Мала“ сугестија за мерката субвенционирање на придонесите за зголемување на платите од 3.000 до 9.000 денари.
Мерката на субвенционирање на социјалните придонеси веќе еднаш беше во функција и беше прилично успешна. Тогашната мерка беше внимателно креирана и обезбедена од системски пропусти.
Потсетување: Во функција на зголемување на платите за нето износ од 600 до 6.000 денари месечно по работник, државата ги покриваше социјалните придонеси за периодот октомври 2019 – септември 2022 година (3 години).
Најавата (28.11.2023) за иста ваква мерка во рамките на Владиниот пакет за помош на граѓаните и бизнисот ќе биде „ранлива“ доколку компаниите, потенцијални корисници имаат можност да влијаат врз исполнувањето на условите за субвенционирање на социјалните придонеси за делот на зголемени плати за износ од 3.000 до 9.000 денари.
Имено, со изјава во јавноста беше најавено дека мерката ќе се однесува на вработените во приватниот сектор, ќе се применува од месец јануари 2024 година следните 12 месеци, со тоа што зголемувањето на платите ќе се утврдува во однос на просечната плата на секој работник поединечно за периодот октомври – декември 2023 година.
Каде е неконзистентноста на мерката? Во моментот на објавата треба да биде анулирано субјективното влијание на потенцијалните корисници во однос на исполнување на условите за користење на мерката.
За да е појасно, девалвациите во минатото секогаш се најавувале ноќта пред самиот чин на девалвација, за да се елиминира можноста за остварување на шпекулативни добивки од промената на курсот што ќе следи.
Да се вратиме на најавите на мерката за субвенционирање на социјалните придонеси за делот на зголемување на платите.
Со оглед дека платите за ноември и декември 2023 година НЕ СЕ исплатени, и дека според изјавата во медиумите, платите од последниот квартал ќе бидат репер од кој ќе се мерат условите за субвенционирање на придонесите за делот на зголемените плати, очекуваме во месеците ноември и декември 2023 година, кај заинтересираните компании да се случи намалување на платите на вработените за да се освои подобра позиција во однос на најавената мерка.
Решение:
Мерката ќе биде непристрасна и „неранета“ доколку како референтна плата за споредба се користи просекот на платите од месеците август, септември и октомври 2023 година.
И второ уште поважно, со оглед дека мерката поттикнува зголемување на плата од 3.000 до 9.000 денари, важно е истата да се однесува на сите вработени, сите плати и сите компании, односно да не се лимитира само за оние со пониски плати. Имено, мерено во проценти, помало субвенционирање (регресивност) ќе добијат токму оние со повисоки плати.
Со мерката, со пари од буџетот ќе се финансираат социјалните фондови (Впрочем тоа е редовна практика и до сега), напиша на својот „Фејсбук“ профил даночниот експерт, Павле Гацов.