ПОВЕЌЕ

    ПЕНЗИОНЕРИТЕ ГО ЧЕКААТ ЗГОЛЕМУВАЊЕТО, предложените измени не стигнале до Собранието

    Време зa читање: 4 минути

    Во јули просечната исплатена пензија во земјава изнесувала 21.213 денари што е противвредност на 345 евра. Во споредба со другите држави од регионот, македонскиот просек е подобар од албанскиот кој изнесува 131 евро, од бугарските 226 евра и од најниската пензија во Босна и Херцеговина од 293 евра. Во БиХ има и категорија загарантирана пензија во износ од 350 евра, a највисоката е 1.466 евра. И е повисока од таа што ја примаат 27 македонски пензионери – 80.280 денари или 1.305 евра.

    Во Србија јулскиот просек е 390 евра, a минималната пензија 213 евра. Но, некаде од ноември па до јануари идната година, според најавите на српскиот претседател, ќе се случи десетпроцентно зголемување. Таму најголемата пензија е во износ од 1.708 евра.

    Од почетокот на годинава минималната пензија во Црна Гора е 450 евра. Во, јули, пак, покажуваат податоците од црногорскиот Фонд за ПИО, просечната пензија била 495 евра, а со исплатените разлики 515 евра.

    Повисоки се просечните старосни пензии во двете држави членки на ЕУ. Во Хрватска се работи за износ од 580, а во Словенија од 785 евра.

    Јулската статистика на македонскот Фонд за пензиското и инвалидското осигурување покажува дека се најбројни пензионерите – 103.697 – кои секој први во месецот добиваат пензии во распон од 13.193 до 16.909 денари. Во структурата учествуваат со 30,46 проценти. Од март 2025 ќе располагаат со износи од 18.193 до 21.909 денари. Што би било на рамниште на нивните барања во времето на протестите, најниската пензија да е 18, односно 20 илјади денари.

    Пониски пензии од 13.192 денари користат 24.794 лица (7,28%). А, над горната граница поставена на нивото од 57.481 денар се 66 пензионери со удел од само 0,86 проценти. Кај нив ќе се почувствува зголемувањето. На пример, највисоката пензија би требало да се искачи на 85.280 денари. Колку тоа ќе се одрази на пензионерскиот стандард ќе зависи од цените, од инфлацијата и од владините политики и способности за справување со појавите кои ги „јадат“ парите.

    И, додека пензионерите се во исчекување на дополнителните 2.500 денари, предлог законското решение за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување сѐ уште не е пристигнато во Собранието. Гласовите на пратениците се гаранција дека на први октомври тие пари ќе легнат на пензионерските сметки.

    За исполнување на предизборното ветување дадено од актуелната владејачка партија, Министерството за социјална политика, демографија и млади изработи измени и го подготви предлогот кој пред повеќе од дест дена ја помина владината процедура. На тој начин ќе се обезбеди сите септемвриски, а потоа и мартовски пензии да се зголемат за по 2.500 денари.

    И ресорното Министерство и премиерот, кој е горд што ветувањето се исполнува за девет месец, а не за една година, потенцираат дека овие пет илјадарки се во функција на „пораст на животниот стандард и подобар и поквалитетен живот за пензионерите“. Што ќе биде по први март 2025, дали и на кој начин ќе се прави усогласување со инфлаторните движења и со просечната плата, засега не се знае. Исто така, не се зборува ниту за утврдувањето на минималната пензија, што беше едно од барањата на пензионерите.

    Во јули, според бројките од ПИОМ, имало 340.482 корисници на пензија. Веројатно, сите тие веќе ги одбројуваат деновите до повисоката септемвриска пензија, но и се надеваат на можните изненадувања што ги најави премиерот: „Ќе видиме какви ќе бидат состојбите со Буџетот, па и понатаму може да имаме пријатни изненадувања…“.

    М.А.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично