ПОВЕЌЕ

    Пазарни импликации од воениот конфликт помеѓу Израел и Хамас

    Време зa читање: 5 минути

    На почетокот на месец октомври, милитантната група Хамас започна смртоносна, повеќестрана офанзива од појасот Газа врз Израел со истрелување ракети и испраќање на своите сили во земјата преку копно, воздух и море. Како одговор, израелскиот премиер Нетанјаху изјави дека сега започнуваат долга и тешка војна. Тековно, борбите на воен терен продолжуваат, а меѓусебните напади се интензивираат, резултирајќи со бројни човечки жртви. Загубата на човечки животи е несомнено трагичниот исход од секој воен конфликт, а во ова кратко согледување ќе се осврнеме на потенцијалните импликации од конфликтот врз глобалните финансиски пазари.

    Историски наназад постојат примери за претходни воени конфликти во регионот на Блискиот Исток кои што предизвикале значајни геополитички и економски последици ширум светот, исто како што се случи во 1970-тите години. Меѓутоа, разликите од пред педесет години и денес се евидентни. Од една страна, ОПЕК и производителите на нафта од Блискиот Исток имаат се помалку доминантна позиција во глобалната понуда на нафта како резултат на зголеменото производство на американска нафта од 2010 година и големиот скок на производството од Русија од 2008 година, кои создадоа подиверзифициран пазар на нафта од три страни, доминиран од САД, Русија и Саудиска Арабија. Меѓу трите доминантни производители на нафта, можеби Саудиска Арабија има најмала преговарачка моќ поради нејзината најголема финансиска зависност од приходите од нафта без останати значителни приходи што Русија и САД ги уживаат од други фосилни горива и стокови производи. Од друга страна, нивото на кохезија помеѓу земјите од Блискиот Исток е пониско, споредено со периодот пред 1970-тите години. Моменталната моќ на производителите на нафта на Блискиот Исток и арапските земји е многу помала отколку во минатото, главно поради политичките промени во многу арапски држави по Арапската пролет (2010-2012), серија анти- владини протести, востанија и вооружени бунтови кои се проширија низ арапскиот свет во Блискиот Исток и Северна Африка.

    Аналитичарите на Bloomberg Economics објавија три сценарија за понатамошниот тек на конфликтот. Сценарио број 1 подразбира војната да остане ограничена на израелска и палестинска територија што би имало минимално глобално влијание, во услови кога Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати би ги надополниле барелите иранска нафта. Второто сценарио подразбира проширување на конфликтот кон Либан и Сирија, што ефективно би преминал во прокси војна помеѓу Иран и Израел, и економската штета би била повисока. Ваквото сценарио би значело проширување на тензиите и во поширокиот регион, 10% раст на цената на нафтата, намалување на глобалниот раст за 0,3пп во 2024 година како и раст на глобалната инфлација за 0,2пп. Директниот конфликт меѓу Иран и Израел (Сценарио број 3) е сценарио со мала веројатност, но опасно. Тоа може да биде поттик за глобална рецесија. Зголемените цени на нафтата и намалените ризични средства би му задале значителен удар на растот и би ја зголемиле инфлацијата. Во ова сценарио, вмешаноста и зголемените тензии на суперсилите би додале до нестабилност.[1]

    Во однос на пазарните импликации, овој конфликт најмногу се очекува да влијае на цената на нафтата. Иако не се очекува големо влијание се додека војната е локализирана, постојат нагорни ризици за истата доколку конфликтот заземе поширока димензија. Цената на нафтата може да влијае на стапката и очекувањата за инфлација кои и ја диктираат траекторијата на монетарната политика. Зголемени очекувања за инфлација може да влијаат на зголемување на волатилноста на пазарите. Сепак, веројатноста за настанување на “worst case” сценарио на арапско-израелска војна преку кое глобалната економија и финансиските пазари би почувствувале значајни последици тековно е ниска.

    Историски, геополитичките настани имале ограничен надолен импакт на акциските пазари. Сепак, доколку продолжениот конфликт ги зголеми очекувањата за инфлација и следствено за продолжена рестриктивна монетарна политика, негативното влијание кај акциските пазари би можел да биде позначаен. Од друга страна, информацијата за продолжување на конфликтот може да придонесе до нагорен потенцијал на средствата кои се сметаат за “безбедни засолништа” како што се златото и американскиот долар. Конфликтот има потенцијал дополнително да придонесе кон постоечкиот тренд на поларизација на веќе затегнатите геополитички односи на светската сцена. Исто така, вклучувањето на САД во конфликтот би имало дополнителен негативен импакт на буџетскиот дефицит и јавниот долг на САД, што би можело да се рефлектира врз движењата на приносите на државните американски обврзници.

    Сумарно, иако тековното влијание од воениот конфликт помеѓу Израел и Хамас врз светската економија и пазари на капитал е ограничено, веројатноста за зголемено негативно влијание не е исклучена. Напротив, истата е директно поврзана со потенцијалите за проширување на конфликтот и вклучување на повеќе земји во истиот. Влијанието од овој конфликт примарно може да се ефектуира во цените на нафтата и следствено раст на стапките на инфлација на глобално ниво. Исто така, може да придонесе за негативен пазарен сентимент, пад на акциските пазари и раст на обврзничките приноси, при што нагорни движења би можеле да забележат златото и американскиот долар.

    Сава пензиско друштво, како долгорочен инвеститор, во континуитет и посветено ги следи состојбите на финансиските пазари, притоа проценувајќи ги долгорочните очекувања и следствено преземајќи соодветни инвестициски активности во најдобар интерес на членството.


    [1] Извор: Bloomberg, Wider War in Middle East Could Tip the World Economy Into Recession, October 13, 2023

    Извор: Блог портал- НикогашСами

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично