Повеќе од еден век „Вартекс“ беше симбол на модата и квалитетот, текстилен гигант од Вараждин кој вработуваше повеќе од 10.000 работници. Постои 106 години, во кои беспрекорно скроената облека се продаваше во Лондон, Осло, Њујорк, Берлин и ширум Западот. Имаше сопствени трговски марки, стоковни куќи и бројни продавници. Во „Вартекс“ работеле генерации семејства од Вараждин и околината.
Работниците кои до неодамна штрајкуваа за да се изборат за две неисплатени минимални плати, зборуваат за состојбата во која е денес хрватскиот и некогашен југословенски текстилен гигант и велат – жално и тажно е што мораше да дојде до ова.
„Никој не ја сака оваа ситуација во која сме сега, но веќе е премногу. Дојди, не ја земаш основната плата, минималец од 650 евра. Страшно“, вели за „Индекс.хр“ една од работничките.
Тажни се, затоа што се чувствуваат запоставени и заборавени од Управата која нема одговори, а не знаат ниту каква е иднината на „Вартекс“, кој е вткаен во секоја пора од градот Вараждин и неговата околина.
„Проблемите настанаа пред многу години, под други раководства и само се натрупуваа, се натрупуваа, се натрупуваа и за жал, ниту едно од тие поранешни раководства не е одговорно за тоа што се случува“, вели работничката.
Постарите работници со носталгија зборуваат за тоа како „Вартекс“ некогаш бил како држава во држава, и тоа социјална. Работниците имале свој лекар, дури и гинеколог, бидејќи секогаш работеле повеќе жени, автобусите на „Вартекс“ ги носеле работниците до и од работа, неколку генерации работници на „Вартекс“ живееле во згради изградени за нив, а илјадници куќи во Вараждин се изградени токму од работниците на „Вартекс“.
Всушност, како и во низата примери по распадот на заедничката држава, проблемите се лоцираат во лошата приватизација, а почетоците се во 90-те години од минатиот век. И покрај идејата околу пет илјади работници да станат акционери, пресудиле тогашната политика и главните актери на приватизацијата.
Приватизацијата почнала во погрешно време, смета Мелита Кличек, заменик-претседател на синдикатот на „Вартекс“, смета дека приватизацијата на „Вартекс“ почнала во погрешно време, кон крајот на 1994, со назначувањето на Анѓелко Херјавец за генерален директор, кој најавил отпуштање на вишокот работници, на околу 400 луѓе.
Кличек посочува дека Херјавец имал тенденција да го пресели производството од „Вартекс“ во Индија, односно бизнисот да биде поевтин, а профитот поголем.
„Го намалија бројот на работници, еден погон беше затворена, но секогаш имаше загуба. Од каде?“, се прашува Кличек и додава – секоја управа доаѓала со зборовите „ќе го спасиме Вартекс“, но „никој не го спасуваше Вартекс“.
Понатаму, приказната е класична. Акционерите не размислувале за натамошно производство, туку за пренамена на просторот и продажба на недвижен имот. Се работи за површина од 220 илјади квадратни метри од едната и 42 илјади квадрати од другата страна на патот. А, Заводот за урбанизам на Загреб направил елаборат „Вартекс“ за пренамена на просторот, вели Јосип Тот, поранешен директор на претставништвата на „Вартекс“ во Стокхолм, Лондон и Женева.
Игри имало и понатаму. Во 2017 „Вартекс“ влегува во таканаречена предстечајна спогодба и почнува на некој начин да се консолидира, но во значително помал обем на производство и во значително помал обем на целиот промет. Тогаш се одржало акционерско собрание, на кое морало да се прифати наметнат предлог од наводно британска компанија, која доаѓа со пет милиони евра и ќе го спаси „Вартекс“, но вредноста на акциите требало да се намали од 50 на 10 хрватски куни. „Адресата на фирмата беше во дворот на катедралата Свети Павле во Лондон“, вели Тот.
Англичаните се откажале, па на сцена стапува Ненад Бакиќ, најголемиот акционер на „Ватекс“, кој бил и претседател на Надзорниот одбор и претседател на Управата. Тоа време вработените го паметат како период на преродба, кога се купувале материјали, се шиело, се креирале колекции, се напредувало. Се користеле најдобрите материјали што постојат во светот од брендот „Лоро Пиано“ и се работело со визија дека пропадната текстилна фабрика може да прерасне во успешна модна компанија. Тогаш биле отворени 15 продавници, од кои две во Словенија, потоа и во Србија. Но, настапува Короната, со неа и проблемите.
Работниците излегоа на улица, велат тоа е крик на очај, за да ги слушнат, затоа што бараат помош од сите страни. Непријатно се изненадени од одлуката на Хрватската банка за обнова и развој, која е во државна сопственост, да не го прифати, односно да не одобри пари за планот за стабилизација на „Вартекс“. Сепак, сметаат, за „Old money brand“ секогаш постои надеж.