ПОВЕЌЕ

    Со картичка (не)може – Малите трговци со кеш се штитат од банкарските провизии

    Време зa читање: 7 минути

    „Не работиме со картички“ – пишува на некои киосци. Ако нема писмено известување, тогаш усно ќе ви кажат – „не примаме картички“. Или, во подобар случај – „може, минимум 300 денари“. За вода, гуми за џвакање, за цигари, весник… мора да се има кеш. Готовината е потребна и за маалските дуќанчиња, каде што има и ПОС терминал и фискален апарат, само не се користат. И за некои кафеани и специјализирани продавници, каде што безготовинското плаќање било практика, но поради некои причини повторно во игра е исклучиво кешот. Неретко, понудата е – има попуст за плаќање во кеш. Картичките, се чини, својата употребна вредност ја имаат во шопинг моловите и во големите маркети. Таму каде што циркулираат големи износи.

     

    Иако се во подем и плаќањето со картички и бројот на ПОС терминалите, сепак некои нешта тешко се менуваат, и порад навиките и заради условите под кои треба да се случи промената. За граѓаните готовината значи сигурност, а за трговците шанса за заработка – без провизија и без контрола на готовината. Едноставно, сметаат, банкарските провизии им го одземаат ќарот, а и давачките кон државата се големи. „Мал дуќан, мала заработувачка. Терминалот само ќе ми ги зголеми давачките. Провизија од секоја трансакција, одржување… Од каде? Што ќе остане за мене?“, вели сопственик на киоск. Болна точка се цигарите. Заработката е трипроцентна и ќе се преполови ако купувачот плати со картичка.

    ВО НАРЕДНИТЕ ТРИ ГОДИНИ ЌЕ НАДВЛАДЕАТ БЕЗГОТОВИНСКИТЕ ПЛАЌАЊА

    Од банките, пак, посочуваат дека уредите ги даваат без надомест, а провизијата се однесува на реализираните трансакции. Исто така, нагласуваат дека и во договорите што ги прават е наведено дека корисникот на уредот не смее да одреди минимален или максимален износ на трансакција, како услов за прифаќање на картичката како платжно средство.

    „Свесни сме за проблемот, посебно кај малите трговци. Маржите се мали, посебно кај цигарите. Големите маркети или продавниците во шопинг моловите го немаат тој проблем, затоа што имаат огромен прилив на пари. Малите се борат за секој денар, за опстанок, па затоа со нив тешко оди воспоставувањето соработка. Се обидуваме да ги намалиме провизиите, да бидеме флексибилни, но сепак, се водиме по препораките на Народната банка. Кај нас провизиите се од еден до три проценти на секоја трансакција. Минималните се за малите трговци, а највисоките за хотели и други поголеми дејности“, укажуваат од Силк Роуд банка. И, додаваат, дека работат со „Американ експрес“, па тие ги диктираат условите.

    Плаќањето со картичка е особено важно бидејќи ја намалува сивата економија, нагласуваат од Македонската банкарска асоцијација. Народна банка заедно со банките постојано работи на развој на начини на безготовинско плаќање. Платежните картички им даваат можност на корисниците да вршат плаќања на многу едноставен и безбеден начин. Поради оваа причина континуирано се работи на развој на безготовинските плаќања.

    Исто така, од МБА појаснуваат дека сите банки кои имаат лиценца за прифаќање картички, односно за работење со POS терминали, уредите ги даваат без надомест. Таа цела инвестиција е од страна на банките. Волјата на крајниот клиент, во конкретниот случај, малопродажниот објект, е дали ќе ги прифати или не. Со Законот за платежни услуги се ограничи висината на заменските надоместоци меѓу банкарските провизии што една банка ги наплаќа на друга и реално цената на трансакциите е симната.

    „Согласно новинарскиот текст, објавен на Вашиот портал Pari.com.mk може да се заклучи дека соодносот помеѓу трансакциите со картички на банкомат во однос на трансакциите со картички во трговската мрежа (на POS) е 38% наспроти 62% во корист на трансакциите на банкомат.

    ВО ТРГОВИЈАТА СЕ УШТЕ ЦАРУВА КЕШОТ, картичките ако мора

    Развојот на нови POS терминали, посебно насочен кон помалите трговци е во подем, и домашните банки ги следат во чекор глобалните трендови и нудат различни решенија согласно потребите и димензиите на клиентите (трговците).

    Со предвиден годишеш двоцифрен пораст на трансакциите во трговија (на POS) за очекување е во следниве три години волуменот на трансакции на POS да го надмине волуменот на трансакции во готовина. Притоа, се посветува сериозно внимание на ценовната поставеност на банките и во овој момент провизиите во POS трговската мрежа се движат околу 1% и тие на никој начин не влијаат на обесхрабрување на прометот со картички“, велат од МБА.

    „ПЛАСТИКАТА“ ЈА ОДЗЕМА СИЛАТА НА СИВАТА ЕКОНОМИЈА

    „Пари“ веќе објави дека од 2016 до 2023 година вредноста на платежните трансакции со картички остварени на физички места на продажба (ПОС) е зголемена речиси за трипати. Во 2016 година на ПОС биле реализирани плаќања во износ од 34,1 милијарда денари (над 552 милиони евра), а лани – 113,9 милијарди денари (повеќе од 1,8 милијарди евра). Наспори тоа, од банкоматите во 2023 биле повлечени во кеш 180,1 милијарда денари или 2,9 милијарди евра. Во 2016 година од банкомат биле повлечени 116,6 милијарди денари (над 1,8 милијарди евра).

    Во тој контекст и податокот дека за осум години бројот на трговците кои ја прифаќаат пластиката како платежно средство се зголемил за вкупно 2.724. Во 2016 биле 13.080, а лани 15.804.

    Бројките кај банките, базирани на нивните официјални извештаи за работењето, велат – само пет од нив преку наплата на провизии и надоместоци заработиле повеќе од 15,3 милиони евра. Сумата е направена во првите три месеци од годинава. Се работи за Комерцијална банка, која во тоа тримесечје има зголемување за 25,6 проценти во тој сегмент, а заработката е речиси 5,5 милиони евра. Кај НЛБ банка и покрај падот од 1,1 отсто, нето-износот е 5,2 милиони евра. Скопската Стопанска банка инкасирала 3,46 милиони евра и тука има трипроцентен раст. ТТК банка забележала нето-приходи од 650 илјади евра, а Стопанска банка Битола – 510 илјади евра. Се разбира, ова се износите за пресметаните и наплатени провизии за сите услуги што ги нудат, меѓу кои е и работењето со картичките.

    И во ЕУ расте интересот за користење платежни картички и електронски трансакции, иако 73 отсто од малопродажните плаќања сѐ уште се во кеш. Во светот, особено во развиените земји, се оди кон тоа готовината што помалку да ја има во оптек. Притоа, се создаваат услови на кои граѓаните сакале или не, мора да се прилагодат, како на пример, од десетици каси во големите маркети само на една се прима кеш. Во тој поглед предничи Шведска, каде што има голем број пречки за користење на готовината. Дури и повозрасните лица работат со пластика. Минатогодишното истражување на централната банка – Sveriges Riksbank покажало дека само девет отсто од лицата помеѓу 65 и 84 години користеле готовина при последното купување, додека две години претходно се работело за 25 проценти. Како што пишува на веб-страницата, за една година е постигнато десетпроцентно намалување на готовината во оптек. Додуша, со безготовинските плаќања е толку далеку отидено, што Риксбанк смета дека банките мора да бидат обврзани да прифаќаат депозити во банкноти или ковани монети, обврска што сега ја немаат. Оттаму и препораката од гувернерот дадена во март, дека се потребни закони со кои ќе се обезбеди можноста за плаќање со кеш.

    Шведскиот е сосема спротивен од нашиот проблем, за кој неодамна директорот на Дирекцијата за банкарски картички и платежни сметки во Комерцијална банка, Киро Чадиковски, препорача – да ги игнорираме продавниците и трафиките кои немаат терминали и оние што не дозволуваат плаќање со картичка, односно „да одиме во продавниците каде нашите навики ќе бидат соодветно задоволени и ќе има постерминал да си платиме и да си купиме едно шишенце вода за 22 денари“.

    Освен што се корисни и практични, безготовинските плаќања се мошне значаен инструмент во борбата против сивата економија. Практиката го потврдила нивниот придонес во сузбивањето на таа појава. Сите трансакции се евидентираат и се има увид во паричните текови, кои во нашиот случај, успешно понираат.

    новинар: Маја Анастасова

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично