За отворање нови работни места во претпријатијата – микро, мали и средни, државата ќе се задолжи со 50 милиони евра кај Банката за развој при Советот на Европа. Парите ќе стигнат во стопанството со посредство на Развојната банка како заемопримач, а ќе бидат дистрибуирани преку деловните банки. Колкава е каматата на задолжувањето не е познато, односно ќе се утврдува при повлекувањето на траншите.
До пари ќе можат да дојдат претпријатија со помалку од 250 вработени. Условите предвидуваат поволна каматна стапка и соодветни рокови на отплата на деловните банки што ќе им овозможи да ги пласираат средствата до крајните корисници со пониски маргини и каматни стапки. Кои, пак, ќе зависат од тоа дали заемите ќе бидат наменети за инвестиции или за задоволување на потребите за обртни средства.
Всушност, тоа се и двете компоненти кои може да се финансираат со овој заем. Инвестициската зафаќа речиси 70 отсто од позајмицата и подразбира купување машини, опрема, капитални добра и деловна опрема за продуктивна употреба, како и хардвер, софтвер и дигитални технологии. Втората од 30 проценти, пак, е насочена кон потребите за обртни средства.
Реализацијата на сето ова ќе треба да ја овозможат пратениците. Во Собранието е доставен Предлог на Закон за гаранција на Република Северна Македонија на обврските по Рамковниот договор за заем кој ќе се склучи меѓу Банката за развој при Советот на Европа и Развојната банка на Северна Македонија АД Скопје за програмски заем на Развојната банка на Северна Македонија АД Скопје за креирање на работни места во микро, мали и средни претпријатија во Северна Македонија, по скратена постапка.
Инаку, ЦЕБ во ноември лани донесе одлука за одобрување на овој програмски заем, за што јавноста тогаш беше информирана.
Заемот ќе се повлекува во најмалку две транши. Каматната стапка не е договорена. Ќе се утврдува, заедно со другите услови – износ на транша, датум на исплата, рок на отплата… – при секое повлекување на средствата.
Што се однесува до дозволеното време за отплата, рокот за отплата „освен на транша за обртни средства, нема да надмине осум години, со вклучен грејс период од една година“. Со појаснување дека „рокот за отплата на секоја транша за обртни средства нема да надмине три години, без вклучен грејс период“.
Како што е наведено од предлагачот, односно Владата, основната цел на овој заем е „целосно задоволување на потребите на микро, малите и средните претпријатија, стимулирање на процесот на производство, обезбедување на ликвидност на претпријатијата, зачувување на постојните и отворање на нови работни места, како и задржување на конкурентната позиција на компаниите“.