ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ | КАНЕВЧЕ: Денарот поседува софистицирана заштита, тешка за фалсификување

    Време зa читање: 13 минути

    Способноста на еден систем успешно да го зачува интегритетот на домашната и странската валута на својата територија е суштинска за целокупниот интегритет и стабилност на домашната економија и финансискиот систем. Со директорката на Трезорот при Народната банка, Соња Каневче, зборуваме за една од значајните функции на централната банка, односно издавањето и управувањето со книжните пари на Република Северна Македонија.

    Во интервјуто директорката на Трезорот открива како можат граѓаните да ги препознаат заштитните елементи на парите и на тој начин да се заштитат доколку евентуално се појави фалсификат.

    Оригиналите се разликуваат од фалсификатите по видот и квалитетот на хартијата од коja се изработени, по звукот што се слуша при превиткувањето, односно шушкањето на парата, но има и други заштитни елементи коишто можат да се забележат. Такви се водениот печат или знак којшто го имаат парите, флуоресцентните влакненца, заштитната нишка и составот и комбинацијата на бои.

    Пари: Директорке, Народната банка секојдневно се грижи и управува со физичката сигурност, квалитетот и потребните залихи на кованите и книжните пари. Како се постигнува навремено задоволување на побарувачката на банките и центрите за готовина?

    Каневче: Имајќи ја предвид законската регулатива со којашто на Народната банка ѝ е доделено ексклузивното право за издавање книжни и ковани пари, коишто се законско средство за плаќање во нашата земја, акцентот во овој сегмент од работењето е ставен на обезбедување еден стабилен систем на снабдување со готовина, преку следење на циклусот на готовите пари и организирање на сите активности поврзани со овој систем, што како крајна цел обезбедува интегритет и доверба во националната парична единица.

    Истовремено, приспособувајќи ја националната регулатива со онаа на земјите членки на ЕУ и земјите кандидатки за членство во ЕУ, Народната банка ги определи стандардите и критериумите за контрола на квалитетот на книжните и кованите пари во оптек. Имајќи предвид дека Народната банка е единствената институција којашто обезбедува стручно мислење за автентичноста на книжните и кованите пари, деноминирани во денари или во странска валута, дополнително е нагласена одговорноста за обезбедување доволна количина квалитетни пари во оптек и соодветно избалансирана апоенска структура на книжните и кованите пари, заради задоволување на побарувачката и обезбедување стабилен систем на снабдување со готовина. Преку воспоставениот систем за следење на расположливите количини и апоенската структура на парите, како и изработка на соодветни анализи со вклучување на факторите коишто влијаат врз движењата на побарувачката на одредени апоени, се предвидуваат потребите за набавки во идниот период, коишто се составен дел на годишните планови на Народната банка. Набавките на парите се спроведуваат во согласност со предвидената временска динамика и регулативата, којашто се однесува на организирањето и спроведувањето на постапките за јавни набавки.

    Пари: Директорке, низ годините сме сведоци на се почеста појава на фалсификувани пари во регионот и кај нас. Дали фалсификуваните пари се честа појава и што презема централната банка во таков случај?

     

    Каневче: И покрај тоа што фалсификувањето во нашата земја е на релативно ниско ниво, Народната банка презема бројни активности за спречување и справување со сите активности поврзани со фалсификувањето на парите. Спречувањето од една страна се врши преку развој и надградба на заштитните елементи на парите, а од друга преку постојана едукација и информирање на јавноста за начините на проверка на автентичноста на банкнотите и монетите. Статистиката покажува дека на секои 1.000.000 парчиња оригинални банкноти во оптек има помалку од 5 фалсификувани банкноти, што ја сведува на минимум веројатноста дека населението ќе се сретне со фалсификувана банкнота.

    Најчесто, во Народната банка се доставуваат фалсификувани банкноти коишто се со релативно лош квалитет на изработка, што овозможува едноставно и лесно откривање и нивно повлекување од оптек. Сметаме дека голем удел при откривањето на фалсификуваните пари има и нашата институција којашто постојано изведува специјализирани обуки за вработените кај субјектите коишто во секојдневното работење доаѓаат во непосреден контакт со готовина, заради зајакнување на нивните капацитети за брзо, лесно и ефикасно препознавање на фалсификуваните пари и нивно отстранување од оптек. На овој начин практично се зајакнува најважната алка во спречувањето на фалсификувањето којашто претставува првата одбранбена линија во заштитата на интегритетот на парите.

    Во случај на појава на нов тип фалсификат, Народната банка во договор со МВР решава за тоа дали, кому и на кој начин му се даваат потребните известувања за појава на таков фалсификат. Во согласност со договореното, Народната банка дава соодветни соопштенија, посебно за финансиските институции, а посебно за јавноста. Соодветните служби во финансиските институции треба постојано да ги имаат предвид соопштенијата примени од Народната банка за откриените фалсификати, како предупредување во својата работа со парите.

     Пари: Колку е безбедна домашната валута − денарот од фалсификување? Има ли доволно заштитни елементи?

    Каневче: Анализите коишто Народната банка постојано ги спроведува недвосмислено го потврдуваат сознанието дека македонскиот денар поседува софистифицирани заштитни карактеристики и елементи коишто не се едноставни за фалсификување. Соодветно на ова сознание, во Република Северна Македонија не се забележува некоја позначителна појава на фалсификувани банкноти, особено не на фалсификувани примероци коишто по своите карактеристики можат да го доведат во заблуда населението. Во основа, во Народната банка се доставуваат фалсификувани банкноти коишто се со релативно лош квалитет на изработка, што овозможува едноставно и лесно откривање и утврдување на нивните карактеристики.

    Во согласно наведеното, ниту една од нашите денарски банкноти не е лесна за фалсификување.

     Пари: Како можат да се заштитат граѓаните од примање фалсификувани пари и што треба да направат, ако во нивни раце падне фалсификувана банкнота или монета? Каде да пријават?

    Каневче: Заради недоволно или несоодветно познавање на карактеристиките на одредени изданија на книжните пари, граѓаните при секојдневното одвивање на готовинските трансакции се соочуваат со проблемот на препознавање фалсификувани банкноти. Честопати пред нив е поставена дилемата дали некоја од парите којашто се нашла во нивниот паричник е фалсификат или не, па самите себеси си го поставуваат прашањето „како да препознаам фалсификат?“.

    Некогаш е доволно да ја погледнеме банкнотата и веднаш да забележиме дека е фалсификат. Оригиналите се разликуваат од фалсификатите по видот и квалитетот на хартијата од која се изработени, по звукот што се слуша при превиткувањето, односно шушкањето на парата, но има и други заштитни елементи коишто можат да се забележат. Такви се водениот печат или знак којшто го имаат парите, флуоресцентните влакненца, заштитната нишка и составот и комбинацијата на бои.

    Во оваа прилика, би сакала накратко да ги појаснам карактеристиките на оригиналните банкноти и постапката којашто секој субјект може да ја примени за препознавање фалсификувана банкнота. Накусо, граѓаните во три брзи чекори, преку допир, визуелно и преку нанесениот холограм, можат да распознаат фалсификувани пари.

    Со допир

    • Проверка на видот и квалитет на хартијата којашто е употребена за изработка. Хартијата на оригиналните банкноти е изработена од памук, што при допир значително се разликува од онаа на којашто се работат фалсификатите, изработена од целулоза и вообичаено таа е со различна структура и покрута од оригиналната.
    • Карактеристичен звук при превиткувањето. Звукот што се слуша при превиткувањето на оригиналната банкнота, односно нејзиното шушкање е специфично и појасно од фалсификатите.
    • Печатењето инталјо (Intaglio) ѝ дава посебна структура на хартијата, којашто може да се почувствува при допирот со прстите. Доволно е да се провлечат прстите преку деловите на аверсот или реверсот на банкнотата за да се почувствува специфичната релјефна структура којашто фалсификуваните банкноти вообичаено не ја поседуваат.

    За полесно распознавање на банкнотите од страна на лицата со делумно или целосно оштетен вид, македонските банкноти се изработени во различна големина (во зависност од деноминацијата) и на аверсите имаат релјефно отпечатени ознаки во вид на легнати триаголници или правоаголници, коишто овие лица лесно ги препознаваат на допир.

    Визуелно – коешто можеби е најприменливо и најефикасно за граѓаните, бидејќи сетилата за допир не се подеднакво развиени кај сите единки. При подигнувањето на банкнотата наспроти дневна светлина се забележува:

    • Заштитниот конец. Кај оригиналните банкноти заштитниот конец е вграден во хартијата од којашто се изработени банкнотите и се појавува како темна линија низ којашто се гледа скратеницата НБРМ, додека кај фалсификуваните банкноти таа е нанесена на хартијата во вид на одвоени сегменти.
    • Водениот печат. Водениот печат којшто вообичаено е претставен со некој од носечките мотиви на дизајнот е отпечатен на хартијата при производството на хартијата и е видлив од двете страни на банкнотата, додека на фалсификуваните банкноти обично или воопшто, го нема или е нејасен и е нанесен на едната страна од банкнотата
    • Двоен пасер. Тој е претставен со стилизиран цртеж составен од два различни дела на двете страни на банкнотата коишто се надополнуваат единствено кога банкнотата ќе се изложи на светлина, што кај фалсификатите мошне тешко може да се изведе.
    • Иридисцентна лента, кај  банкнотите од 200, 500, 1000 и 2000 денари. Тоа е вертикално нанесена обоена лента со метален сјај по целата широчина на банкнотата, каде што под одреден агол се гледа стилизиран цртеж и нумеричката ознака на апоенот.
    • Холограм (на поголемите апоени). Холограмот како заштитен елемент е воведен кај банкнотите во апоен од 1000 и 500 денари на изданието од 2003 година и апоенот од 2000 денари. Кога банкнотата се набљудува под одреден агол, апликацијата има својство да ги менува бојата и формата.

    Секако, нашите банкноти содржат и други заштитни карактеристики, но во оваа  прилика им дадовме приоритет на оние коишто се лесно применливи и препознатливи за обичните граѓани.

    Граѓаните се должни да го пријават во полиција секој случај на појава на сомнителен примерок на одредена банкнота или монета, без   разлика дали се работи за денари или за некоја од странските валути. Откако ќе ги соберат потребните информации, Министерството за внатрешни работи ја доставува сомнителната банкнота или монета до Народната банка за стручно вештачење − експертиза. Доколку со вештачењето се утврди дека сомнителниот примерок е фалсификат, Министерството за внатрешни работи, во соработка со Јавното обвинителство спроведуваат истрага сѐ до целосното расчистување на случајот.

     Пари: Еден од условите на патот кон ЕУ е борбата за справување со фалсификување евра. Колку имаме напредок кај тој критериум?

    Каневче: Во моментов, претставници на Народната банка се членови на работните групи за подготовка на преговарачките позиции за преговори за пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија, во рамките на подрачјето „Заштита на еврото од фалсификување“, како дел од поглавјето 24 − Правда, слобода и безбедност и поглавјето 32 − Финансиска контрола од кластерот 1 − Фундаментални вредности.

    Како членови на работните групи, претставниците на Народната банка учествуваа и во сите активности поврзани со подготовката на билатералната фаза на аналитички преглед за двете поглавја коишто се одржуваа во текот на ноември и декември 2022 година во Брисел.

    Претставник на  Народната банка беше во улога на презентер за делот „Заштита на еврото од фалсификување“ на билатералните фази за поглавјата 24 и 32.

    Во однос на системот за заштита од фалсификувањето во нашата земја, покрај  Народната банка се вклучени и Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство, Царинската управа и Управата за финансиска полиција. Соработката помеѓу институциите е официјализирана во септември 2011 година, со потпишувањето на Меморандумот за соработка во областа на справувањето со фалсификувањето пари.

    Правната регулатива и правните акти коишто се однесуваат на системот за борба против фалсификувањето пари во голем дел се усогласени со европското законодавство коешто ја регулира оваа област, а институционалната поставеност е во согласност со Меѓународната конвенција за справување со фалсификувањето валути.

    Во однос на заштитата на еврото од фалсификување, одредбите коишто не се усогласени со националното законодавство ќе бидат во целост прифатени, односно усвоени со стапувањето на Република Северна Македонија во Европската Унија. Во овој дел нема отворени прашања, ниту поважни препораки наведени во годишните извештаи на Европската комисија. Како приоритети и предизвици за во иднина, предвидени се постојана надградба на техничките капацитети на сите институции, ангажирање мотивирани и стручни кадри коишто ќе работат на спречување и справување со фалсификувањето, организирање кампањи за подигнување на јавната свест кај граѓаните и истакнување на важноста на проверката на автентичноста на банкнотите и монетите, како и остварување соработка со сите национални и меѓународни институции коишто се вклучени во системот за справување со фалсификувањето.

    Во однос на „Забрзаната интеграција“, како нов елемент што овозможува учество на земјите кандидатки во законодавството на ЕУ пред вистинскиот пристап во ЕУ, во рамките на презентацијата на билатералните состаноци изразивме интерес за учество во Програмата „Перикле IV“, којашто овозможува финансирање на размената на персонал, семинари и обуки за сите институции коишто се вклучени во системот за борба против фалсификување на еврото.

    Пари: Централната банка ги обучува другите институции во борбата против фалсификуваните пари. Која е целта и какви се резултатите од овие обуки?

    Каневче: Народната банка како законски овластена институција за издавање на парите во Република Северна Македонија има задача да ги обезбеди заштитата и интегритетот на книжните и кованите пари во оптек, а со тоа и да ја одржува довербата на јавноста во националната валута, а пошироко и на останатите странски валути коишто слободно циркулираат. Обезбедувањето на интегритетот на книжните и кованите пари како средство за плаќање, значи брзо воочување на сомнителните примероци и нивно отстранување од оптек и  доставување во Народната банка, заради анализа и поддршка на истрагите коишто ги спроведува полицијата во рамките на справувањето со изработката и натамошното распространување на фалсификатите.

    Нема сомнение дека во синџирот на справување со фалсификувањето, најважната алка ја претставуваат лицата коишто вршејќи ја својата професионална дејност секојдневно ракуваат со парите. Овие лица кои секојдневно доаѓаат во контакт со книжните и кованите пари се всушност првата одбранбена линија во заштитата на интегритетот на парите и се очекува освен извонредното познавање на карактеристиките на оригиналните пари, при ракувањето со нив постојано да ги развиваат тактилните вештини и визуелната перцепција со што трајно ќе ги меморираат својствата на оригиналните пари, што, пак, ќе придонесе за ефикасно откривање на сомнителните примероци. Во тој контекст, Народната банка ќе продолжи со засилено спроведување на обуките на сите вработени во банките и центрите за готовина, за подигнување на способностите за брзо, сигурно и ефикасно откривање на сомнителните книжни и ковани пари.

    Покрај тоа, во согласност со препораката на твининг-проектот „Јакнење на капацитетите на системот за борба против фалсификување на евра“ за усвојување на Националниот план за обука, се прошири опфатот на обуките, па експертите од Народната банка организираат обуки за запознавање со заштитните елементи на книжните и кованите пари деноминирани во денари, евра и американски долари за вработените во институциите вклучени во системот за справување со фалсификувањето на парите (Министерството за внатрешни работи, Царинската управа, Јавното обвинителство и Финансиската полиција).

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично