ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ  | КУКУНОСКА: Секој работодавец во својата стратегија за работа да стави висок акцент на безбедноста на своите вработени и на својот бизнис

    Време зa читање: 6 минути

    Комплетни услуги во делот на противпожарната заштита, безбедност и здравје при работа, животна средина, управување со отпад, заштита на лични податоци, корпоративна безбедност, сајбер безбедност, медицина на трудот, развој на приватната детективска дејност, вештачења, проектирање и надзор над изведување на градби од прва категорија и многу други услуги од современ карактер е портфолиото на услуги кои ги нуди „Премиум Сејфти Солушн”.

    Основач и генерална директорка на „Премиум Сејфти Солушн“ е м-р Марија Кукуноска чија идеја била да понуди нов современ концепт за безбедносни решенија. Нејзината цел е да ги помести стандардните делувања на компаниите, да станат конкуренција со силни и професионални делувања и заедно како фела, да ја доведеат безбедноста на нивото кое заслужува да биде.

    Во интервјуто Кукуноска истака дека поврзаноста со осигурителните компании е многу битна алка има многу недостатоци на кои треба да се работи се до нивно надминување, а како крајна цел ја поставува добрата и прецизна комуникација помеѓу трите субјекти вклучени во процесот, а тоа се осигурителните компании, фирмите кои даваат услуги во делот на противпожарна заштита и компаниите ( кои се корисници на двата субјекти). Во тој триаголник секој има свое еднакво битно место и прецизната информација е клучна во правилно функционирање на овој систем за безбедносни решенија.

    Пари: Колку е важно секој работодавец да размислува за безбедноста и заштитата на својот бизнис и имот, како и заштита на вработените?

    Кукуноска: Од големо значење е секој работодавец како приоритет во својата стратегија за работа да стави висок акцент на безбедноста на своите вработени и безбденоста на својот бизнис од аспект на имплементација на сите законски прописи во делот на заштита од пожари и здравје и безбедност при работа.

    Пари: Пожарите, нажалост, сѐ почесто се појава на имоти на физички лица и комерцијални објекти, колку нашите граѓани и компании се свесни за ризиците и колку размислуваат за подигнување на стандардите во безбедноста?

    Кукуноска: Општо мислење на оваа тема е дека „тоа нема да се случи“ но, за жал, се почеста е појавата на пожари како во приватни домови, така и во комерцијални објекти. И во двете категории опасноста е еднаква доколку навремено не се реагира и спречи. Сметам дека ова се должи на недоволна свесност на секој индивидуалец за можноста од настанување на пожар, но тука клучна е едукацијата како на правните лица така и на физичките лица, со крајна цел креирање на висок степен на свесност и со тоа подигнување на стандардите во безбедноста.

    Пари: Дали постои нелојална конкуренција, нерегулиран пазар, ниски стандарди кои компаниите и населението не се свесни, а со тоа се ставаат во ризик?

     Кукуноска: На оваа тема многу малку се зборува јавно и транспарентно. Компаниите кои даваат услуги во делот на противпожарна заштита се свесни за нелојалната конкуренција, нерегулираните цени и како краен резултат се на некој начин приморани да понудат услуга со низок квалитет или во даден момент да направат импровизација како би можеле да останат рентабилни и присутни на пазарот. Од друга страна корисниците на услугите како што споменав погоре од причина на недоволна информираност и низок степен на свесност за важноста на превенцијата, секогаш приоритет ставаат на најниската цена која никогаш неможе да значи квалитет и висок стандард. Со ова компаниите го ставаат својот бизнис и вработени во ризик ,додека населението поради недоволна едукација исто така се става во ризик.

    Пари: Како да се подигне нивото на професионалност, какви промени во системот на работа се потребни за да се докаже на корисниците на усугите дека ова е најбитниот сегмент за заштита на својот бизнис?

    Кукуноска: Промената, според мене, треба да започне со обединување на компаниите кои ја работат оваа дејност, бидејќи сите имаат идентичен проблем. Понатаму многу е битна соработката на институциите кои треба да имаат слух за реалната ситуација и да иницираат промени во законската регулатива, да ги заштитат компаниите со тоа што ќе се постави стандард за регулирање на пазарот, активно вклучување на медиумите во едукација на населението и најмладите преку разни кампањи во соработка со институциите и компаниите. Проблемот е присутен многу долг период и ќе биде потребно време да се направат промените, но со интензивна работа на терен, вклученост на сите релевантни фактори и искористување на новото време на виртуелна брза достапност на информацијата сметам дека може да се промени пред сѐ перцепцијата. Со регулирање на пазарните цени сметам дека ќе се надмине проблем кој од непознати причини се пролонгира многу години, а од друга страна,пак, кога ќе се надмине бенефит ќе имаат компаниите кои работат во дејноста, корисниците на услугите кои ќе добијат квалитетна и професионална услуга која ќе гарантира безбедност, институциите надлежни за контрола и на компаниите и на корисниците.

    Пари: Кои се најголемите предизвици во заштитата од пожари – дали правиме како бизниси и држава сѐ што можеме во оваа насока?

     Кукуноска: Предизвици има многу, но мал е бројот на поединци кои сакаат навистина да се заложат и да се исправат пред овие предизвици и да креираат трајно решение кое ќе прерасне во национална стратегија за превенција и справување со пожари од секаков вид .

    Тргнувајќи од фактот дека немаме образовна институција која може да произведе стручен кадар од оваа област, пропорционално на тоа институциите како Дирекција за заштита и спасување, Центар за управување со кризи и Противпожарните единици имаат констатно недостаток на стручен и едуциран кадар е првата точка и основата на се погоре кажано.

    Би напоменала еден многу практичен пример од каде би се добила јасна слика зошто е битно да се направи регулирање на пазарот во делот на противпожарна заштита:

    На ниво на РСМ според некои неофицијални податоци има од 980 до 1.500 државни институции, додека бројот на правни лица е 71.228 според податоци објавени на страната на Државен завод за статистика. Противпожарна заштита е потребно според законските прописи да имплементита секое правно лице без ралика дали е државна институција или приватен субјект. Компании кои се овластени од страна на ДЗС да даваат услуги од противпожарна заштита според неофицијални информации поради неажурираност на податоци се околу 45 во РСМ.                                                        Според ова, логично е дека при регулирани пазарни цени сите компании би имале загарантирано доволно клиенти, би работеле со висока професионалност и на крај својот труд и експертиза би ја наплатиле по пристојна цена која ќе овозможи рентабилност и профит за компаниите кои даваат услуги во делот на противпожарна заштита.

    новинар: Катерина Михајлова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично