАРСКИОТ ЗАЕМ? – Ако не банките, трошоците ќе ги платат граѓаните

    Време зa читање: 4 минути

    Нормално е кога користите средства од граѓаните да вратите нешто и кај граѓаните“. Со таа логика денес премиерот Христијан Мицкоски ќе седне на маса со банкарите, во обид да ги убеди да покажат општествена одговорност и да понесат дел од товарот што оди со унгарскиот кредит, а во полза на фирмите што ќе ги користат тие пари. Една банка прифатила да субвенционира дел од каматата, а дали другите ќе го следат тој пример, ќе се знае во текот на денот.

    Ние како Влада ќе дадеме сѐ што можеме да разговараме отворено и цениме дека во овој момент, во услови на предизвици со кои се соочуваат насекаде низ светот, тоа е најмалку нешто што може заедно со банките да го направиме“, изјави вчера Мицкоски, кој е убеден дека банките треба да помогнат, откажувајќи се од трошоците што вообичаено ги пресметуваат и наплатуваат.

    И, по можност, да отстапат од практиката – кредитите да се отплатат во период од седум до десет години. Па, рокот да го продолжат и да соодветствува со оној под кои е одобрен унгарскиот заем – три години грејс период и 12 години враќање на парите.

    Премиерот Мицкоски врши невиден политички притисок врз банките во Македонија да го прилагодат нивното работење и нивното пазарно работење по барање на политиката, на Владата“, го изнесе својот став во интервју за „Трилинг“, економскиот експерт и поранешен министер за финансии, Никола Поповски.

    Тој потсети дека во ниедна пазарна економија, како и во нашата, работењето на банките не е во владина надлежност, а „ова е еден еклатантен пример зошто не треба да биде таму“. Исто така, Поповски посочи дека во земјава има 14 банки, од кои една е државна, три се македонски, а десет се странски. И покрај тоа, вели, „премиерот врши политички притисок врз пазарни субјекти да се однесуваат според барањата на Владата“.

    Воедно, Поповски смета дека причините поради кои таа една банка ги прифатила владините барања, се политички, односно на овој начин ќе ги изгради односите со новата власт. Зашто, се работи за банка-ќерка, дел од банка која е државна во својата земја.

    Речиси е сигурно, ако не банките, трошоците за кредитот наменет за бизнисот ќе го платат граѓаните.

    Знам, сигурно, дека корисниците ќе ги имаат оние услови за кои ние зборувавме“, рече Мицкоски, кој вчера немаше одговор за тоа – што доколку банките речат „не“ и колкави пари за таа намена ќе треба да се обезбедат од државната каса, односно од даночните обврзници.

    Ќе се направат пресметките во зависност од договорот, но секако, ќе биде најмалку двапати помалку отколку да излеземе на отворен пазар преку еврообврзница да бараме пари“, изјави премиерот.

    Бизнисот треба да апсорбира 250 милиони евра, а првиот човек на Стопанската комора, Бранко Азески, во случајов е оптимист: „Мислам дека бизнисот овојпат ќе ќари, нема каде да се оди. Едните треба постојано да се докажуваат, другите се на почеток на мандатот, а ние сме тие што треба да ги искористиме тие средства на најадекватен начин“.

    Владата ја доби од Унгарија првата половина од најавената една милијарда евра. Условите се каматна стапка од 3,25 проценти и период на отплата од 15 години, во кои три години се грејс период. По 250 милиони добиваат компаниите и општините.

    Според најавите, новата унгарска кредитна инјекција од 500 милиони евра ќе стигне в година. Новото задолжување од една милијарда евра, според Никола Поповски, ќе значи дека во секоја од наредните 15 години државата ќе плаќа камати од по 32 милиони евра.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично