ПОВЕЌЕ

    ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД КЛИМАТСКИТЕ ПРОМЕНИ СЕ ТУКА: Имаме ли идеи и пари како да се бориме со нив?

    Време зa читање: 5 минути

    Со промена на климата, доколку не се контролира, температурите ќе продолжат да растат во наредните години. Економските и здравствените импликации од овој топлотен стрес се сериозни. Потребно е проактивно инвестирање во климатската адаптација, како и колективна акција во регионот, кој моментално се соочува со топлотен бран, сето ова не е само неопходност, туку и мудра финансиска одлука, стои во Извештајот на Светска банка за влијанието на климатските промени во земјите од Западен Балкан.

    Економскиот експерт Здравко Савески вели дека крајно време е да ги сфатиме сериозно климатските промени, зачестеноста на топлотните бранови и невремињата треба да нѐ алармираат дека работите не се онакви како што наводно отсекогаш биле.

    „На овој план е и најголемата промена до која мора да дојде. Без таа промена, сѐ додека преовладуваат ставовите дека не постоеле климатски промени, дека обврската за климатска акција е само за властите, а не и за граѓаните, или дека властите не смеат да посегнат по мерки што ќе го нарушат консумеристичкиот животен стил – или ќе има само глумење еколошки мерки или ќе го нема ниту тоа. Зашто властите во таков случај нема да чувствуваат притисок да преземат нешто посериозно и, напротив, ќе се воздржуваат од преземањето чекори и ќе ретерират од нив, како на пример при откажувањето од воведувањето на еколошка такса за бензините“, смета Савески.

    Промените што треба да се направат на ниво на јавни политики, вели тој, се однесуваат на давањето приоритет на еколошките инвестиции, а ќе обезбеди предуслови за зголемени субвенции за органско земјоделство, пошумување и грижа за шумите, зголемување на јавниот транспорт и по број и по квалитет, зголемување на енергетската ефикасност, премин на што повеќе обновлива енергија итн.

    „Потребно е и надминување на квантитативните критериуми за мерење на успешноста на економијата (како што е БДП) и проценка на напредувањето во економски поглед преку квалитативни критериуми. Но, повторно, без јавен притисок, постои ризик објавата на мерки да биде само едно најобично зелено шминкање со мал реален ефект. Во таква ситуација, се надевам дека постои свест кај јавноста, дека парите ќе се дадат за (делумно) санирање на последиците од климатските промени наместо да се дадат за подобрување на квалитетот на животот на луѓето. Односно, дека прашањето веќе не е дали ќе се дадат пари или не, туку за што ќе бидат дадени“, укажува економскиот експерт.

    Според Извештајот на Светска банка, шесте земји од Западен Балкан треба колективно да инвестираат најмалку 37 милијарди долари (околу 34 милијарди евра) во следната деценија за да ги заштитат луѓето и имотот од ескалацијата на влијанието на климатските промени.

    Доколку Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија преземат акција, придобивките би биле огромни, а неактивноста не е опција, се вели во извештајот, кој беше објавен додека Западен Балкан се соочи со нов топлотен бран и бран на шумски пожари.

    Инвестициите во оваа рамка би помогнале да се избегне загуба на човечки животи, средства и пад на продуктивноста, како и да се придонесе за побрз економски раст.

    „Со промена на климата, доколку не се контролира, температурите ќе продолжат да растат во наредните години. Здравствените и економските импликации од овој топлотен стрес се сериозни – истражувањето покажува дека работниците во Скопје веќе губат 140 часа продуктивност годишно поради топлотен стрес“, истакна Мега Муким, виш урбан економист во Светска банка.

    Тој укажува дека климатските промени ја засилуваат зачестеноста и интензитетот на природните опасности, како што се суши, шумски пожари и поплави, претворајќи ги во катастрофални настани што ги уништуваат заедниците и економиите.

    Според проценките на Светска банка, инвестициите за адаптација на климатските промени, особено во економиите со ниски и средни приходи, носат значителни придобивки, при што секој инвестиран 1 долар се претвора во придобивки од околу 4 долари.

    „Планинските општини на границата меѓу Албанија и Македонија се во најголем ризик од свлечишта во регионот и се исто така рурални и изолирани. Овие примери ја илустрираат потребата од регионални инвестиции и акции за здружување на физички и финансиски ресурси за итен одговор во образецот на прекугранична меѓусебна помош“, се нотира во Извештајот.

    За да се справат со растечката закана, во извештајот се вели дека шесте економии треба да ги намалат емисиите на стаклена градина со цел да останат конкурентни, да ја зајакнат својата енергетска безбедност и да привлечат странски инвестиции.

    Сепак, во извештајот се забележува дека за да се усогласат со целите на Европската унија за постигнување климатска неутралност до 2050 година, што бара префрлување на соларна, ветерна и хидроенергија, шесте земји мора да направат дополнителни инвестиции од 32 милијарди долари.

    Исто така треба да го декарбонизираат градежниот сектор, да ја намалат побарувачката на возила и да се префрлат на електрични возила.

    Инвестициите не само од Владите, туку и од приватниот сектор ќе бидат суштински за оваа трансформација, се предупредува во извештајот.

    Меѓутоа, за да се мобилизираат приватните инвестиции, „земјите од Западен Балкан мора да обезбедат стабилни регулаторни средини и атрактивни финансиски пазари за да ги охрабрат компаниите да се вклучат во можностите што ги нуди транзицијата“.

    К.М.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично