ПОВЕЌЕ

    НА МАКЕДОНИЈА Ѝ ТРЕБА ПОСТЕПЕНА ЕНЕРГЕТСКА ТРАНЗИЦИЈА заради одржливост на стопанството и заради граѓаните

    Време зa читање: 13 минути

    Пред неколку години Европската Унија ги заостри своите т.н. климатски цели, намерата е до 2030 година да ја намали емисијата на стакленички гасови за 55 %, наместо претходно планираните 40 %.

    Македонија доцни со енергетската зелена транзиција. Иако сѐ повеќе имаме капацитети од обновливи извори, сепак, сржта на енергетскиот систем го сочинува РЕК „Битола“ со своите три блока. Иако тие имаат потешкотии со функционирањето, сепак засега се незаменливи околу обезбедувањето на стабилен извор на електрична енергија за граѓаните и фирмите, а во исто време и доволно евтина за да немаме ценовни шокови. Но, се наближува крајот на евтина струја од РЕК „Битола“.

    Порталот Пари во ова продолжение на темата за новонаидувачката такса за емисија на јаглерод диоксид и реперкусии врз земјава, се фокусира на тоа дека потребни ни се храбри чекори за изградба на нови поголеми објекти за базна, но и балансирачка енергија – комбинирани термоенергетски постројки на природен гас со гасна турбина, котел и парна турбина и реверзибилни (пумпно-акумулациски) хидроцентрала и доколку досега тоа било направено и таксата на СО2 ќе била значително помала.

    Енергетските екперти велат дека на Македонија ѝ треба еволутивна транзиција кон зелена енергија, а не брзо затворање на објектите. Односно постепено вклучување обновливи извори на енергија, затоа што брзо и непланско преоѓање на извори што не ги задоволуваат стопанските и граѓанските потреби, како и скапото чинење на такво производство, во пакет со вклучување на неподготвена мрежа и систем носи ризик, нестабилност, неконкурентност…

    Наметувањето на давачата ќе влијае врз конкурентноста на македонската економија

    Професорот Ристо Филкоски од Институтот за термичко и енергетско инженерство при Машинскиот факултет за порталот Пари вели дека за да се намали емисијата на стакленички гасови, ЕУ  мора брзо да ја реорганизира својата индустрија која испушта најмногу стакленички гасови. Така, големите емитери би плаќале повеќе за CO2 и на тој начин би биле принудени да се преориентираат на производствени процеси поповолни од аспект на влијанието врз климата.

    Со цел производителите од ЕУ да не се најдат во неповолна ситуација во меѓународната конкуренција, Комисијата на ЕУ има предвидено и данок на CO2 за увоз на производи од странство, преку „Механизмот за прилагодување на јаглерод на границата“ (Carbon Border Adjustment Mechanism). Една од целите е да се поттикнат или да се натераат компаниите во ЕУ да произведуваат поодржливо во однос на емисиите на стакленички гасови, без да се најдат во понезавидна позиција во глобалниот трговски и ценовен натпревар поради зголемената цена за емисиите на CO2 – вели Филкоски.

    На прашањето дали во Македонија се доцни со енергетската транзиција, Филкоски посочува дека не може да се одговори просто со да или не, без соодветно дообјаснување.

    Прво, би сакал да нагласам дека во земјава треба да се спроведе постепена енергетска транзиција не заради тоа што некој тоа го бара од нас, туку, пред сѐ, заради нас самите. Се повторуваме, но пак мора да се истакне дека енергетските објекти врз кои се заснова енергетскиот систем и кои ја чинат сржта се стари, а дел од нив веќе и го надминале предвидениот технички век. Меѓутоа, столбовите што треба да бидат основа за планирање во енергетскиот сектор можеме да ги сублимираме вака: (1) постигнување енергетска безбедност и намалување на енергетската сиромаштија кај населението, (2) независност и ефикасност во снабдувањето со електрична енергија по прифатлива цена и (3) одржливост на енергетскиот систем од технички, економски и еколошки аспект. Значи, на земјата и е неопходно стабилно снабдување со електрична енергија за граѓаните и за компаниите по цена што ќе можат да ја поднесат – укажува професорот.

    Во врска со новите давачки од 2026 година, тој вели дека во последниве неколку години сведоци сме на вистински бум во изградбата на фотоволтаични системи (неколку стотици мегавати новоинстаалирани постројки), а има и неколку биогасни централи (со еден до три мегавати инсталирана моќност), како и придвижување во делот на користењето на ветерната енергија.

    Но, веднаш мора да се нагласи дека значително зголемените инсталирани капацитети засновани врз обновливи енергетски ресурси не значат и соодветен голем пресврт во производството. Тука, разбирливо, и понатаму доминираат термоцентралите и хидроенергетските објекти. Тоа во што ужасно се доцни е изградбата на нови постројки на природен гас кои постепено би ги замениле термоенергетските блокови на јаглен и реверзибилни (пумпно-акумулациски) хидроцентрали – смета Филкоски.

    Она што наидува многу бргу, а што ни се наметнува од страна на ЕУ, вели тој, е давачката за емисија на јаглерод диоксид доколку компаниите извезуваат во ЕУ.

    Ако се навратиме подиректно на прашањето за влијанието на таквиот намет врз конкурентноста на македонската економија, тоа секако дека ќе биде мошне негативно. Едноставно, ако цената на електричната енергија од РЕК „Битола“ досега изнесувала околу 60 евра за мегават-час, со новата давачка од почетокот на 2026 година таа би се удвоила, па и повеќе од тоа. Сето тоа ќе треба да се вгради во цената на производите што компаниите би ги извезувале во земјите на ЕУ. Притоа, за РЕК „Битола“ и за АД ЕСМ нема никакви придобивки од таквото покачување на цената – објаснува професорот.

    Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини велат дека влијанието на CBAM врз конкурентноста на македонската економија зависи од брзината и успешноста на адаптирање на компаниите. Новиот надоместок може привремено да го зголеми финансискиот товар на извозниците, особено за компании кои немаат капацитети за обновлива енергија.

    Ова би можело да го направи македонскиот извоз помалку конкурентен во ЕУ, но со соодветна поддршка и подготовка, ќе може да се минимизира негативниот ефект – укажуваат МЕРМС.

    Зголемена е свеста кај компаниите за потребата од унапредување на енергетската ефикасност

    Ако зборуваме за периодот на подготовка од три години што им стоел на располагање на компаниите, Филкоски нагласува дека тоа е премалку кога станува збор за некакво сериозно прилагодување во однос на енергетиката.

    Замислете компанија која во својот технолошки процес користи мазут, а пристап до гасоводниот систем сè уште нема. Значи, не само што би било неопходно да се спроведат соодветни техничко-технолошки прилагодувања на системот внатре во фабриката, туку потребно е и да се има пристап до гасоводната мрежа. Но, дури и да се реализира преминот од мазут кон природен гас давачката за емисија на СО2 останува, само што би била помала, што значи помала штета за конкурентноста – укажува Филкоски.

    Колку фирмите се прилагодиле кон можните нови трошоци, според познавањата на професорот за индустријата во Македонија, кај стопанските и други субјекти од сите сектори (индустрија, услужни дејности, јавен сектор и др.) во последниве 15-20 години значително е нарасната свеста за потребата од унапредување на енергетската ефикасност и многу компании редовно реализираат мерки за подобрување на ефикасноста, што резултира со помала специфична потрошувачка на енергија.

    Освен тоа, во последниве неколку години многу компании инсталираа фотоволтаични постројки, некои исклучиво за свои потреби, а некои делумно за свои, а делумно за продажба на електричната енергија на системот. Но, овие придвижувања, секако, само го ублажуваат, но не го решаваат новонаидувачкиот проблем со таксата за стакленички гасови – смета Филкоски.

    Според него, на ниво на држава, неопходни ни се најитно храбри чекори за изградба на нови поголеми објекти за базна, но и балансирачка енергија – комбинирани термоенергетски постројки на природен гас со гасна турбина, котел и парна турбина и реверзибилни (пумпно-акумулациски) хидроцентрала. Да беше тоа досега направено сигурно и таксата на СО2 ќе беше значително помала.

    Мерките од овој тип може да им нанесат значителни штетни последици на послабо развиените земји

    Колку ќе биде ефикасен механизмот замислен од ЕУ во остварувањето на декларираните цели, останува да се види во иднина.

    Силен е впечатокот дека тој содржи и многу елементи на протекционизам во однос на конкурентски земји во светот, пред сè Кина, Индија, Индонезија и други. Освен тоа, ефектот може да се покаже и како контрапродуктивен за ЕУ, што би значело уште еден бран на деиндустријализација, односно преселба на преостанатата индустрија во други делови од светот. Факт е дека мерките од овој тип може да им нанесат значителни штетни последици на послабо развиените и посиромашните земји, кои се во голема мера зависни од трговските односи со ЕУ. Последичното покачување на цените на производите од тие земји би можело и речиси сигурно ќе доведе до пад на извозот во ЕУ, со консеквентни негативни ефекти врз работните места и даночните приходи во овие земји, како и до поткопување на инвестициите во одржлива трансформација. Во оваа прилика мора да си припомниме дека во последниве три децении за околу половина од вкупната емисија на стакленички гасови во светот се одговорни околу 10% најбогати во светот (најмногу САД и ЕУ), а додека најсиромашните 50% во светот биле „одговорни“ за 7-8% од емисијата – потенцира Филкоски.

    Дали новата давачка ќе се одрази и врз цената на струјата за граѓаните

    Според одредени хипотетички сценарија, Филкоски вели дека новата давачка може да се одрази и врз цената на струјата за граѓаните, но тоа прашање, додава, бара подетална елаборација.

    Со надлежните од Регулаторна комисија за енергетика разговаравме за дали оваа давачка може да се одрази и врз цената на струјата и за граѓаните. Оттаму велат дека станува збор за јаглеродна такса (давачка со која се оданочува производството на јаглероден диоксид) која е на сила кај земјите членки во ЕУ.

    Оваа такса  ќе стапи на сила на 1 јануари 2026 година за земјите кои не се членки на ЕУ и  ќе почнат да плаќаат јаглеродна такса преку механизмот за јаглеродно даночно прилагодување, при извоз во ЕУ. Идејата е мотивирана од зачувување на животната средина, но и за обезбедување на фер плеј услови за сите учесници на европскиот пазар кои ги нудат своите производи. Струјата може да е производ сам по себе, но секако е доминантен учесник во формирањето на финалната цена на најголем број од производи кои се извезуваат. Па така земјите кои до сега ја немаат оваа такса, се сметаат за поконкурентни на пазарот, од оние учесници кои ја плаќаат – сметаат од РКЕ.

    Како што велат оттаму целта е да се поттикнат инвестиции во енергетиката од обновливи извори – а да се намали производството на струја од јаглен. На тој начин пласираните производи ќе немаат дополнителен трошок.

    Механизмите преку кои може да се влијае за да се амортизира притисокот се генерално стратешки политики на делување во два сегменти: Намалување на трошоците за производство на електрична енергија (но треба да се има предвид дека станува за капацитети кои работат 40 годни – како РЕК „Битола“). И вториот сегмент инвестиции во нови постројки (од обновливи извори и когенаративни постројки). Инаку, енергетската криза како и ковид кризата влијаеше земјите на ЕУ да ги рестартираат затворените постројки на јаглен со цел да обезбедат поголема автономија во производството и снабдување со електрична енергија, односно да ја намалат увозната зависност. Земјите од регионот доминантно се зависни од струјата произведена од јаглен. Неодамна на регионален состанок во Црна Гора , регулаторите од регионот го покренаа ова прашање и се со иницијатива да се заземе заеднички став и координирано да се делува – укажуваат од Регулаторна комисија за енергетика.

    Од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини за дали таксата ќе влијае врз цената на електричната енергија за граѓаните, велат дека CBAM ќе се однесува само на делот од електричната енергија која е произведена од фосилни горива и која ќе биде извезена во земји-членки на ЕУ.

    Домашната потрошувачка на електрична енергија нема да биде засегната од CBAM. Сепак, потребен е систем за докажување на потеклото на електричната енергија и тоа е она што нам ни недостасува. – систем преку кој треба да се докаже потеклото на електричната енергија, дали е од јаглен, гас или од ОИЕ – велат од МЕРМС.

    Каде е елементарната историската правда со ставањето на сите делови од светот во ист кош?

    Кога станува збор за новата давачка за емисија на јаглерод диоксид, кон потсетувањето за „одговорноста“ за емисиите на стакленички гасови во последниве 2-3 децении, професорот прашува каде е елементарната историската правда со ставањето на сите делови од светот во ист кош, ако се знае дека некои земји емитувале уште од втората половина на 18-тиот век, а други од пред 40-50 години?

    Каква е методологијата за пресметка, кој ја подготвува, кој ја усогласува и кој ја договара? Ако направиме обид за пресметка макар и за обичен случај на неголема компанија од Македонија, ќе констатираме дека наидуваме на редица нејаснотии. Како воопшто може да се пресмета биланс за емисија на јаглерод диоксид за некој производ – врз основа на цел „животен“ циклус, почнувајќи од производството на суровините некаде во светот или…? Како ќе се врши пресметката на емисијата на стакленички гасови, а со тоа и на таксата, во услови на отворени пазари на електрична енергија? Доколку некоја компанија троши 50% увозна електрична енергија, како ќе се утврди дали таа е произведена во термоцентрала на јаглен, комбинирана постројка на природен гас, хидроцентрала, ветропарк или можеби нуклеарна целнтрала? Многу компании немаат проблем да известуваат за емисиите и надворешен субјект да им врши мерења (што им е и законска обврска!), но за нив, од аспект на тајност на усвоените и користените технологии, може да биде неприфатливо да им се навлегува во деталите на користење на суровини и енергенти. Како ќе и пресметува некој на Кина такса за емисија на СО2? Конечно, како ќе се управува со средствата и дали се планира вложување на приходите од таксата во некаква форма на одржлив развој? Дали земјите со ниски приходи надвор од ЕУ ќе имаат некаква полза од тие приходи? – ги поставува прашањата Филкоски како проблематика во текот на нашиот разговор.

    ДОКОЛКУ ПРОИЗВОДНИТЕ ПРОЦЕСИ НЕ СЕ ДЕКАРБОНИЗИРААТ, компаниите ќе се соочат со зголемени трошоци за производство

    На крајот, тој вели дека иако ова е прашање за сериозна научна дебата, потенцира дека климата на планетата Земја е исклучително комплексен динамички систем кој зависи од редица фактори кои мора да се анализираат на подолг рок (во секој случај, многу подолг од 3-4 децении). А врз повеќето од нив човештвото немаме никакво влијание.

    Тука би споменал само некои од покрупните: дозрачената енергија од Сонцето и промените што се одвиваат на Сонцето – некои периодични, а некои целосно непредвидливи; глобалните динамички климатски шеми поврзани со ротацијата на Земјата околу Сонцето и околу сопствената оска, циклуси одлично опишани од страна на познатиот српски научник од првата половина на XX век Милутин Миланковиќ; аеродинамиката на атмосферата (атмосферската циркулација); струењата во големите водни басени – океани и мориња; појавите и промените во јадрото на планетата од кадешто по пат на кондукција се пренесува огромна топлинска енергија кон површината; концентрацијата на гасови со непарни молекули во атмосферата (т.н. сткленички гасови) и други фактори. Поентата е дека со ограничувањето на емисијата на јаглерод диоксид и други стакленички гасови се влијае само врз мал дел од споменатите и неспоменатите фактори. Меѓутоа, наративот наметнат од разни „зелени“ партии и групи, бројни невладини организации и други интересни групи, дека за сѐ се виновни климатските промени, а за климатските промени исклучив виновник е СО2, е толку силен што ќе биде потребно подолго време и сериозни напори за ова прашање да и се врати на науката и да се решава врз научна основа – укажува професорот на Машински.

    Катерина Михајлова

    Со овој текст, порталот Пари се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти”, кој е поддржан од Британската амбасада.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично