„Пари“ анализира: Кои се најдобрите компании од Битола според приходите во 2023
Битола има солидна бизнис база. Таму е единствениот домашен производител на сладолед, единствената квасара, таму е најголемиот производител на млеко и млечни производи. Има силни градежни фирми, конкурентна ИТ компанија, веледрогерија, производител на струја, странска инвестиција за производство на делови за автомобили… Или, градот со векови бил и сѐ уште е значаен економски центар во Македонија.
Од бројните фирми кои си ја тераат работата од „битолските сокаци“, ги издвојуваме врвните 20 по остварениот приход во 2023 година. Порталот „Пари“ ги анализираше податоците достапни на „Бизнис мрежа мк“ и изброи 817,8 милиони евра како нивно заедничко остварување. Толку пари се слеале и се свртеле кај нив во текот на ланското работење.
МИЛИОНСКИТЕ ПРИЛИВИ НЕ ГАРАНТИРААТ МИЛИОНСКИ ДОБИВКИ
Оваа листа ја предводи „Кромберг & Шуберт“ Македонија, најголемата компанија во Пелагонискиот регион. И најголем работодавач, каде што лебот го вадат 6.858 лица (бројка од крајот на 2023). Вкупните приходи остварени лани се 21.688.754.079 денари или 352,2 милиони евра. Со тоа, за 40,82 проценти е поправен резултатот од 2022, кога станувало збор за „само“ 250,1 милион евра. Сигурно, и битолскиот дел од огромната целина која има повеќе од 50.000 вработени во над 40 локации, го применува единствениот клуч за успехот, културата на компанијата, заснована врз ентузијазмот и мотивацијата да се обезбедат креативни решенија во производството.
Со мрежата од стотина аптеки, со снабденоста и услугата „Еурофарм“ одамна излезе од пелагониската рамка. Застапник е и увозник на 20 реномирани светски фармацевтски, медицински и козметички брендови. Оваа фармацевтска компанија лани инкасирала 3.406.649.586 денари, односно 55,3 милиони евра. Во поглед на годината пред тоа, има раст од 5,29 насто.
Основната дејност е изградба на објекти од нискоградба, а вршат ископ на земја, темели, изградба на патишта… Сепак, „Марковски компани“ во годините наназад е позната не само по добрите резултати, туку и како фирма која добива тендери, понекогаш и во „четири очи“, без оглед која гарнитура е на власт. Најчесто се споменува во контекст на ЕСМ и РЕК „Битола“. На топ 20 листата 2023 ја има високата трета позиција со приходи од 2.817.314.977 (45,75 милиони евра). За една година во овој сегмент фирмата направила крупен исчекор од 51,6 проценти (2022 – 30,18 милиони евра).
Битолската млекара ја има уште од СФРЈ, од 1952 година. Ја одржал квалитетот и големиот избор на производи, кои се заслужни и за ланскиот прилив од 2.662.505.970 денари (43,2 милиони евра). Дека во овој поглед нема изненадувања покажуваат и прекланските приходи од 41,3 милиони, со што растот е за 4,73 насто.
Следи ПЗУ-аптека Еурофарм. На приходното салдо од минатата година има 2.629.246.002,00 денари, односно противвредност на 42,7 милиони евра. Во однос на 2022 и тогашните 40,5 милиони евра бележи зголемување од 5,45 проценти. Под „свое“ ја има битолската спортска гордост – ракометниот клуб Еурофарм Пелистер. Исто и Еурофарм Пелистер 2 или „расадникот“ на млади ракометари и таленти.
Вртат пари коцкањето и обложувањето. Тоа е основната дејност на „Клуб спорт 77“, каде што во текот на минатата година влегле 2.436.410.862 денари (39,57 милиони евра), за 9,67 насто повеќе за разлика од 2022 (36,08 милиони евра). Сепак, и ова друштво за производство, трговија и услуги, во Битола препознатливо како „Клуб слот 77“ и „Евротип“, е пример дека милионските приливи не значат секогаш и милионски добивки. Лани профитот бил 458 илјади евра, со минус 27,43 проценти во однос на преклани.
Семејната компанија „Синпекс“ на име приходи евидентирала 1.950.000.000,00 денари или 31,67 милиони евра. Во ова друштво на 20 фирми, според растот од 77,27 насто е второрангирана. Во 2022 имала приливи од 17,86 милиони евра. Парите ги заработува преку застапување, продажба и сервисирање на механизација, машина и опрема за земјоделстството, шумарството, градежништвото и за општа употреба. Опстојува од 1990 година.
Обезбедува разновидна консултантска и административна поддршка – здравствeни услуги, осигурување, маркетинг. И има приходи од 1.713.790.487 денари (27,8 милиони евра). Станува збор за „Таскфорс“, која осум години за клиентите ги „брка“ здодевните и понекогаш долготрајни администpaтивни процедури. По приходите е на осмото, а по нивниот раст од 71,20 насто – на третото место. Во 2022 зборувале за 16,25 милиони евра. Компанијата не заостанува ниту како работодавач, ланскиот податок е 1.951 вработен.
И ЗК „Пелагонија“ е една од компаниите милијардери во денари, според приходите. Се работи за 1.657.754.933 денари (26,9 милиони евра) и за зголемување од 27,64 проценти во однос на 2022 (21,1 милион евра). Познато е, делува во домен на агробизнисот, со основна дејност примарно земјоделско производство.
Од земјоделие – во градежништво. На самата средина од листата е „Стентон градба“ со 1.400.731.705 денари (22,75 милиони евра) како остварен приход во 2023, за 7,76 насто повеќе од годината пред тоа (21,1 милион евра). Со конкуренцијата се носат успешно повеќе од 18 години: имаат производство на бетон, проектираат, градат, вршат надзор на објекти од нискоградба, високоградба, хидроградба, мостови, патишта…
Топ 20 компании со највисоки приходи во 2023
Извор: БизнисМрежа.мк
МИЛИЈАРДЕРИ ВО ДЕНАРИ 12 КОМПАНИИ ОД ПЕЛАГОНИСКИОТ РЕГИОН
Уште две фирми денарски милијардери. „ЕРИ корпорејшн“, компанија со странски капитал, еден од најголемите производители и извозници на топлински разменувачи и вентилациски компоненти, има приход од 1.307.214.098 денари (21,23 милони евра) и раст од 4,72 проценти. Во сопственост е на британската „Volution Group plc“.
Најдобриот македонски сладолед излегува од „Цермат“, а оди и во Европа. Компанијата има и други замрзнати производи, а работата лани им донела приход од 1.184.004.741 денар или 19,2 милиони евра, со раст од 4,30 проценти. Тука завршуваат милијардерите.
Прв со приливи под тој праг е „Киро Дандаро“, фирма со 80-годишна традиција, која лани премина во сопствеништво на хрватскиот „Сато“. Годината на промените ја заврши со раст на приходите за 0,92 насто и со износ од 988.000.000 денари (16,04 милиони евра).
За 6,45 проценти се повисоки приходите на глобалната мултидисциплинарна ИТ компанија ⋮IWConnect, со првично и правно име „Интерворкс“. Од минатогодишното работење, од иновативните решенија, обезбедени се приливи од 770.182.786 денари (12,5 милиони евра). И покрај растот во овој дел, бележат пад кај добивката од цели 72,07 отсто и од 2,8 милиони евра во 2022, изнесува 782,3 илјади евра.
На петнаесеттата позиција е „Евро-Стил“. Од увоз-извоз и дистрибуција на трактори, комбајни, земјоделска, градежна, шумска механизација, рачен алат… лани е остварен приход од 722.265.260 денари (11,73 милиони евра).
ПРОФИТОТ ЗГОЛЕМЕН ЗА 1.197 ПРОЦЕНТИ – Кој имаше рекордна жетва во Пелагонија?
Единствената Фабрика за квасец и алкохол го „надигна тестото“ за 30,51 насто. Приливите во 2023 изнесувале 713.610.288 денари (11,59 милиони евра). Но, и нејзината добивка е речиси преполовена.
„Лакталис“ МК Млекарница лани регистрирала приходи од 676.039.293 денари, односно 10,98 милиони евра. Со тоа е направено натфрлување за 13,56 проценти. Исто така, фирмата успеала да се извлече од загубата во 2022, па лани влегла во позитива со добивка од над 407 илјади евра.
Уште еден тендерски соработник на ЕСМ, кој се ангажира во РЕК. Друштвото за производство, трговија и услуги „Руд-Коп“ од Битола ја завршил минатата година со запишани 615.678.090 денари (9,99 милиони евра) на приходната страна. Состојбата е за 11,08 проценти подобра отколку во 2022.
Последните две места од листата ги заземаат фирми со приходи од над половина милион денари. „Пелагонија енерџи“ бележи минус од 20,65 проценти. Од 683.048.874 денари (11,09 милиони евра) во 2022, приливите паѓаат на 541.883.471 денар (8,8 милиони евра). Таквото движење се одразува врз добивката со намалување од 82,10 отсто, од 1,1 милион на 205 илјади евра.
Списокот на 20 топ битолски фирми според остварените приходи завршува со ВИГО-48 и резултатот од „спакувани“ приходи од 503.849.905 денари или 8,18 милиони евра и раст од 9,64 насто. Од дејностите пакување лани не успеале да ќарат. Компанијата има загуба од 59 илјади евра.
Редакција Пари