Регионализација, укинување на партиципацијата за лекови од позитивната листа, укинување на партиципацијата за специјалистички и субспецијалистички прегледи, на болничката партиципација за пензионери, малолетни лица и за ранливите категории се клучните реформи што треба да се направат во македонскиот здравствен систем. Ова се согледувањата на детскиот хирург во приватното здравство и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Ристо Симеонов, искажани во поткастот „Каде се парите?“. Искусниот доктор, кој 20 години минал во јавното здравство, ги знае неговите болки и болести и смета дека се потребни сериозни хируршки резови за тој систем да се излечи и да застане на свои нозе.
За да ја реализира таа визија, вели, преку ВМРО-ДПМНЕ ќе го вложи својот интегритет, своето искуство и знаење, сѐ со цел – да се креира функционален здравствен систем од кој ќе имаат добробит и пациентите и здравствените работници, што во Македонија го нема повеќе од 34 години.
„За себе и за своето семејство имам доволно. Меѓутоа, не е идејата себичност или добробит само за себе и за блиските околу тебе. Ако другите немаат среќа и вие нема да имате квалитетен живот. Затоа одлучив да креирам здравствена политика во интерес на сите граѓани на Република Македонија. Да не се лажеме, сам не можете ништо да направите. Мора да формирате тим за да создадете позитивна енергија и да формирате соодветен здравствен систем кој ќе биде функционален и од интрес на сите граѓани“.
Симеонов верува дека министер за здравство треба да биде сериозна, квалитетна личност, реализирана и професионално и приватно, и најважно од сѐ – „никому да не должи ништо“.
А, за тоа по што би се разликувал од претходниците, доколку ја добие таа функција, вели:
„Јас сум човек со амбиции, имам претходно искуство, имам визија, знам како функционираат други здравствени системи. Не треба да измислиме топла вода, треба да примениме функционален зравствен систем од соседството. Конкретно, Хрватска, Словенија, Србија, па и Бугарија. Сите тие се функцонални здравствени системи.
Верувам во добрата намера на секој претходен министер и на секој следен министер, меѓутоа има нешто што ја закочило таа желба да се постигне успех. Имам верба во самиот себе. Секогаш тежнеам кон успехот, кон врвот. Сакам да постигнам нешто што ќе биде базирано на квалитет и на вредности“.
Ја наведува Турција како држава со високо функционален здравствен систе, каде што се почитуваат вредностите и авторитетите. Притоа, уште во текот на студиите менторот, односно едукаторот знае какви вредности, афинитети и квалитети има идниот доктор, што влијае врз идната специјализација.
„Секаде позади специјализацијата на докторот стои соодветна здравствена институција. Таму уште во текот на специјализацијата се знае на кое скалило ќе биде идниот доктор специјалист и се знае каде ќе работи. Кај нас години наназад, па и со децении докторите од болниците во Охрид, Битола, Тетово, Штип се се праќаат на специјализација во Скопје, затоа што такви се условите. Сите тие во текот на специјализацијата од петни жили ќе најдат начин, најчесто политички, да остана да работат во Скопје. И, сега имаме проблем. Проблемот е што 95 отсто од граѓаните се лекуваат во Скопје“.
Таа состојба, тврди докторот, може да се смени со регионализација на здравствениот систем.
„Треба да почне да функционира системот на регионализација. Штип, Струмица, Охрид, Битола и Тетово да бидат пет регионални центри на територијата на Македонија. Во прво време, првите неколку години, доктори и здравствени работници од Скопје ќе одат да работат во тие регионални болници. Каде пишува дека треба работното место да ти е преку улца. Кога работев во Истанбул патував час и половина до работното место. Не е причина ако живееш во Скопје да не работиш во Тетово. Тоа нема да бидат казнени експедиции, тоа ќе бидат хероите на регионализацијата. Поедноставно е да испратите пет доктори во некоја регионална болница, отколку илјадници пациенти секојдневно да доаѓаат во Скопје. Тие ќе бидат соодветно наградени за тоа“.
Симеонов вели – нема веќе принцип желби, има принцип потреби, па докторите, здравствените работници, медицински сестри, ќе треба да одат да работат во регионалните центри на одреден период.
„Има инфраструктура, секој град има болница. Сме имале период 30-40 години наназад, кога функционирале тие болници. Не е потребно да размислуваме за нов или за уште еден клинички центар во Скопје и уште повеќе да ја потенцираме потребата сите да се лекуваат во Скопје.
Регионалните болници, петте регионални центри Штип, Струмица, Битола, Охрид и Тетово ќе даваат услуги на секундарна и терцијарна здравствена заштита. Ќе опфаќаат регион од околу 200 илјади граѓани. Тоа значи дека пациентите за тие услуги нема да патуваат во Скопје. Клиничкиот центар во Скопје ќе остане терцијарно ниво и ќе ги дава услугите за регионот на Скопје и околината. Истите тие услуги ќе ги има и во Штип, Струмица, Битола, Охрид и Тетово. Како што реков, тоа не е процес кој може да се случи преку ноќ да профункционира, меѓутоа мора да се почне и реков нема принцип желби, има принцип потреби“.
Неговите согледувања се дека постојат и ресурси и човечки капацитет, кадар, но лоша е распределеноста. Оттаму, вели, не се потребни многу пари.
„Не се работи за пари. Овде се работи за принципи, работни навики, работни обврски, должност, почитување авторитети, за општо добро. Не се многу пари во прашање. Во прашање е прераспределба на здравствениот кадар за да почне да функционира тој систем. Затоа што сите тие болници имаат инфраструктура. Треба да се вложи во модернизација на таа инфраструктура, во опрема, меѓутоа има нешто што постои и не треба од темел да градиме нови болници“.
Како значаен аспект посочува на дигитализацијата.
„Потребна е дигитализација во здравството, односно здравство без хартија. Сегашната слика е редици пред амбулантите, пациенти со листови хартија, со цедиња со папки, понекогаш во тој куп документи и самиот доктор не може да се снајде. Затоа е потребен интегриран информатички здравствен систем, каде што целокупното досие на пациентот ќе го има во соодветен софтвер, до кој ќе имаат пристап сите доктори. Сериозна ИТ компанија тој систем може да го имплементира и да го спроведе за шест месеци, максимум една година. Од матичните доктори до терцијарното здравство сите ќе бидат вмрежени во тој систем, каде што секој доктор ќе има пристап до досието на секој пациент“.