ПОВЕЌЕ

    Павле Гацов: Против сивата економија треба да се бориме со „тенкови“

    Време зa читање: 8 минути

    Македонија има големи даночни ослободувања и ниски даночни стапки, но не е даночен рај, вели даночниот експерт Павле Гацов. Во поткастот „Каде се парите?“, зборува за тоа зошто граѓаните како даночни обврзници не прашуваат каде се трошат нивните пари, што треба да се менува, како да се намали сивата економија…

    MMF и Светска банка забележуваат дека Македонија има големи даночни ослободувања, кои во суштина ја замаглуваат економската суштина. Гацов објаснува:

    „Данокот се формира од две суми. Тоа е даночната основа. На таа даночна основа се применува пропишаната даночна стапка. Toa значи, ако даночната основа е повисока, а стапката фиксна, ќе собереме повеќе данок. Обратно, ако стапката е пониска, а фиксна е даночната основа, ќе собереме помалку данок. Со даночните ослободувања ние ја намалуваме даночната основа. Значи, тоа е механизам за намалување на даночната основа, за да се остварат одредени политики и интереси на државата. Своевремено, ако котирате на Берза – намалуваме, ако реинвестирате – намалуваме, за спортот – намлуваме… Во таков контекст, експертскиот свет забележува дека тоа стана простор на изигрување на објавените стапки, политики номинални и дека тоа ја замаглува економската суштина“.

    Додава дека даночната стапка од 10 проценти со ефективната даночна политика и со даночните ослободувања, доаѓа до шест или седум проценти.

    „Македонија номиналната даночна стапка од 10 ја намалува во пракса со даночните ослободувања. Тоа го гледа и ММФ и Светска банка и велат – претерувате, внимавајте, прибирате премалку во однос на тоа колку кажувате. А, уште повеќе, пак, ако споредиме во однос на тоа колку трошите, премалку е. Трендот треба да се насочи за да прибираме повеќе приходи кај даночните ослободувања да ги контрахираме, да ги намалиме, односно некои од нив да ги укинеме, некои да преполовиме… Тоа треба новиот министер/министерка за финансии да го има предвид и да се отвори дискусија и со заинтересираните. Пред сѐ, ова треба да се адресира на коморите, треба да се адресира на спортските работници, културата…“.

    Државата не е класифицирана како проблематична од аспект на тоа дека со ниските стапки и олеснувањата претставува даночен рај.

    „Ако ги споредиме ефективните даночни стапки, Македонија има прилично ниски даночни стапки. Даночен рај, тука препознаваме и некоја лоша намера. Сепак, Македонија не е во таа категорија. Врз основа на сите извештаи, не е групирана во тие проблематични земји, 50-60 што се наброени. Има уредна даночна администрација, ја следи наплатата, плаќањето на даноците, се проверува од аспект на спречување на перење пари, така што не би ја ставил Македонија во таа категорија. Ние сакаме даноците да ни бидат предност, особено кога повикуваме инветитори… Новата влада во програмата го кажува тоа, Македонија ќе има ниски и рамни даноци, 10 проценти“, вели Гацов.

    Ако даночниот товар е поголем, тогаш и интересот на јавноста за трошењето на нивните пари ќе се зголеми, нагласува Гацов:

    „На пример, многу ќе ви биде важно како се трошат вашите пари прибрани од даноци ако ви прибираат 40-50 проценти, како што е во земјите од скандинавскиот дел на Европа… Но, ако ви зимаат десет или ефективно шест проценти како што спомнавме, велиш па добро, тоа не е толку важно. Затоа незаинтересираност и затоа не прашувате каде се трошат парите. Треба да ја подигнеме свеста кај луѓето дека и кај малите пари може да се прават злоупотреби и да се трошат и умно, ама и безумно. Ако даночниот товар е зголемен, е поголем, сигурно и интересот на јавноста ќе биде поголем. Со низок даночен товар мале е интересот за контрола за тоа како и каде се трошат парите. За неразумна власт ова е керозин во погонот за корупцијата. Не може да се нападне директно. Од една страна сакате да привлечете странски инвестиции, немате правна држава, немате патишта, немате многу работи, единствено што може да направите е да ги намалите даноците. Но, од друга страна тоа ви дава комоција…“.

    Со палетата инструменти за оданочување, Македонија не заостанува многу зад другите земји, смета Гацов, но нагласува според тоа како се структурирани, како се реализираат и по ефективноста во наплатата – се разликува. Притоа наведува дека даночното зафаќање кај нас е едвај до 30-на проценти од БДП, а во Словенија е преку 40 проценти. Сепак, укажува – „не велам дека треба да се зголемуваат, велам во апсолутна сума ако се приберат, тоа значи од сивата економија, толку повеќе можности за инвестирање во државата“.

    Во нашата економија, вели, најзначаен е ДДВ. Но, најиздашен е данокот на добивка, бидејќи се плаќа во секоја фаза на прометот, се одбива од финалната потрошувачка, се враќа, речиси е беспрекорен, но ако функционира беспрекорно – ако се издаваат фискални сметки, ако се наплатува во секоја фаза од прометот, ако нема сива економија…

    „Пазете, многумина ќе речат – па добро, 18 проценти е ДДВ, максимално, нели, но не е така. Осумнаесетте проценти кои сопственикот на компанија нема да ги уплати, да ги плати на државата, му заштедуваат уште 10 проценти данок на добивка, му заштедуваат уште 10 проценти персонален данок на доход, бидејќи тоа се треба да плати за пак да му дојдат во џеб. Социјални придонеси 28 проценти му заштедуваат. Значи, преку 60 проценти е неговата пазарна предност во однос на тој што издал фискална и ги уплатил во банкарскиот режим. Не може фиксно да го кажам дека е 60, може е 57, може 62, бидејќи има едно лично ослободување кај персоналниот данок, кое е фиксно на секоја сума. Инаку, генерално, во просек е 60-на проценти“.

    Државата е премногу несериозна во односот кон сивата економија, тврди Гацов:

    „Оние што се во Формалната економија се демотивирани, многумина од нив дури сакаат да излезат, во сивата да прејдат, бидејќи гледаат – не ги санкционираат, немаат последици, а 60 проценти од парите остануваат во џебот и тоа ви дава нова можност. Ако отидете да купите ќерамиди, градите куќа, ќе ви речат ако сакате на фактура е 100, ако сакате во готово е 40, карикирам. Уште поевтини набавки ќе имате. А, ќе излезе на улица, по истата улица ќе тргне како и вие, во болница дури и пред вас ќе биде, бидејќи ќе даде 30 евра не е важно на кого, а вие немате затоа што отишле вашите пари кај него. Затоа сивата економија да ја подигнеме на национално зло, треба некој за ова да зборува постојано и да наоѓа алатки, а светот ги измислил и ги има“.

    Борбата со сивата економија не е едноставна, но многу е важна и политичката волја.

    „Не постои лесна работа, но вие сте избрани од народот, се обраќам на тие што се избрани, за тоа да го направите. Со сивата економија, условно зборувам, треба да се бориме со тенкови. Тоа значи робусно, во сите системи, од сите аспекти. Да не се дозволи да се направи дупче во некој од системите, бидејќи од таму ќе протекува. Значи, системски се напаѓа по шавовите, по сите страни се напаѓа сивата економија и нема милост, не се дозволува никој да се протне… Дали ќе се направи такво нешто, ние ќе следиме. Ветувањата треба да се исполнуваат. Шансата е до крајот на годината, ќе видиме во која насока ќе се движат ваквите најави. Ако се покажат сериозни обиди за борба против сивата економија, ќе се врати оптимизмот и довербата на овие во формалната економија. Ако ни дотурат уште малку повисоки даноци, дефинитивно тоа ќе ги дестимулира и ќе бегаат. За надвор веќе се знае. Но, ќе бегаат во неформалната економија, бидејќи е многу покомотно“ предупредува Гацов, кој заедно со Зоран Јовановски и Александар Стојков во рамките на СКСМ изработија анализа за сивата економија.

    Податоците се поразителни, сивата зона зафаќа над 30 проценти. А, доколку се намали и се достигнат европските петнаесеттина проценти, тогаш истакнува Гацов, секоја година во буџетот ќе има плус 450 милиони евра или – секоја година нов клинички центар. Вели во борбата против ова зло треба сите да помагаат, но стожерот треба да биде мал тим во рамките на Министерството за финансии, во кој ќе се инкорпорираат Министерството за труд, УЈП, Царината и дел од Министерството за економија. Сепак, вели, овие институции немаат целосен капацитет за справување со сивата економија.

    „Потребно е ангажирање на млади, паметни, едуцирани кадри во овој контекст. Второ, исклучително недостасува дигитализацијата. Тоа ќе овозможи формирање регистри, следење по регистри, вкрстување на регистри, проверки…, на некој начин тоа ќе ги исфрли на површина носителите и креаторите на сивата економија. Додека е сивата економија керозин на корупцијата, а знаеме ние кај е корупцијата, ќе се оставаат повеќе дупки и тогаш нема да биде ефикасна борбата против сивата економија“, дециден е даночниот експерт.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично