ПОВЕЌЕ

    БРЗАТА ПРУГА НА КОРИДОР 10 е приоритет и за Македонија

    Време зa читање: 4 минути

    Брзата пруга од српско-унгарската граница до Будимпешта, во должина од 164 километри, треба да биде завршена до крајот на 2026 година, кога од Белград до унгарската престолнина ќе бидат потребни два часа и 45 минути. На границата меѓу Србија и Унгарија нема да има застанувања, бидејќи царинските и граничните премини ќе бидат лоцирани на железничките станици во Белград и во Будимпешта. Додека, пак, Македонија засега само ја има ставено брзата пруга во своите планови и, како што најави министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, откога ќе почнат работите до започнување на првата операција на воз по пругата, се потребни најмалку 5 години.

    Како што вели Николоски , според проценките, изградбата на брзата пруга, која не би ја следела сегашната траса покрај коридорот 10, би чинела од 2,3 до 2,5 милијарди евра. Допрва треба да се направат физибилити и предфизибилити студија. Николоски очекува да се добие одговор од студиите кое решение е најприфатливо.

    Србија на 24 ноември ќе ја пушти за сообраќај брзата пруга од Нови Сад до Суботица. Оваа делница е во фаза на тестирање.

    Министерот за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ, најавува дека следната година ќе започне изградбата на брзата пруга од Белград до Ниш, која ќе се одвива во „прозорци“, односно во услови на периодични прекини на сообраќајот.

    – Лично, како министер, донесов одлука да работам во „прозорци“, бидејќи беше голема грешка што беше затворена пругата меѓу Белград и Нови Сад и меѓу Нови Сад и Суботица. Железничкиот коридор 10 е клучен за нас и доколку ја затвориме пругата Белград – Ниш, целиот товарен каргосообраќај би се насочил кон другите железници и прашање е дали некогаш ќе успееме да го вратиме во сегашниот обем. Кога ќе се направи тоа на овој начин, изградбата трае подолго, но ќе добиеме и железничка линија и ќе заштедиме каргосообраќај, бидејќи тоа е суштината кога е железницата во прашање. Кога ќе ја завршиме брзата пруга од Белград до Ниш, патувањето меѓу тие два града ќе трае сто минути – додаде Весиќ.

    Тој истакна дека железниците се геополитика и за нас е важно што сите излези од Запеден Балкан водат преку Србија.

    -Ние успеавме да се избориме да се обнови Коридорот 10. ЕУ почна да го форсира коридорот преку Романија (за поврзување со Бугарија, Грција и Турција, н.з.), како и коридорот 8 од Албанија до Бугарија, оној кој поминува низ Македонија. Но, за нас е многу важно што успеавме да се избориме да бидеме централна земја низ која поминуваат брзи пруги и целиот Западен Балкан поинаку не може да излезе кон Европа и кон исток“, рече министерот за градежништво, сообраќај и инфраструктура на Србија.

    Весиќ посочи дека се договориле со надлежните во Македонија да влезат во проектот за изградба на брза пруга од Брестовац до Скопје. Тоа се 135 километри во Србија и уште 50 километри во Македонија.

    -Сега заеднички ќе бараме средства за тоа. Така што, нашата идеја е да ја поврземе таа брза пруга со Скопје. Грците веќа ја проектираат својата брза пруга од Солун до македонската граница, согласно договорот на Вучиќ со грчкиот премиер Мицотакис од февруари годинава. Тие веќе ја реконструираат пругата од Солун до Атина. Така што, останува да се заврши тој дел од Скопје до Грција и ќе имаме комплетна брза пруга од Будимпешта до Атина. Тоа значи дека Србија ќе биде ‘рбетот на железничкиот сообраќај на Западен Балкан и целиот Западен Балкан ќе излегува преку Унгарија кон Европа – додаде Весиќ.

    Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски во интервју за поткастот „Каде се парите“ истакна дека пругата на Коридор 10 е приоритет и затоа ќе ги вложат сите напори оваа пруга да биде извор на приходи за државата и целата економија.

    -За да нема застој во железничкиот транспорт, паралелно ќе ја реконструираме пругата од Табановце до Гевгелија, а во исто време ќе работиме и на изградба на нова пруга на Коридор 10 – вели Николоски.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично